…еве, генерацијо моја, ти сега стоиш на пуста земја, слободна и ослободена од сè (дури и од потомство), дури и од одговорност, и не знаеш кој пат да го фатиш, зашто на човек кому му е сеедно, сеедно му е и дали оди по добар или лош пат; стоиш така, невина, без коса на главата, оти сама си ја искорна и не помисли на никој друг, освен на себе, себе и себе, генерацијо моја…
Генерацијо моја, ти, родена плус минус десет години од земјотресот, една реченица имам само да ти кажам, еден краток список на твои гревови да ти испорачам, особено тебе што на највисоки државни позиции, на кормилото на бродот сканта две држави, а трета нема да изградиш, зашто немаш време: ти, што од шест години стави пионерска шамија на вратот и положи заклетва (какво брутално совршенство: шестгодишно дете да се колне не на семејство, туку на државата), даде чесен збор дека ќе ја чуваш државата, а не дека ќе ја уништиш, ти, што прва имаше привилегија да студираш со државна стипендија и без динар земен од дома – ветерина и јазици во Загреб, филозофија, право, архитектура и медицина во Белград, техника и политикологија во Љубљана или воена академија во Сараево, без да поминуваш граници, дури и без лична карта; ти, генерацијо, што го читаше „Галебот Џонатан Ливингстон“, а потоа со раце му ги искорна крилјата и летот го замени за храна, па застана со лимено чиниче во ред пред казанот на државната менза, чекајќи, со лимена порција политичка милостина од партиските силници – некое местенце во некоја удобна канцеларија, колку за плата, колку троа-троа да има, да се ожени човек и да роди дечиња; ти, што нарачуваше грамофонски плочи од Лондон, од „Ведер рипорт“, „Софт машин“, Ален Холдсворт и Чик Корија, кои потоа ги подигаше во сиромашните социјалистички пошти што мирисаа на лак за железнички прагови, додека ниедна друга социјалистичка земја не дозволуваше увоз на пропаганден материјал што се вика џез или рок, за веднаш потоа да почнеш да пееш оди и воени песни во партиските националистички хорови; ти, што пееше „Хеј Словени“ по стадионите кога Сафет Сушиќ даваше голови, а Дражен Далипагиќ кошеви за златен медал, а потоа во националистичко лудило со пена на устата извикуваше дека Југославија е вештачка творба на Тито, дури и масонска творба, за потоа дури да дојдеш (барем еден дел од тебе) на идеја дека и Македонија е конструкт на Тито; ти, што во Титова Југославија го виде моментот кога Америка во македонското собрание му фрли на Маркс евтин хамбургер, што се вика демек-демократија, а овој плачливо го грицкаше, додека македонските пратеници, што значи – ти, генерацијо моја, со копач и револуционерен елан го уриваше она што дотогаш те хранеше, и натпреварувајќи се во лачење плунка плукаше врз старото лошо (а никогаш не изгради ново, иако по вторпат во животот се заколна), а не изгради зашто веднаш се зафати со грабање и лапање и гнетење и закопување кучешки плен; ти, што секогаш ветуваше ново, а не го донесе, а и кога ќе го донесеше не сфаќаше дека она што е добро во тоа ново воопшто не е ново, а она што е ново – не е добро; ти, што уривајќи ја Југославија, а потоа и независна Македонија, докажа само едно: дека во минатото (кое ти пречеше) големи луѓе живееја во мали куќи, а сега мали луѓе во големи; ти што завршуваше гимназиуми во кои единаесет предмети се учеа како да се „оче наш“ и како да ќе бидеш во исто време и историчар и математичар и биолог и филозоф, на ранг на универзитет, а потоа дозволи да се отворат факултетчиња на кои ректорот докторирал со дваесет странички симнати од Гугл; ти, марксистички воспитана, што го сфаќаше Бога како културно-историски споменик, а потоа почна да им се клањаш на примитивните златни телиња на капитализмот; ти што почна како празен и чист лист хартија на кој партиските перверзници испишаа политичка порнографија наместо поезија, ти, што израмни „добар“ со „одличен“ во гимназиите, израмни харфа со гусла, ти, што дозволи на чело на функции да доаѓаат луѓе на кои не би им се издало лекарско уверение ни за возачка дозвола, а кои редовно го завршуваа мандатот на хациенди и ранчеви со ергела коњи (оној што јавал луѓе знае да јава и коњ); ти, што како копнено цунами надојде од селата, и уште во предградијата ги замени опинците со чевли викајќи „Ние сме граѓани, ние сме граѓани!“, па така, брзозачевлена јурна по партиите, со пена на устата, во потрага не по подобар свет, туку по подобар стан; ти, што во 2001 уплати „ласт минит“ аранжмани за летување во Грција, додека сиромашните синови на земјоделците и дрводелците од Источна Македонија ја бранеа Западна од бомби и рафали; ти, што ја проголта и Болоњската декларација како сом јадица, обична фелер стока на запад, трик за производство на висококвалификувана и евтина работна сила, па така дозволи магистри да точат бензин по бензинските пумпи на Македонија; ти, што ги турна најдобрите свои умови да завршат изгорени во алкохол, како во формалин и шпиритус, или со самоубиствена јамка околу вратот, протерани од неспособните, додека ти менуваше партиски и технократски фотелји и се стрвеше со мини-здолништата на секретарките, кои наместо да молзат млеко во штала, јадеа партиски кавијар по вечери и пијанки; ти, што ја уништи автономијата на универзитетот и дозволи функционер да брани магистратура за време на мандат, со цел кордон полициски возила и специјалци околу факултетот во исчекување (боже, да не го турне комисијата?), и ни збор не кажа, туку со ведната глава брзаше дома, да се скриеш (те интересираше само цената на лебот и бројот на твојот стан); ти интелигенцијо, напикана по глувчешки дупки, што го креваше гласот само кога ќе победат „твоите“, и тоа кодошејќи го ближниот свој за подобро место, за синекура; ти, што се правиш дека не гледаш дека и левите и десните се иста бранша, нула која не само што ја уништи работничката класа туку и професиите, па сега нема професија освен партиски роб; ти, што од политичките говорници, без разлика дали си лево или десно, ветуваше дека од сегашноста ќе направиш иднина, и навистина успеа, зашто го смисли епохалниот слоган залепен на вратите од канцелариите „Се враќам ОДМА“ (да, така е, кога и да дојде човек, сегашноста му станува иднина, само треба да почека); ти што растеше на „Дениција“ на Петре и пееше за создавањето на првата македонска држава, што ги рецитираше песните на Гане за недомакедончена Македонија, а потоа рече „Не се викам Павел, се викам Савел; всушност, воопшто не ми е гајле како се викам! – еве, генерацијо моја, ти сега стоиш на пуста земја, слободна и ослободена од сè (дури и од потомство), дури и од одговорност, и не знаеш кој пат да го фатиш, зашто на човек кому му е сеедно, сеедно му е и дали оди по добар или лош пат; стоиш така, невина, без коса на главата, оти сама си ја искорна и не помисли на никој друг, освен на себе, себе и себе, генерацијо моја: ете тоа сакав да ти кажам. Толку.