Сеедно што многумина му се смеете на Стојанче Ангелов поради дебатата со Димитар Апасиев. Човекот кажа три суштински работи. Вербалната војна меѓу СДСМ и ДУИ е обичен театар. Ангелов ни откри дека во новата влада што ќе ја составувала СДСМ, ДУИ ќе си добие министерски места. Тоа и не е некоја мистерија, ама генералот ни кажа за да не се думаме многу.
Втората информација е многу посилна. Слушајќи го Апасиев како го критикува судството, Ангелов се согласи дека власта на која ѝ припаѓа е неспособна да менаџира судски реформи. Толку е многу неспособна што било потребно да дојде некој од Европската Унија со камшик за да нè оправа. Европската Унија која ни самата себеси не може да се менаџира. Но ова не е измислица на Стојанче Ангелов. Заев е тој што најави европски камшикар. Пред нас имаме неспособна власт со робовски мазохистички менталитет, која бара уште еден мандат за да доведе некој што ќе нè камшикува. Звучи налудничаво кога ќе чуеш како Гоце Делчев се борел против слободата, но тоа има логика во главата на Заев. Тој, всушност, се бори против слободата зашто сака да нè ослободи од неа, правејќи нѐ робови без идентитет, кои мазохистички сакаат да бидат камшикувани.
Третата информација што ни ја кажа генералот би требало да биде просветлувачка. Парафразирам, Ангелов рече дека е добро што сме членка на НАТО, затоа што во спротивно Алијансата ќе испрати два авиона и ќе нè уништи. Генералот наивно, ама искрено, ја кажа вистината. НАТО е силеџија, ако не му се потчиниш, ќе те уништи. НАТО е силувач, кој сака додека тој те силува, ти да почнеш да воздивнуваш од задоволство.
Е па, ај ако не, Груевски да го вратиме!
Ете, веднаш се јавува и бањатата логика. Ваква бањата логика има и шуто и рогато. И некако е глупаво човек да се расправа со шуто и рогато. Особено кога и шуто и рогато си мисли дека му помогнало на Зоран Заев да дојде на власт. Кутар Џес Бејли доживеа и шуто и рогато да му ги презема „успесите“. Битно, оквалификуваното како шуто и рогати пак ќе си гласа за Заев, зашто тој секој месец им носи датум, а како што е добро познато, датумите плаќаат сметки.
Зошто така? Може ќе гласаат за нов македонски концепт.
Тоа не е концепт, туку СДУ.
Што е, па, сега тоа СДУ?
СДУ е левица со десничарски концепт. Поточно гротеска. Социјалдемократска унија е партија што низ сите изборни циклуси се појавува со „фиктивни“ имиња и презимиња што личат на имињата и презимињата на кандидати од ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, во зависност од тоа со која голема партија се шлепаат. Од друга страна, Македонски концепт е исто така гротеска што не успеа да собере доволно потписи како партија, па сега се шлепа преку СДУ. И сега имаме дупла гротеска. Оти партии како Интегра, ГДУ, Македонски концепт се за една употреба и цел. Да му одземат на ВМРО-ДПМНЕ неколку илјади гласови. Веќе во септември нема да постојат.
Значи бојкот?
Не значи. Напротив, глупаво е. Едно се оние луѓе што едноставно не излегуваат на гласање. Воопшто не гласаат. Си тераат свој филм. И не малтретираат. Сосема е друго кога некој запенавено и хистерично ти планинари по нерви кажувајќи ти што треба да правиш. Ко јас да не знам дали ќе гласам, за кого да гласам или дали воопшто да гласам. Има луѓе на социјалниве мрежи што се претставуваат за патриоти, нема да гласаат затоа што се гневни, ама со вокабулар и хистерија својствена за шарените, ги силуваат секојдневјето и туѓото мислење. Зачудувачки е фактот дека во нивната вербална агресија жртва е само ВМРО-ДПМНЕ. Не знам дали е тоа тенденциозно намерно или нервозно наивно, ама на овие избори бојкотот е глас за СДСМ.
Од друга страна, на парламентарни избори нема цензус. Не знам јас како они го замислуваат сето тоа, ама логиката што ми ја продаваат дека малиот одзив ќе донел нелегитимна влада, која сигурно ќе падне, им е неквалитетна стока што ја продаваат. Тоа едноставно нема никаква логика. Тезата дека со излегување на избори се легитимира името на окупацијата Северна Македонија е совршен апсурд. Еве, јас ќе им ја употребам „логиката“ како аргумент за да им кажам дека токму неизлегувањето на овие избори ја легитимира Северна Македонија. Што си мислат они, стварно не ми е јасно. Дека Бог ќе прати ангел и тој ќе го врати името Македонија? Бог се занимава со душата на човекот. Секоја поединечно. А не со човечките творби и будалаштини. Така што името нема да се врати со дремење и хистерично врескање на Фејсбук. Ниту пак триесет проценти одзив ќе ја делегитимира идната влада.
Тезата „нема име, нема глас“ ми е најтрагикомична. Ај важи, еве јас ќе го вратам името за тие да излезат на гласање. Само треба да појдам зад седум планини и седум мориња, да утепам два змеја и да стигнам до стариот мудрец, кој ќе ми каже како се враќа името. Освен ако не отидам во време кога стариот мудрец тера завет на молчење.
Инаку, има институционален пат за враќање на уставното име. Тежок и трнлив, ама постои. ВМРО-ДПМНЕ и Левица го кажуваат ова и најавуваат дека ќе го одат тој пат. Не се согласувам со оваа нивна стратегија. Јас да бев лидер на партија, збор немаше да кажам за името. Зошто би си создавал непотребен притисок од изопачената моќ на „длабоката држава“, ЕУ и НАТО? Ќе излезев со програма за оправање на државата, што и не е така тешко кога за противник го имаш забеганото СДСМ, ќе победев на избори и потоа ќутенката ќе си терав институционално враќање на името.
Е, ама ако не кажеш дека ќе го вратиш името, нема глас.
Е, ама твојот став сепак е глас, што јас го нарекувам ехо на глупоста.
Единствено логично објаснување на дел од оние што пропагираат бојкот е ставот дека Заев треба да остане на власт затоа што тој сам ќе ја распадне творбата Северна Македонија. Тоа е точно. Како што не го смени името и не го укина македонскиот идентитет, така нема да го укине македонскиот јазик, нема да ја федерализира Македонија до нејзина конечна поделба меѓу Бугарија и Албанија. И тоа „нема“ ќе се случи оваа или следната година, во зависност од поделбата на Косово. Е потоа, лесно ќе го враќаме името, така?
Ајде, ајде, Русјаков, признај колку искешира од ДПМНЕ за колумнава!
Шест милиони евра, плус триста илјади евра и еден тросед. Само глумам сиромаштија, оти тоа ми е имиџ. Инаку, живеам на Сејшели, имам јахта и ергела еднорози.