Тоа е, драги мои. Процесот на живеење во заедница наречена држава и нација е динамичен, во постојано движење, конфликтен и во жестока борба. На овој свет не постои ниту една работа што е дадена за вечноста и која е постојано иста. Такво нешто нема. Панта реи. Сѐ тече и сѐ се менува. Државата со нејзиното внатрешно уредување е менлива, па тоа ли не го знаеме? Државата и внатрешните територии се менливи. И тоа ли ни е непознато? Но менливи и непостојани се и надворешните граници на државите. Кој дел од ова не го разбираме? Ништо не е дадено еднаш засекогаш. За да се зачува нешто, тоа треба да се афирмира и брани. Нема друг начин. Но никој уште не зачувал нешто свое негирајќи го и не бранејќи го. Како го браните тоа од чии делови без борба се откажувате и го давате на некој друг што мисли дека е негово или претендира на него? Јас не можам да сфатам како ни се случи да не можеме да разбереме и прифатиме елементарни вистини. Но како влеговме во овој лавиринт на незнаење?
Ние, драги мои, сме таму каде што сме поради примитивизмот, кој метастазира до таа мера што го зафати целото општество. Но оваа состојба на примитивизам беше очекувана, неизбежна и неминовна. Беше само прашање на денот кога таа стихија ќе тргне во безмилосен поход на уништување на сите вредности, на рушење на сите сознанија што нудат што било друго освен храна за стомакот и забава за плебсот. Тоа е. Ние не смееме да го негираме фактот дека сме во арената и дека ако сакаме да преживееме, ќе мора да се бориме со полулуѓе, чија сила е во нивното мускулесто тело и острото сечило на оружјата со кои сакаат да нѐ искинат на парчиња. Ова е борба со диви ѕверови, и со најпримитивните и најнечесните подметнувања и изненадувања што можеме да си ги замислиме, без правила и без милост кон нас.
Со империјата и императорот, кои се на нивна страна и уживаат во моќта да гледаат како гинат најдобрите и најубавите, поразени од најдолните и најгрдите.
Тоа е така затоа што и империјата е длабоко влезена во сопствениот примитивизам, кој таа го манифестира преку создавањето на таа арена и нејзиното присуство во почесните ложи. Сѐ додека не се соочиме со фактот дека ова не е игра туку реалност и сѐ додека не прифатиме дека одбивањето да се бориме на примитивен начин e неизбежна, сѐ додека мислиме дека борбата со примитивни дивјаци е недостојна затоа што ние сме витези на духовните вредности и знаење, сѐ дотогаш ќе гледаме како на оние пред нас им ги кинат главите, им ги парчосуваат телата и ги фрлат на лавовите. Страшничко е малку, знам, крв на сите страни, дивјаци врескаат во екстаза, публиката е на нозе и шири раце кон запрегата што фрла леб кон нив, а вие стоите во редот, подмочани дека следниот кому ќе му ја отсечат главата сте вие.
Што да се прави? Што мислите, освен консолидација на умот, создавање стратегија за одбрана, давање на најдоброто од својот и од општиот ум и влегување во борба со примитивни крвници за опстанок, дали е можен излез на другата страна од арената? М? Да не мислите дека оваа борба ќе заврши така што еден убав пролетен неделен ден ќе отидеме на избори, ќе гласаме и сѐ ќе се реши!? Секој што мисли дека ова ќе заврши како општо самосознание и во облик на општо покајание ќе биде прифатено од мнозинството и ќе се манифестира како мнозинска определба за промени со заокружување на бројка од избирачки список, тој се мами самиот. Секој што мисли дека излезот од оваа ситуација е со избори се лаже себеси, а секој што го кажува и протежира тоа ги лаже и другите, заради незнаење или заради намера. Изборите, драги мои, не се излезот од овој лавиринт. Изборите се само покажана волја на мнозинството за одење кон излезот, а не е наоѓање на патот што води кон излез од лавиринтот. Секој што го мисли тоа е вовлечен во идејата на примитивизмот, а секој што тоа јавно го протежира е апологет и слуга на примитивизмот. Примитивизмот што го зафати целото општество е состојба на умот и борбата со него ќе биде долга и мачна. Примитивизмот е привлечен, шеќерлив, меден, сладок, тој е ниска страст кон која секој од нас може лесно да посегне и да ја прифати. Примитивизмот секогаш има пријатна надворешност, убаво мириса и му се нуди секому, се разбира евтино. Затоа е и така општоприфатен. Но примитивизмот е магнетизам што прво на себе ги привлекува и цврсто ги лепи најмалите честички, струганиците што се наталожуваат цврсто притиснати едни во други.
