Македонија на референдумот за „европска Македонија“ изгласа „македонска Македонија“! Со порака дека само така ќе се „дружиме“ во овие организации. Сите Македонци, и дома и од дијаспората, им порачаа на северномакедончињата дека нема „играчки“ со Македонија! Наративите за пописот што бил неопходен за остварување на цензусот, кои едногласно ги пропагира владино-невладината мрежа, пропаѓаат токму од институцијата што би требало да нѐ запише како Република Северна Македонија, Обединетите нации. Во статистиката на ОН, ПЈРМ има 2 милиони жители. Владата да си се жали за својата неработливост и грешка во чекори референдум-попис во Обединетите нации, не на македонскиот народ. Тие се магарето, ние само самарот.
Македонскиот народ го доживува договорот како антимакедонски, а така ги доживува и оние што го промовираат и така ќе ги доживее и оние што ќе гласаат за него во македонското собрание сега, а и во иднина. Сѐ додека не дојде македонска влада што ќе ги прекине погубните преговори.
Се слуша дека договорот е пишуван во САД, нашите политички пенкалца не се ни потрошиле. Ама не може да претпоставиме дека не знаат што потпишале и дека не се свесни за импликациите што тој ќе ги има. Или не треба да зборуваме за свесност, туку само за интерес и кеш, пазар за пенкалца?
На оние што слепо веруваат во „зајакнатиот“ идентитет им предлагам да размислат за следните единаесет прашања што би ги отворил овој погребен договор, небаре изваден од Пандорината кутија.
1. Дома би си се викале Македонци, нели? Ама само неофицијално или? Во институциите како ќе си го опишуваме народот? Со описот Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија? И така додека не се откажеме од многу пишување и не станеме северномакедонци?
2. Кој народ би бил нарекуван македонски од страна на нашите соседи? Кој ќе биде Македонец? Дали тоа би било македонското малцинство што живее во северниот дел на Грција, на територијата на Македонија во Грција, според грчкото поимање на територијата Македонија? Или ќе станат Македонци од Грција? Или, пак, тие би си останале Грци од Македонија во Грција? Според грчкиот устав, во Грција живеат Грци. Толку! А каква придавка би имало македонското малцинство во Бугарија? Или тоа би си останало македонско малцинство како дел од бугарскиот народ? Инаку, во Бугарија во 1998 година според бугарскиот хелсиншки комитет, имало 15-20 илјади етнички Македонци, но на пописите во Бугарија овој број е драстично помал. Официјалниот став на Република Бугарија е дека Македонци се само граѓаните на Република Македонија што живеат во Бугарија (вклучувајќи ги и Албанците), а населението што живее на одреден регион од Бугарија и кое се идентификува како македонско е дел од бугарскиот народ. И во Бугарија Македонците би станале северномакедонци.
3. Дали навистина во светот би нѐ нарекувале Македонци? Би станале Македонци од Република Северна Македонија. Ама тоа е во нашите идентитетски исправи, кои се за лична и институционална употреба. За секоја друга пригода и настани, поврзани со кој било сегмент на живеењето: спорт, медицина, економија, трговија, меѓународни организации, авторски и интелектуални права… При настапите надвор од земјата би ни стоело името на државата. Мојата теза е дека би биле нарекувани северномакедонци бидејќи тоа би произлегло од името на државата. Замислете настап на нашиот тим на Летните олимписки игри во Токио во 2020-та. Јапонија ја нема признаено Македонија под уставното име. Ако договорот помине, нашите олимпијци ќе станат северномакедонци. Новинарите што би известувале од настапите, секако не би имале увид дека според членот 7 од погребниот договор за Република Македонија, ние ќе си се толкуваме како Македонци. Ниту тој би знаел што му пишува на нашиот атлетичар во изводот или пасошот за да го ословува како Македонец. Тие би известувале за северномакедонските атлетичари. ДА НЕ СЕ ЛАЖЕМЕ дека за светот би останале Македонци.
