Живеејќи во градови со милионски број население, високоразвиена индустрија и големи загадувачи, исправени сме пред многу здравствени ризици. Не се зголемени само респираторните и кардиоваскуларните болести. Со наведените студии јасно се покажува ризикот од сериозни ментални заболувања при големо загадување на воздухот
Шизофренијата претставува едно од најсериозните ментални растројства, кое главно се јавува кај млади луѓе. Главните симптоми се халуцинации (најчесто слушање гласови), делузии, растројство во мисловниот процес, социјална изолираност, намалена емоционалност и губење на мотивација. Симптомите се јавуваат постепено, во раната адултна возраст или уште во адолесценцијата и не ретко никогаш не поминуваат. Можни се силни психотични состојби, кои оневозможуваат нормално функционирање, работна активност и квалитет на живеење. Луѓето што страдаат од ова ментално растројство може да имаат и други коморбидни болести, како што се анксиозно, панично, опсесивно-компулсивно, депресивно растројство, или да се зависници од дроги. Се проценува дека во општата популација, 0,3 – 0,7 проценти од луѓето заболуваат од шизофренија, така што само во 2017 година се пријавени 1,1 милион нови случаи, а тоталната бројка изнесуваше 17,8 милиони заболени. Се смета дека мажите заболуваат почесто од жените, а и почетокот на болеста кај нив се јавува порано. Причината за растројството вклучува генетски и околински фактори.
Како можни околински фактори се наведуваат животот во градови, употребата на канабис во младешкиот период од животот, инфекции, возраст на родителите, лоши нутритивни навики за време на бременоста итн. Генетските фактори вклучуваат многубројни чести и ретки генетски варијанти.
Загадувањето на воздухот настанува кога штетни и ексцесивни количества супстанции се присутни во воздухот околу нас. Тоа може да бидат гасови (амонијак, јагленороден моноксид, сулфур диоксид, нитратен оксид, метан или хлорофлуорокарбонати) или, пак, честички (органски или неоргански), или биолошки молекули навлезени во Земјината атмосфера. Сите овие супстанции може да предизвикаат болести, алергии и дури смрт кај хуманите суштества, но да бидат штетни и за животните и растенијата. Полуцијата ја создаваат природни процеси, но и човековата активност. Таа е особено зголемена во индустриските зони. Се смета дека загадувањето на воздухот е најверојатна причина за смртта на 2-4 милиони луѓе во 2014 година, додека во 2012 година смртен исход е регистриран кај 7 милиони луѓе (спрема извори од СЗО и ИАЕ).
Една од најбитните активности на Обединетите нации е токму борбата за здрава животна средина, намалување на загадувањето на воздухот и воведување алтернативни извори на енергија. Зашто, токму овие проблеми ја менуваат обвивката околу Земјината топка, а со тоа настанува промена и на климата.
Веќе спомнавме погоре дека како ризик за развивање шизофренија се цитирани генетските фактори, но и оние од околината во која живееме.
Една понова данска студија покажува дека лица што биле експонирани на високо ниво на загадување на воздухот во детството се под повисок ризик да развијат вакво ментално растројство. Резултатите од студијата се објавени во списанието ЈАМА оваа година. Се нагласува дека за секои 10 микрограмови на кубен метар концентрација на загадувачи ризикот за шизофренија се зголемува за 20 проценти. Децата што се експонирани на дневна доза околу 25 микрограми/ кубен метар имаат околу 60 отсто поголем ризик да развијат шизофренија, ако се споредуваат со оние што биле експонирани само на 10 микрограмови/м3.
Секако дека ризикот да се развие шизофренија е исто така висок ако постои генетска предиспозиција. Истражувачите сметаат дека овој ризик е независен од другите ризици.
Како поддршка на мислењето за ризик од загадувањето на воздухот да ја спомнам студијата објавена во 2018 година во „Билтен за шизофренија“, во која е покажано дека експериментални животни што имале генетски ризик за оваа болест, ако се експонираат на олово во времето кога се формира организмот, имаат многу голема шанса за развој на шизофренија. Ваквата меѓуигра гени/околина резултира со зголемен ризик и за други ментални растројства. Уште во 2004 година научниците од универзитетот „Колумбија“ сугерираа поврзаност помеѓу пренатално експонирање на олово кај хумани плодови и зголемен ризик од шизофренија и аутизам подоцна во животот. Сепак, во тоа време не беше јасно како оловото тригерира болест. Во една понова студија на оваа тема е покажано дека оловото има инхибиторен ефект врз Н-метил-даспаратниот рецептор (НМДАР), една синаптичка врска што е многу битна за развојот на мозокот, за процесите на учење и меморирање. Оваа хипотеза (наречена глутаматска) сугерира дека дефицит во глутаматска невротрансмисија (а особено хипоактивност на НМДАР) може да биде ризик за дисфункциите што се типични за шизофренија. Како дополнение, со генетски инженеринг кај глувци е докажано дека генот ДИСЦ-1 претставува ризик за развој на болеста кај хуманата популација. Пред раѓањето, глувците биле хранети со храна богата со олово и биле следени преку серија тестови за поведението, но и сликани со магнетна резонанса.
Мутантните глувци што биле експонирани на олово пројавувале повисока хиперактивност, а нивните мозоци имале сигнификантно поголеми латерални комори (празнини во мозокот полни со цереброспинална течност) отколку контролните животни. Со овие истражувања, освен генетиката, се нагласува влијанието на околинските фактори како ризик за шизофренија. Освен оловото, како ризични хемикалии во околината се сметаат полицикличните ароматски хидрокарбонати (ПАХ)
Истражувањата во универзитетот „Колумбија“ минатата година ја поврзаа шизофренијата и со инфламаторни процеси во мозокот. Првпат е покажано дека луѓето со шизофренија имаат поактивни имуни клетки во мозокот од другите, здравите лица.
За да се испита имуната активност на клетките во мозокот, била користена позитрон-емитирачка томографија (ПЕТ). Така, овие клетки, наречени микроглија, одговараат на повреди или инфламации во мозокот и се одговорни за реаранжирање на врските помеѓу мозочните клетки, во еден процес означен како прунинг (чистење). Колку се посилно изразени симптомите на шизофренија, толку е зголемена активноста на микроглија.
Научниците нагласуваат дека овие механизми порано не биле познати. Со тоа, новите наоди може комплетно да го променат разбирањето на шизофренијата и да обезбедат нови приоди во дијагностиката и лекувањето.
Живеејќи во градови со милионски број на население, високоразвиена индустрија и големи загадувачи, исправени сме пред многу здравствени ризици. Не се зголемени само респираторните и кардиоваскуларните болести. Со наведените студии јасно се покажува ризикот од сериозни ментални заболувања при големо загадување од воздухот. Од друга страна, самите медиуми толку многу нѐ бомбардираат со секојдневни известувања за загадувањето на воздухот, што тоа претставува уште еден тригер за менталното здравје. Останува нашиот сопствен избор: дали да живееме во индустриски центри со сите угодности (вода, струја, интернет, парно греење, превоз) или да избереме селска идила. Но и таму не е сѐ розово, и таму демнат ризици по здравјето, но од друг вид. Генетиката не може да се измени, но можеме да ги минимизираме сите околински ризици, кои, ете покажавме, се тригер за сериозни ментални растројства.