За да се утешам дека човекот уште не станал само обична играчка во рацете на злото, ја земам книгата „Филозофија на злото“ на Ларс Свендсен. Читам и малку се смирувам: па злото отсекогаш постоело. И насилството. Го има уште во старогрчките митови. И во „Том и Џери“, и кај Андерсен во сказните
На странски канал гледам најава на нова ТВ-серија, прослава на анaрхијата. На пет секунди се сменуваат кадрите, како флешови. Со тонски акцент. Истрел во нечие чело. Тесно дупче на челото, очите се затвораат, па се отвораат и остануваат отворени. Детали што треба да ги гледа форензичар, не јас, уште помалку моите деца. Рез. Кршење излог со бејзбол-палка. Група набилдани кожени јакни провалуваат внатре. Рез. Лице во крв со едвај препознатлива физиономија. Некој го влече за коса. Му вели да признае. Овој пцуе наместо да признае. Другиот вади нож и му го става на увото. Закана дека ќе му го пресече. Рез. Автомобил со подметната бомба. Експлозија. Пламен, живи луѓе горат внатре. Некој набљудувач од страна, фрла цигара како по добро завршена работа. Рез. Група моторџии јурат по улица. Фрлаат бомба во еден излог. Рез. Див и груб секс. Рез.
Така ли беше? Не сум сигурен: тоа беше навистина луда брзина на сменување слики од насилство. Ама е добар пример за моите студенти кога им предавам веризам, да разберат што е хиперреализам на парчосување на човековото тело. А што ќе научат моите деца од оваа серија? Во каков свет, виртуелен или реален, живеат?
За да се утешам дека човекот уште не станал само обична играчка во рацете на злото, ја земам книгата „Филозофија на злото“ на Ларс Свендсен. Читам и малку се смирувам: па злото отсекогаш постоело. И насилството. Го има уште во старогрчките митови. И во „Том и Џери“, и кај Андерсен во сказните. А, еве, Свендсен говори и за фашизмот и нацизмот. За холокаустот. За геноцидот врз Евреите. За тоа како се бранел еден од оние „главните“ што учествувал во елиминацијата по концентрационите логори. На судот, овој прочуен нацист (намерно не му го спомнувам името, такви животни не заслужуваат да имаат ни име ни помен) изјавува дека сепак, „биле хумани“: кога ги воделе Евреите на егзекуција, ги лажеле дека ги водат на капење. А потоа, низ дупчињата на тушот, наместо вода, им пуштале гас. А врвната „хуманост“ се состоела во тоа што, ако ја земале мајката, ѝ дозволувале да си го земе и детето на капење. Боже, зарем не гледаш дека меѓу луѓето сè почесто се раѓаат животни?! Наместо да се утешам, уште повеќе се разочарувам од човекот, по ова што го прочитав кај Свендсен. ТВ-серијата ми е бајка за деца.
Читам уште малку: еден од оние „ситни риби“ што учествувал во ова зло, се брани на судот дека ја немал сликата на целината и дека бил само ситно шрафче во целата машинерија. Вели дека неговата задача била да ги одведе Евреите, од бараката до местото „за капење“. На прашањето дали знаел што се случува потоа со нив, тој вели: „Знаев. Но не се чувствувам виновен. Јас само ги водев до таму. Друг го одвртуваше вентилот за гас“. Убаво. Водиш некого на колење, ама виновен е само касапот, не ти. Господи, гледаш ли дека меѓу твоите луѓе сè почесто се раѓаат животни?
Решавам да излезам. Да појдам до централната библиотека. Веќе со недели сакам да се потсетам на една сјајна книга од времето кога бев на почетокот на студиите со книжевност: „Увод во книжевноста“ (прво издание) од Зденко Шкреб и Анте Стамаќ. Таму читав сјајни работи за почетоците на човековата мисла, за предлогичкиот начин на мислење, за магиските искуства, за методологиите на проучување на книжевноста.
