„Нивната татковина е Македонија, дека таа е населена со одделно словенско племе Македонци, дека таму се собрале секакви надворешни елементи, т.е. Бугари, Грци, Срби и други…, дека целта им е да ни дадат еден силен отпор и да се зачуваат од нашите разбојнички посегања… Ќе го подготвувале бугарското општествено мнение за одделување на Македонија од Бугарија и полека-полека ќе воведувале зборови од охридското наречје, што ќе било литературен јазик на идната Велика Македонија, на чело на која ќе дојде некој од редакторите на ’Лоза’, во својство на Филип или Алексаднар.“ Од памтивек македонскиот збор бил пресретнуван со сабја, понекогаш дури и во буквална смисла на зборот. Во 1900 година жителите на бугарската престолнина биле сведоци на несекојдневен настан. Актери облечени во македонска носија одржувале театарска проба, притоа можело да се слушне: „Какви маки сум тргала, се чудам како не сум умрела досега. Ејгиди, живот наш!“
Македонскиот јазик не бил необичност за Софија, ако се земе предвид дека во почетокот на 20 век во неа живееле околу 20.000 Македонци. Но дотогаш не била поставена театарска претстава на македонски јазик. Набргу била закажана и праизведбата во салонот на „Славјанска беседа“, но настанот ја возбудил бугарската политичко-општествена елита, која барала прекинување на оваа дејност. Следствено, бугарската влада се заканила дека ќе ја спречи изведбата на оваа театарска претстава, меѓутоа Македонците не се откажале од својата намера. На 7 декември 1900 година, кога Македонците во Софија се собрале пред „Славјанска беседа“ со намера да ја гледаат претставата, пристигнале вооружени бугарски коњички стражари за да ја изгонат македонската „толпа“. Но пред нив застанале комити вооружени со револвери и ками, кои ги заштитиле актерите и претставата продолжила без прекин.
Доколку некому не му е јасно, станува збор за „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински, кој во предговорот на своето дело истакнал: „Што напишав јас? Ништо не напишав. Јас го препишав од сè уште ненапишаната крвава историја на Македонија она што читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види во театарот. Крвожедноста на нашите Турци-бегови, готовноста на Македонките да умрат, но верата да не си ја менуваат, а машкоста на Македонецот јуначки да им се одмаздува на оние крвници што ја извалкаа или ќе се обидат да ја извалкаат неговата семејна чест, ете, во тоа главно се состои содржината на пиесата.“
Изведбата на „Македонска крвава свадба“ не би била можна без Борис Сарафов, еден од највлијателните македонски револуционери. Сарафов со поддршка на апостолот Гоце Делчев и Ѓорче Петров успеал да го преземе Врховниот македонски комитет во Софија (најмоќната организација на македонската емиграција во Бугарија) и набргу почнал со засилена револуционерна и пропагандана активност. Меѓу другото, Борис Сарафов морално и финансиски му бил покровител на Војдан Чернодрински, а претставата „Македонска крвава свадба“ требало да ги револуционизира Македонците и да ги поттикне директно или индиректно да помогнат за ослободувањето на Македонија.
„Македонска крвава свадба“ без поддршката на Борис Сарафов немало да биде можна, всушност тој ги испраќа вооружените комити што ја обезбедувале „Славјанска беседа“. Претставата ја постигнала својата пропагандна цел и ги возбудила Македонците. Христо Милчинов (негови потомци се Илија Милчин и Владимир Милчин) бил толку убедлив во улогата на Осман-бег, што публиката фрлала по него столови и му правела разни инциденти затоа што ја грабнал Цвета. Што се однесува, пак, до прашањето за јазикот на пиесата, „Македонска крвава свадба“ била напишана и изведена на македонски јазик, затоа што била намената за Македонците во Бугарија, а не за Бугарите. Затоа не може да се зборува дека македонските револуционери го протежирале политичкиот, а не националниот сепаратизам, меѓутоа за ова прашање во друга пригода.
Да се навратиме на Војдан Чернодрински, чие вистинско име е Војдан Поп Георгиев. Неговиот избор на македонскиот јазик како јазик на творештвото не е случаен. Чернодрински во Софија е член на Младата македонска дружина предводена од Коста Шахов. Оваа македонска интелектуална група е истата онаа што го создаде списанието „Лоза“ и беше обвинета од Д.Т.
Левов во бугарскиот весник „Слобода“ дека „нивната татковина е Македонија, дека таа е населена со одделно словенско племе Македонци, дека таму се собрале секакви надворешни елементи, т.е. Бугари, Грци, Срби и други…, дека целта им е да ни дадат еден силен отпор и да се зачуваат од нашите разбојнички посегања… Ќе го подготвувале бугарското општествено мнение за одделување на Македонија од Бугарија и полека-полека ќе воведувале зборови од охридското наречје, што ќе било литературен јазик на идната Велика Македонија, на чело на која ќе дојде некој од редакторите на ’Лоза’, во својство на Филип или Алексаднар.“