Во меѓувреме се подготвува селективен закон за амнестија за 27 април. Ќе бидат амнестирани отворачите на собраниските и европските врати, без кои немаше да има народ во Собранието, само за да гласаат неуставна ликвидација на Македонија. Судени ќе бидат уметници, уставобранители, оние што мирно протестираа и пееја македонска химна
Груевски фотографиран на улица во Будимпешта. Еве го сега Груевски, јаде во ресторан. Срка отсечно со десната рака, додека левата веѓа му подрипнува. Груевски фатен на дело, пробува чевли во продавница. Сензационална вест, Груевски ги шета новите чевли покрај Дунав. Од извори блиски на сосетката на Груевски, неофицијално дознаваме, дека тој, по долгата прошетка крај Дунав, ги држел нозете во леѓен топла вода цели четириесет минути. Што планира и како утре ќе нè изненади Груевски?
А ха, вака звучи Македонија. Може државата да ја снема прекуноќ, да станеме Бугари со грчка историја, некој да ни подметне антракс во воздухот, а бре може вонземјани да слетаат на улица кај што Тортевски сака да помине, па да се степаат, нам око нема да ни трепне. Ние втренчено чекаме да видиме дали на Груевски око ќе му трепне. Од медиумската жабокречина, преку интелектуалната бижутерија, до фејсбук-патриотите, сите се во Груевски филм. Да бев на негово место, ќе ѝ понудев на телевизија Телма реално шоу а ла Ози Озборн. Нека се забавува северноцрпната раја. Баш на Телма, оти толку се опседнати со Груевски, ни егзорцисти веќе не помагаат. Да ја сретнеше Луис нашава Телма, ќе се фрлеше сама во амбисот. Очекувам вечер ударни вести. Сензационално, Русјаков ја почна колумната со Груевски спомнувајќи го во десет реченици.
А во остатокот од реалноста, каде што не успеавме да го напикаме Груевски, мирно си тече 1913 година. Груевски во Будимпешта, Букурешт верзија 1913, во Македонија. Среќа што Србите си имаат свои проблеми, па не додаваат сол во отровната македонска манџа. Затоа Бугарите и Грците сосема одлепија. И којзнае по кој пат Македонија е причина за разголување на нивните вековни фрустрации. Како ликови од фрикшоу пред очи ни се редат Захариева, Каракачанов, Ципрас и Каменос. Секој со своите национални комплекси. На крајот од нивната хистерија излегува дека ние сме западни Бугари од Северна Македонија, кои уживаат да крадат грчка историја. Што е логично, нели? Особено ако си Зоран Заев или новинар во негова сопственост. Или негов северноцрпнат поддржувач. Сега чекам Заев да се согласи со гореспоменатата грчко-бугарска четворка, па да ни соопшти дека е крајно цивилизирано и демократски да признаеме дека не постои македонски јазик ко што вели Захариева, а за кој јазик Ципрас ќе бара анекс во Обединетите нации, по што Македонците нема да постојат како нација, зашто така вели Каракачанов, ама па таа непостојна нација мора да престане со крадење грчка историја, како што бара Каменос.
Ете, повторно ни доаѓа некаков заменик (помошник, чиновник, началник) државен секретар на САД. Не можам да ги пофатам веќе. Се чувствувам изгубено во американската политичка бирократија ко со фамилијарнине титули. Мамо, која беше женава? Засрами се, сине, таа ти балдаза. А ха, а оној? Значи стварно си за никаде, тој му е баџанак на татко ти, а таа таму ни е золва. Оди фати им го крајот. Особено во комбинација со државниве секретари на САД. Денес ни доаѓа заменик-баџанакот на државната золва при секретаријатот на балдази на Соединетите Американски Држави.
А дека безумноста кај нас е нормална, секојдневно се уверуваме. Ципрас ни вели дека Преспанскиот договор не е за влез во ЕУ и НАТО, туку за промена на името. Дека нема македонски јазик, па затоа ќе реагирал во ОН. Заев ни објаснува дека договорот е за влез во ЕУ и НАТО и е гаранција за постоењето на македонскиот јазик. Каракачанов и Захариева запнале дека нема Македонци, па јасно е дека нема ни македонски јазик.
Заев се прави мутав, па вели дека сега кога имаме суперодноси со соседите, ќе се посветел на економијата. Бугарите јасно кажуваат дека нема ЕУ и НАТО додека не ја бугаризираме историјата, а македонскиот јазик го прогласиме за бугарски дијалект, зомби-аналитичарите и ГМО-професорите на Заев ни објаснуваат дека ЕУ ни е на дофат од рака. Истата таа ЕУ гори, во хаос е, само што не почнала револуција, а ваму, интелектуалната бижутерија, лажната авангарда и потомците на црвената буржоазија, сите до еден, демек прогресивно граѓанство, ни мантраат дека ЕУ е рај и дека без членство во Унијата ќе нè снемало. Стојан Андов го посочува Фрчковски како директен виновник за атентатот врз Глигоров, ОЈО си дреме, зашто реагира на допрен глас само за фејсбук-постови на Миленко, па нашево професориште ни објаснува дека Македонците се измислена нација, а на Иванов требало да му следува импичмент и затвор. МПЦ ни кажува дека името требало да се смени, па веројатно размислува да се преименува во ГТЦ. Кај и да е, очекувам Уставниот суд да се прогласи за ненадлежен околу уставните промени. Оти тие, секако, надлежни се само за климатските промени. Истовремено МАНУ смислува начини како без потпис на претседателот да се имплементира неуставниот Преспански договор.
Е, ама, наеднаш тој договор не му се допаѓа на Каменос, коалицискиот партнер на Ципрас, па ни соопшти дека нема да ја поддржи неговата ратификација во Грција. Проблем биле будалаштините на Заев со кои тој се обидува нам да ни ги замачка очите. И сега што да прави пустиот? Јас имам решение. Заев да донесе закон дека Заев не постои. Така, сѐ што рекол Заев, не можело да биде речено од Заев.
Потоа Фрчко може да каже дека Заев е измислен лик. Дека изводот од матично му е со фабричка грешка. А МАНУ ќе бара креативно решение како без Заев да продолжи да владее Заев. Звучи крајно логично среде безумиево на нашата реалност.
Цинизмот настрана, а што ако Грција навистина не го ратификува договорот? Што ако Русија му стави вето во Советот за безбедност на ОН? Мислам, ако навистина се случи ова, ако Грците и Русите нè спасат од самите нас? Оти ние малодушни, себични, неодговорни, суетни, саможиви, злорадосни и конформисти какви што сме, заслужуваме ли воопшто држава? Заслужуваме ли иднина ако минатото ни е товар, па дозволуваме банда професорски полтрони да тргуваат со неа, затоа што седнале во скутот на безумноста? И што ако тоа се случи? Што ќе правиме со сите оние силни експертишта што, при здрав разум, мораа да изигруваат кловнови бранејќи нешто што не се брани? Кои практично прифатија да признаат дека се западни Бугари од Северна Македонија што краделе грчка историја, па тргнаа и нас да нè убедуваат во нивната безумност.
Во меѓувреме, се подготвува селективен закон за амнестија за 27 април. Ќе бидат амнестирани отворачите на собраниските и европските врати, без кои немаше да има народ во Собранието, само за да гласаат неуставна ликвидација на Македонија. Судени ќе бидат уметници, уставобранители, оние што мирно протестираа и пееја македонска химна. И после Груевски добил политички азил бегајќи од корумпирано судство што врши политички прогони.
П.С. А да, воопшто не ме интересира дали „експертите“ на Заев правеле будали од себе за џабе или за хонорар.