Дали е застарен концептот за нуклеарно семејство? Финската новинарка од нигериско потекло и авторка на блогот „МсАфрополитен“, во колумна на Си-ен-ен ги анализира неговите недостатоци и ограничувања
Мина Салами
Ништо не ме тера да размислувам за значењето на семејството колку загубата. За три години, изгубив тројца од луѓето што ги сакав најмногу: баба ми, мајка ми, а потоа и мојот вујко, кој ми беше како втор татко.
Во еден миг од депресијата што настапи по смртта на мајка ми, се роди една неочекувана мисла: ми беше мило што немав семејство. Едноставно не можев да се грижам за потребите на некој друг дури и на најситен начин, имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓав.
Мислата ме зачуди. Како единствено дете, секогаш стравував дека еден ден ќе морам сама да се соочам со агонијата на губење на родителите. Сепак, почувствував олеснување токму во таа ситуација, колку и да беше минливо.
Кога размислував за тоа подлабоко, сфатив дека ми олесна што немам семејство во потесна смисла на зборот. Се чувствував среќно што ги имав татко ми, сестрата на мајка ми, моето пошироко семејство, моите пријатели, моите тетки и блиските пријатели на мајка ми, кои ми обезбедија смирувачка, нежна, женска љубов. Многу го ценев тоа семејство.
Она што не го сакав во оваа пресвртна точка во мојот живот беше нуклеарното семејство, таа западна дефиниција што обично се состои од двајца родители и можеби едно или две деца. Кога го сфатив тоа, почнав да размислувам уште повеќе за тоа што значи поимот „семејство“ за мене.
Прво, дозволете ми да бидам јасна: разбирам зошто љубениот партнер и децата може да бидат вистински извори на радост и удобност за многу луѓе. Всушност, веднаш по смртта на мајка ми се заљубив, а таа врска ми донесе утеха.
Но во современото општество ние осцилираме меѓу контрадикторните идеи за семејството, како место на утеха и институција на традиција и догма, каде што се одржуваат репресивни и застарени ставови.
Сфатив дека жените имаат особено конфликтни ставови за семејството, што не е изненадување со оглед на тоа што институцијата семејство често ги обесхрабрува жените, без разлика дали станува збор за нивните сексуални, репродуктивни, правни или економски права. Бракот, кој често се смета за столб на нуклеарното семејство, останува многу поповолен за мажите, а голем број студии покажуваат дека жените сѐ повеќе избираат да не стапуваат во брак.
Дополнително, луѓето што пораснале во земји што биле колонизирани од Западот мора да се справат со пресекот помеѓу типично западните идеи за семејството и нивните традиционални идеи. Растејќи во Лагос, Нигерија, бев сведок на тоа како полигамното и западното нуклеарно семејство се испреплетуваа на начини што понекогаш ги правеа многу подинамични, но истовремено и ги компромитираа жените.
Исто така, традиционалниот концепт за семејството на Западот е заснован на хетеронормативност, односно на верувањето дека хетеросексуалноста е нормален израз на сексуалноста. Затоа тоа е компромисен простор за многу ЛГБТК-луѓе и за оние што повеќе не се заинтересирани за вршење традиционалните женски и машки улоги.
Како луѓе, ние копнееме по блискост кон другите, за чувство на припадност, за место каде што можеме да одиме кога животот ни нуди предизвици. Но ние сме во момент од времето кога итно треба да го редефинираме и одделиме поимот на семејството од патријархатот и хетеронормативноста, ако сакаме да опстанеме. Само тогаш можеме да донесуваме информирани одлуки за тоа што навистина е идеално семејство.
Тука не станува збор за криење на минатото или препакување на традиционалните поими за семејство како зајакнување на „феминизмот на изборот“.
Ослободено од ограничувањата на патријархатот и хетеронормативноста, семејството може да биде многу повеќе од структура на присилно поврзување и ропство. Семејството може да биде безбеден простор ослободен од општествените хиерархии и предрасуди. Тоа, исто така, може да преземе различни форми. Како што вели Тони Морисон: „Двајца родители не можат да го направат и да одгледуваат дете. Имам пријателки што една на друга си се еден вид систем за поддршка во животот. Потребно ни е племе. Не е важно како ќе се нарече – пошироко семејство или големо семејство. Тоа ни е потребно“.
При справувањето со загубата и со тагата не ми беше првпат да почувствувам олеснување што не сум во нуклеарно семејство. Доаѓајќи од долга традиција на феминистки што го оспоруваат концептот за семејството, многу повеќе се интересирам за поимот семејство што значи длабоко пријателство (кое може или не може да биде од романтична природа), солидарност на сестринството и промисленото формирање трајни врски со други.
Можеби има смисла што овие мисли ми се родија откако почина мајка ми. Освен што бевме биолошки поврзани, ние бевме и семејство, бидејќи имавме длабоко пријателство, бевме политички усогласени и бевме свесни дека развивме однос што носеше бескрајна радост. Ние бевме многу повеќе од семејство сведено само на крвна поврзаност.