И додека Европа се буди, признавајќи го фактот дека државите направиле грешка обидувајќи се да градат мултикултурни и инклузивни општества, ние низ концептот на едно општество за сите, што не е тоа, полека како нација го губиме својот идентитет, а државата ни умира со бавна смрт. Премиерот не може да сфати, а за жал нема ни кој да го советува, дека низ националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Македонија дозволува да се создава и да расте подопштество во рамките на границите на Македонија, кое може набргу да ни ја проголта националната држава. Ако воопшто знае што е тоа
Не можам да разберам како оваа држава успева да ги извитопери либералните сфаќања за индивидуалната слобода и плуралистичкото организирање на општеството. Од своето осамостојување до денес. Како успева неуспешни инклузивни програми да ги нуди како свежа владина стратегија за креирање еднакви можности за сите. Што би рекол премиерот Заев: „Градиме општество на различни граѓани еднакво за сите, во кое афирмираме и воспоставуваме меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници… со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики… можеме да докажеме дека умееме да бидеме модел за успешно и функционално општество за сите“. Нема што. Имаме модел за функционално општество за сите, сега е проширен и надграден, но кој очигледно никој не сака да го следи. Не дека не е понуден. Изгледа нашиот е уникатно „успешен“ само за нас.
Едно општество за сите во држава на апсурди. Држава на проценти. Држава на „квоти“, во која беше абортиран моделот на решавање на судирот на интересите помеѓу групата и поединецот во општеството. Зар моделот на „едно општество за сите“ не беа специјално дизајнираните мерки за инклузивност на втората по големина етничка заедница во Македонија при вработувањата во јавната администрација? Зар „квотите“ не беа понудени како креиран систем на еднакви можности за сите, начин да се намалат вештачки определените ограничувања во претставувањето на помалите етнички групи во општеството како можна цел на дискриминација и средство за релаксација на меѓуетничките разлики? Зар инклузивност не беше и Законот за јазици од 2008 година? Проширен и надграден со Тиранската платформа од оваа власт. Или образованието на мајчин јазик. Кој и да е.
И, до каде сме во градењето мултикултурна држава? До уште една јалова националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Македонија. Зошто премиерот мисли дека оваа програма ќе биде поинаква и поуспешна од другите мерки за соодветна и правична застапеност на граѓаните од помалите етнички заедници, различни од македонската? Или оди чекор понапред, нудејќи им неказнивост и исклучување од системот на криминална правда во државава. Откако втората по големина етничка заедница во Македонија сама се исклучи од државниот систем на даноци и плаќање струја и други јавни услуги. Гледам втората етничка заедница е пример за чесност и некоруптивност. Дали пуштањето на слобода на осудените за Смилковско Езеро е една од мерките на инклузивност за кои говори премиерот? Или неказнивоста за дивеењето на навивачката група „Шверцери“ во МНТ? Очигледно премиерот понуди вистински живот за сите, во општество за сите. За сите ли?
Се обидувам, но не успевам да ги видам и почувствувам бенефициите од досегашните политики на мултикултурализмот во Македонија. Не гледам дека ваквите политики испорачаа фер, стабилно и хармонично општество во Македонија. Само можам да го констатирам она што го констатираа меѓународните тела против расизам и нетолеранција: дека јазот во држава меѓу етничките заедници е сѐ поголем и дека овие политики, наместо да ги релаксираат меѓуетничките односи, ја прогресираа меѓуетничката нетрпеливост.
Зар можевме да очекуваме нешто друго кога се ревитализираат инклузивни модели што се покажаа како крајно неуспешни и напуштени во Европа. Овие политики покажаа дека мултикултурната држава не обезбеди морален и културен стандард на кохезија потребна за да се поврзе мултиетничко, религиозно и културно различно општество. Можеби кај нас обезбеди, ама нам никој не ни кажал. Можеби онаа потребна кохезија на културните различности ја обезбедивме со прославата на навивачката група „Шверцери“ во објект од културата. Можеби на „перформансот“ во Македонскиот народен театар треба да гледаме како на мултикултурализам во акција.
Тоа е кога ќе ви подметнат мултикултурен концепт на држава за која германската канцеларка Ангела Меркел во 2010-та ќе изјави дека е „апсолутен неуспех“, за четири месеци подоцна тогашниот премиер на Велика Британија, Дејвид Камерон, да ја поддржи, повикувајќи на „многу помалку од пасивната толеранција и многу поактивен, силен либерализам “, а Франција експлицитно да го одбие како водечки принцип во градењето на француското општество. Мултикултурализмот се обидува во Европа повеќе од 60 години. И не успеа. Ама затоа ние увезуваме застарени концепти, како што увезуваме токсичен отпад за горење. Второво ќе нѐ отруе, а првото ќе ни ја разгради државата.
И додека Европа се буди, признавајќи го фактот дека државите направиле грешка обидувајќи се да градат мултикултурни и инклузивни општества, ние низ концептот на едно општество за сите, што не е тоа, полека како нација го губиме својот идентитет, а државата ни умира со бавна смрт. Премиерот не може да сфати, а за жал нема ни кој да го советува, дека низ националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Македонија дозволува да се создава и да расте подопштество во рамките на границите на Македонија, кое може набргу да ни ја проголта националната држава. Ако воопшто знае што е тоа.
Либералните демократии се длабоко збогатени со нашите културни разлики, сè додека ниту една од овие разлики не е вкоренета во желбата да се сменат и потиснат нашите индивидуални слободи. Повеќето елементи специфични за националното, верското, културното треба да се слават при создавање мултикултурно општество, сè додека тие не се судрат со начелата на либералните демократии. А кај нас се судрија веќе при осамостојувањето. Затоа нашиот мултикултурализам низ зборовите на премиерот за „едно општество за сите“ е обично политичко жонглирање со зборови што можеби убаво звучат, но е токсично за иднината на државата. Онаа нашата. За неговата не знам.
Авторот е универзитетски професор