Поголемите делови од општеството, тие кои за да бидат привлечени и залепени од магнетизмот мора да бидат физички придвижени до него, најчесто остануваат сегментирани, а погледнати од страна изгледаат како никому ненужни, како отфрлени површини без живот и значење. Ние мора да се соочиме со фактот дека македонскиот примитивизам во суштина е она што е: отпадот на општеството, фирата, цвиката, ѓубрето што се наталожило во процесот на меѓусебно општествено триење на големите општествени групи. Вообичаено е кога тоа триење е интензивно да се создаваат и повеќе струганици што не можат да ги издржат притисокот и триењето од другата страна и паѓаат во празниот простор на општеството како примитивна вредност. Ние, во овие осумдесет години борба, антагонизам, меѓусебно политичко, економско, духовно и социјално триење, создадовме толку многу отпад што се натрупа, поврза меѓу себе и се претвори во буниште што доминира над сите и над сѐ, до таа мера што целиот наш општествен живот се подреди околу една голема депонија што, разбирливо е тоа нели, апологетите ни ја претставуваат безмалку со вредност на нова историска Вавилонска кула. А буништето, драги мои, знаете дека секогаш е извор на храна, но и извор на болести. А апологетите се хранат од буништето, од остатоците на господарската трпеза. Тие примаат сѐ, сосе болестите. Но дали е ова врвот на депонијата? Не знам. Но дека натрупувањето ново ѓубриште е застанато, тоа е факт. Секој може да го види.
Оние што ја создадоа оваа примитивна политичка депонија сфатија дека се омирисани и пред две години се повлекоа во скапите бањи и тоалети и сега сме сведоци како безмилосно ја тријат и ја чистат од себеси смрдеата што ја собраа профитирајќи од бизнисот со општествени депонии, кој секогаш и секаде бил вносен. Ѓубрето е конјуктурно, ако можете да го поднесете како мириса. И ако имате стомак да се прпелкате во него. Каде се децата и внуците на комуњарите што беа во центарот на депонијата? Каде е целата дузина на комуњарска универзитетска елита што беше дел од либералната револуција во која беа втурнати или се самоподметнаа без да се свесни за тоа дека се само леандри во рециклирани лимени тенекии подредени околу депонијата за да се скрие грдотијата и колку толку да се придуши смрдеата? И дека откако ќе си ја завршат својата улога на декор ќе бидат тргнати и преместени да украсуваат некои други ќошиња по туѓи куќи и туѓи бели дворови? Но дали е ова пикот на натрупување на општествениот примитивизам и негова кулминација, која ќе води кон расплет и крај? Најверојатно е дека она што се нарекува „заевизам“ е во суштина другото име на комуњарскиот примитивизам, изразено како негов највисок стадиум. Впрочем, редоследот на владеење на комуњаризмот веќе сме го определиле: комуњарите, нивните деца и внуци и на крајот нивните трабанти. Со владеењето на Никола Груевски, како највисок стадиум на комуњаризмот, ги поминавме сите други фази. Зоран Заев, драги мои, е трабант на комуњаризмот. Тој нема свој погон, свој генератор. Тој е трабант, приколка што е прикачена за друго возило со сопствен погон и се влече за него.
Трабантот вообичаено се користи кога треба да се пренесе некаков дополнителен товар, да се натовари и да се однесе некаде, најчесто некоја ветоштина и нешто непотребно на некаква депонија. Трабантот Заев беше така и замислен. Да се прикачи на возилото на СКМ/СДСМ, да му се натовари ѓубрето и да се одвлечка на депонијата. Ете што направија. На трабантот му го натоварија ѓубрето, стигнаа до депонијата, го откачија, си заминаа и го оставија таму сосе товар. И што очекувавте да се случи? Заев се искачи на врвот на депонијата прифаќајќи ја како природна средина, како негово царство. И гледаме како му прилега и како природно владее со тој отпад. Човекот е ветрошар, трговец, тој така се дефинира себеси.
И затоа му е сосема својствено, за да опстане, да почне да го продава од ѓубриштето, тоа што останало да се дораспродаде. Сѐ! Па дури и оставината на комуњаризмот, на нивните деца и внуци. И ете, гледаме како го прави тоа, не воздржувајќи се да ги продава дури и тие што го довлечкаа таму. Е сега, нормално е, кога сфатија што направија, децата на комуњаризмот почнаа да викаат дека тој трабант и тој отпад не е нивен и дека тие немаат поим како тој се нашол таму!? Типично за нив. Типично за незрели деца. Чија е каката? Молчат. Не знаат! Веќе многупати видено. Што остана на депонијата? Заев на врвот и еден чекор под него онаа срамота докторска. Тоа е сѐ. Тоа е врвот на буништето. Ова е нашата состојба во која се наоѓаме, а општествено прифатена да се дефинира како „заевизам“. Ако е така, тогаш може ли да се каже дека „заевизмот“ е највисокиот стадиум на примитивизмот? Најверојатно да. Заевизмот е највисокиот стадиум на примитивизмот. Е сега, смрди, знам, но тоа е, што очекувавте кога го трупавте? Дека ќе мириса на „пино силвестре“?
Авторот е режисер и универзитетски професор