Токму 1934 е година на распуштање на михајловистичката ВМРО и на укинувањето на нејзините организациски структури во Петричкиот округ. Поделбите не беа само борба за власт туку и жесток судир помеѓу оние што се бореле за идеалите за самостојна и независна Македонија и оние што движењето го ставија во функција на интересите на Бугарија во најкритичните периоди – Балканските и Првата светска војна, за поделба на Македонија
На 25 јуни 1933 година уште во раните утрински часови Софија била блокирана, по улиците крстосувале одреди на војската и полицијата, забрането им било на граѓаните да излегуваат по улиците, а билe приведени над 3.000 лица. Од нив најмногубројни биле лицата од редовите на македонските организации – 1.104, според неофицијални податоци на полицијата. На приведените лица им биле изрекувани казни и веднаш биле упатувани во посебни логори.
Во градот Карлово биле затворени истакнати личности на македонското движење, но пред сѐ од левицата, оставајќи им така простор на михајловистите да се пресметуваат со своите противници. Така, по улиците на Софија продолжила крвавата драма на убиства по налог на Ванчо Михајлов, поддржан и од бугарскиот воен министер, генералот В‘лков.
На 19 мај, Владата на Народниот блок била соборена и по извршениот удар Звенарите и Воената лига формирале влада на чело со Кимон Георгиев. Првата мерка што ја донела новата влада била пензионирање на генералот В‘лков, донесена е одлука за административно-територијана поделба на Бугарија, која имала цел целосно да се интегрира Пиринска Македонија, која била изложена на жесток терор од страна на приврзаниците на Ванчо Михајлов, а донесена била и одлука за распуштање на Комитетот на ВМРО под власт на Михајлов.
По овој повод, Петко Пенчев, директор на новоформираната институција Дирекција за општествена обнова, инаку познат како „бугарски Гебелс“, изјавил: „Со ВМРО е свршено. Таа е распуштена и бидете уверени, а тоа е потребно да го знаат и сите соседи на Бугарија, дека повеќе никогаш нема да дојде до погранични инциденти“.
Претседателот на Владата, Кимон Георгиев, на 12 јули изјавил: „Применувајќи ја точката 14 од владината декларација, Владата ја укина опсадната состојба во Петричкиот округ, ја растури македонската револуционерна организација и го конфискува целокупното оружје на оваа Организација… Имаше цели области во кои државниот суверенитет беше само фикција. По улиците на Софија секој ден се вршеа убиства. Се отиде до таму од револвер да се премине на карабин, машински пушки и бомби… Сетете се на присилното одвлекување на бугарските граѓани… Количината на собраното оружје сведочи за опасноста на која била изложена нашата држава…“
Во Петричкиот крај била извршена целосна промена на органите на власта, а посебно биле протерани оние што биле поврзани со михајловистите. Запленети биле големо количество оружје и муниција, кои му припаѓале на ВМРО (10.938 пушки, 47 митралези, 647 револвери, 15 автоматски пушки, три фрлачи на гранати, 7.767 бомби, 701.308 куршуми), а разоружени биле и оние што се обиделе да се засолнат во планините Пирин, Огражден, Беласица.
Бугарската полиција успеала да ја открие илегалната печатница на весникот на ВМРО – „Слобода или смрт“ и да уапси голем број од водачите на организацијата на Иван Ванчо Михајлов. По голем дел била распишана потерница, а Окружниот суд на Софија донел одлука со која Иван Ванчо Михајлов, К. Дрангов, Д. Медаров, А. Аргиров, В. Черноземски и Д. Стефанов биле прогласени за престапници и злосторници. Иван Ванчо Михајлов со својата сопруга М. Крничева илегално пешки ја преминува граница и бега за Турција.
Трагичен крај за една организација чии основачи во 1893 година се носеле со идеалите за слободна, автономна и независна Македонија, за кои голем дел од нив ги положиле и своите животи.
Секако од историска дистанца причините за распадот на Организацијата треба да се бараат во повеќе правци.
Прво, македонското национално движење од самиот негов почеток како организирано национално движење со предзнак македонско се соочи со жесток притисок од страна на големонационалистички проекти на соседните земји, а пред сѐ на Бугарија, која го формира Врховниот комитет и со тоа ги отвори процесите на внатрешни поделби во Организацијата, кои ќе опстојат сѐ до нејзиното укинување во 1934 година, но и потоа. Расколот се интензивира преминувајќи во отворен судир и ликвидирање на противниците пред и по Илинденското востание, за да дојде до полн израз на Рилскиот конгрес. Трагедијата на синдромот на самоуништувањето дојде до израз во периодот од 1918 до 1934 кога на чело на Организацијата се Тодор Александров, а посебно Иван Ванчо Михајлов (од 1924 до 1934), кога се уништуваа идеалите на основоположниците и го претворија движењето во терористичка организација.
Поделбите не беа само борба за власт туку и жесток судир помеѓу оние што се бореле за идеалите за самостојна и независна Македонија и оние што движењето го ставија во функција на интересите на Бугарија во најкритичните периоди – Балканските и Првата светска војна, за поделба на Македонија. Бугарија со Меѓусојузничкиот договор со Србија конечно ја напушти демагошката парола дека се бори за автономија на Македонија, а царот Фердинанд Први ја прати шеснаесетилјадната Македонска ополченска дивизија на тракискиот фронт, препуштјќи ги „македонските чукари“ на Србија и на Грција. Така двете национални катастрофи на Бугарија станаа и катастрофи на македонското национално движење. Разнебитените раководни структури неспособни да изградат национална стратегија се свртеа едни наспроти други.
Трето, покрај изборот на „погрешната страна“, судирот на интересите на големите сили, кој ескалира со Првата светска војна, не одеше во прилог на македонското движење. Рускиот цар го третирал ВМРО како „најголемо зло“ и е спонзор на Букурешкиот мир, а западните сили, секоја со своите интереси, ги поддржувале Србија или Грција.
Кризите во партиите секогаш се јавуваат како последица на долг период на автократско владеење, како и во оној момент кога раководните структури заробени во сопствените, но и туѓите интереси, немаат капацитет за нов исчекор за остварување на стратегиските интереси на народот.
Васил Костојчиноски