Разбирањето на солидарноста значи во засегнатите сектори и фирми сите да придонесат за поднесување на товарот на економската криза, и тоа работници – работодавци – држава, како и меѓу самите фирми во синџирите
на поврзаност
Две седмици по „Премногу за да пропаднат… дали?“ се потврдуваат повеќето тези што се поставени во наведениот коментар: мерките не се засновани на анализа, не е јасна целта на мерките и на крајот економските мерки се без мерки. Зошто?
Првата теза е дека предложените мерки не се засновани на анализа и не се знае дали се соодветни во однос на кризата и во време и во опфат. Владата тврди дека ќе се помогнат 250.000 работници, добиено како количник на планирани пари и утврдена мерка – субвенција од 14.500 нето, а не на анализа и симулација колку фирми и вработени потенцијално ги исполнуваат условите. Доказ за тоа е што секојдневно се менуваат критериумите за мерката, на пример укинат е условот платата на работникот да не е зголемена, што значајно го менува опфатот.
Кога ќе видете колку одлуки на Владата се сменети од 23 март, станува јасно дека нема ниту анализа и симулација ниту консултации со засегнатите страни. На пример, сменети се одлуките за ограничување на затезните камати, како и забраната за исплата на дивиденда на странски сопственици.
И по објавувањето на мерките, не е јасна целта и кој и зошто треба да се помогне. Зоран Заев, СДСМ, Владата при промоцијата цело време говореа за солидарност, како во јавното здравство така и во економијата. Разбирањето на солидарноста значи во засегнатите сектори и фирми сите да придонесат во поднесување на товарот на економската криза, и тоа работници – работодавци – држава, како и меѓу самите фирми во синџирите на поврзаност.
Мерките се дизајнирани така да товарот паѓа или врз работниците или врз работодавците. И во меѓусебната поврзаност на фирмите мора да се распореди товарот и на доставувачи и на клиенти и на финансиски институции (банки). Ставот на банките дека мерките не смеат да доведат до пад на нивните приходи и добивки никако не може да биде знак на солидарност со засегнатите сектори, фирми и граѓани. Доколку еден сектор, како угостителство, има забрана за работа и нема намалување на приходите, туку нема приходи, како се очекува да ги исплаќа дури и субвенционираните плати и одложените а пресметани камати!? Како, кога самата Влада не е способна да ги исплати платите на јавна администрација, ем ги крати ем ќе се задолжува. И да, кредитите на фирмите ќе си ги вратат самите фирми, а кредитите на Владата ќе ги враќаме сите ние.
И самите економски мерки се без мерки. Зошто? Мерките главно се во две групи одржување на ликвидноста со репрограмирање и поволни кредити и зачувување работни места или бенефиции за отпуштените. Премиерот Спасовски ги повика фирмите за платите за март да се задолжат во државната развојна банка – МБРП, каде што кредитите се од неколку илјади евра до 30.000 евра, а самата процедура предвидува обемна документација. Додека Централен регистар е многу експедитивен за потврдите за стечај, тоа не случај со УЈП, особено во Скопје, и потврдите за платени даноци, кои, според искази на неколку фирми, доцнат повеќе денови. Дваесетина дена од затворањето на рестораните, тие сѐ уште не можат да ја комплетираат документацијата, а камоли процедурата за одобрување во банката.
Мерките за зачувување на работните места функционираат како анегдотата за банките, дека за да добиеш кредит, прво треба да докажеш дека не ти треба кредит, само во овој случај, откако ќе ги поминеш сите критериуми, разбираш дека мерката е направена за да не се користи. Право на субвенција од 14.500 денари имаат фирмите што имаат пад на приходи од 30 отсто, што е добро решение наспроти решението за погодени сектори, бидејќи кризата е прелеана речиси во сите сектори. Затворањето на рестораните значи откажување свадби, што ќе ги погоди и организаторите на настаните, фотографите, цвеќарите итн. Следуваат критериумите за добивки и број на вработени, што се коректни. Но потоа следуваат исклучоците, а тоа се плати над 39.900 денари и управители/сопственици.
Исклучувањето на платите над 39.900 денари значи дека на пример ИТ-вработените нема да бидат поддржани, иако ќе се намалат приходите. Исклучувањето на управители/сопственици најмногу ќе ги погоди фирмите што се самовработување или микропретпријатија, тие што имаат најголема потреба. На пример, ако сте имале цвеќарница или ИТ и за тоа сте имале фирма каде што сте биле сопственик и управител и единствен вработен, тогаш не сте погодни за владините субвенции.
Имаше и критериум дека не се подобни и вработените што им е зголемена платата, што исклучуваше огромна бројка вработени, бидејќи поради зголемувањето на најниската плата во многу фирми се зголемија сите плати. Овој критериум е исклучен. На тест на десетина микрофирми што ги исполнуваат условите, подобни за субвенции на плата би биле околу две третини.
Оттука е јасно дека владината субвенција нема да надминува околу 30 проценти од бруто-платите во погодените фирми, додека 70 проценти ќе треба да ги обезбедат самите фирми. Да земеме пример еден ресторан, кој има околу 40 вработени и платен фонд од околу 20.000 евра, би можел да смета на околу 7.000 евра, а остатокот од 13.000 евра ќе треба да ги покрие фирмата. Доколку неработењето трае околу три месеци, износот станува значаен за сите работодавци, а веројатно и закрепнувањето нема да биде брзо. И на крајот, субвенциите се неповратни само доколку фирмата заврши со загуба.
Единствено што постигна Владата на ова ниво е сопствен маркетинг и внесување конфликт меѓу работниците и работодавците. Од солидарност нема ни „с“. Многу пофер е Владата да објави, тоа е народе, нема мерки, нема помош, секој да се снаоѓа сам, ама тоа да важи за сите, вклучувајќи ја и Владата. И Владата да ги плаќа комуналните сметки и да исплаќа плати без да се задолжува, а ако не може да исплати, нека отпушта. Или да се преиспитаат економските мерки и соодветно да се распореди товарот меѓу сите засегнати страни.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus #TooManyToFail