Сакам повторно да го прочитам тоа, за да можам потоа да го земам повторно и Геза Рохајм со неговата култна „Магија и шизофренија“. Мислам дека клучните зборови со кои може да се опише нашето време, и особено современиот политички свет, се токму тие: магија и шизофренија. Ја барам бесценетата книга на мојата младост од библиотекарот, иако знам дека многу се мали шансите да ја има: станува збор за издание од педесеттите години, а постојат високоучени ништожници што ги крадат вредните книги, само за друг да не ги прочита. За среќа, ја добивам: стара книга, неодамна укоричена. Воодушевен, седнувам и почнувам да ја прелистувам. Го наоѓам она што ми треба, но сосема случајно забележувам дека некаде кон средината на книгата има „дупка“. Прелистувам и гледам, и не можам да верувам: цело едно поглавје, она за усната книжевност и нејзините односи со пишаната – го нема! Некој со скалпел (за да не кине шушкајќи во читалницата), го одрежал она што му треба, наместо да го фотокопира. Што сторил? Ги лишил сите следни читатели на книгата да го прочитаат она што тој го прочитал. Каков монструм е тоа, а студира – книжевност? Има ли разлика меѓу него и оној што држеше нож на ушната школка на жртвата од ТВ-серијата? Или меѓу него и оној што дозволувал мајката Еврејка да го поведе во смрт со себе своето дете? И што ако тој некој, способен за вакво ужасно зло (сакатење книга), дипломира книжевност? Што ако дојде на власт? Така ли ќе зема сè што му е потребно, за сметка на другите? Чувството на гадење ми го заменува чувство на ужас. Станувам и му покажувам на библиотекарот. Ми вели, разочаран, ама спокоен: „Редовна појава – ќе дојдат, ќе ја земат книгата во читалница, а потоа ќе го искинат поговорот. Затоа што се тоа стари книги, ги нема на интернет“. Дури, библиотекарот е толку резигниран, што изгледа дека веќе не ја ни осудува таа постапка. Злото ни станува норма на однесување. Кодекс. Ме прашува – што може да стори тој? Како да го спречи тоа? И во право е: не се библиотекарите стражари. Испуштена е таа работа уште од родителите, а потоа и од школите. Никој, ни дома, ни во воспитно-образовните институции не забележал дека се родило животно меѓу луѓето. Утре ќе биде животно со диплома.
Ја гледам осакатената книга и чувствувам гнев. Штета: и Анте Стамаќ и Зденко Шкреб, легендите на хрватското јазикословие се веќе упокоени, државата во која книгата беше објавена веќе не постои, не постои ни издавачот, не постојат веќе ни студенти што читаат вакви дебели книги (туку само ридери и апстракти) и тешко дека оваа скапоценост некогаш ќе биде преобјавена!
И ми текнува на еден запис на крајот од едно евангелие, запис што го оставил анонимниот препишувач, а го пронајде и објави Анте Поповски во книгата „Записи од дамнина“. Препишувачот, којзнае по колку месеци макотрпен труд – препишување, во предгутенбергова доба, на крајот оставил клетва до таквите што го крадат или оштетуваат единствениот примерок од книгата. Вели: „Кој мисли да краде книгата, да биде клет и проклет, и по смерт нерасипан, камен и телес да се стопи, а тој – никакожде.“ Значи, лешот да му смрди до века.
За жал, нашите деца растат во една грозна епоха на рехабилитација на злото. Целата западна цивилизација, од која Холивуд е само дел, преку разни римејкови работи на релативизацијата (деконструкцијата) на поимите добро и зло. На традиционално злите ликови од сказните или од цртаните на Дизни, им се наоѓа алиби и оправдување зошто станале зли. Алибито гласи: некогаш биле добри, ама некој им сторил зло, па, ете, да ги разбереме зошто се зли. Таа „филозофија“ ќе го уништи човештвото. Па кој од нас не истрпел зло? Дали тоа овластува да се стане зол? Па идејата и е – да не се одговори со зло на зло. Во тоа е подвигот. Ако се наоѓа разбирање на злото, тогаш западната цивилизација не само што ќе го врати фашизмот, туку ќе ја легализира и одмаздата, дури и крвната. Тоа е целосно промашување на моралната филозофија, комплетен морален залез на човештвото.
И ако е некоја утеха, не само ние, туку и цел свет е на погрешен морален колосек. Толку.