4. Како би се предавал македонскиот јазик? Демек заштитен бил, а и така е, уште во 1977-та македонскиот јазик се официјализира со третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња. Што би се пишувало за македонската литература? И дали би била македонска или северномакедонска? Тоа не е јазикот, тоа е уметноста на неговото користење. Кога би се издавале стручни трудови од областа на антропологијата, етногеографијата, етнологијата, историјата на уметност… Кога би финансирала државата изданија за улогата на просветителите, револуционерите и литературните дејци: за кој Димитрија Чуповски, за кој Димитар Миладинов, за кој Крсте Петков Мисирков, би пишувале авторите? За Македонецот или северномакедонецот? Каде биле родени или школувани Миладинов и Мисирков – во Егејска Македонија? Би пишувале дека биле родени/школувани во Грција, или во Македонија во Грција? Според членовите на спогодбата, би ги опишувале како Грци од грчка Македонија? Или за да не направат прекршок од непознавање, би се самоцензурирале и за нив веќе не би пишувале?
5. Како би се „крстила“ нашата црква? Северномакедонска православна црква? Или Православна црква на Северна Македонија? Би нѐ прекрстиле и црковно, нашите „пријатели“. Што правиме со делот од Стариот завет на Библијата каде што се споменува Македонија во 16:9, 16:10, 16:12… Ама, не. Тоа не е во „пакетот“ од 1944-та наваму и можеби ќе треба да направат ново издание на Библијата за да стои Античка Македонија или, според „светски“ познатиот договор од Преспа, би се подразбирало? А што правиме со ѕвездата на наш Кутлеш, а грчка Вергина? Низ вековите, македонскиот народ го користел симболот, а за неговата важност сведочат и голем број икони во кои се нацртани шеснаесеткраки ѕвезди или во поупростената верзија – ѕвезда со осум краци. И од црквите би ги ваделе овие симболи? Како што, според добронамерниот совет на Џорџ Сорос, го извадивме од употреба ова знаме во 1995-та, како што ни ја демитологизира и ОНА, а сега со негова помош треба да доизвадиме сѐ со придавка „македонски“?
6. Кој би ни ја пишувал историјата, современа? Како би изгледале четивата со историски елементи за нашиот културен, демографски, цивилизациски, литературен, традиционален развој и карактеристики? Собраните народни мудрости и песни, нашите ора и носии што потекнуваат и од егејскиот дел на Македонија и од периодот што за нашата историја според погребниот договор би бил „непознат“? Дали би сакал некој воопшто да се занимава со историја? Според членот 6 од погребниот договор, обврска на нашата страна е да користи делотворни мерки за да забрани какви било непријателски активности, дејства или пропаганда од страна на државни органи или органи под директна или индиректна контрола на државата и да спречи дејства што многу веројатно би поттикнале шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам кон другата држава. Новите сознанија за старите настани за чија историја би пишувале? Или за да не го прекршиме членот 6 би се самоцензурирале и не би се занимавале со историја. Нели, иднината ни е „светла“, европска, па не ни е цел да се занимаваме со историја.
7. Што ако ДНК-анализите за потеклото на народите во нашиот случај докажат дека ние сме со повеќе гени од Античките Македонци отколку Хелените? Веќе имаше такви податоци од швајцарскиот институт за генетика „Игенеа“, пред десетина години, но тие сега се потивки. Дали би можеле ние да истражуваме на оваа тема, или би биле „непријатели“ ако се зафатиме за оваа тема?
8. Како би се викало ВМРО-ДПМНЕ? ВМРО-ДПСМНЕ? Или не би постоела оваа партија? Како симбол на националните стремежи на Македонците, ако овој договор помине, не би имале веќе национални стремежи за правда и права. Тие би биле погребени за нас Македонците. Би немало потреба да постои ВМРО. Уште ако пратеници од партијата гласаат за уставните измени, кои не се достапни за граѓаните и се чувани во најстрога тајна, оваа партија би била омразена за навек. Најболно е твој да те предаде. За пари.
9. Како би се викал СДСМ? СДССМ? Или и оваа партија би престанала да постои? Нејзината национална деструктивност би ја постигнала целта ако договорот го погребе македонизмот. Народот, односно неопределените граѓани, оние аполитичните, но кои се сакаат себеси како Македонци, никогаш нема да ги гласаат поради убиството на македонското во нив. Освен ако не се служат со современите методи на купување наклонетост и послушност, уцени, лажни вести, лажни ветувања и идеологија на современ глобализам, кој не почитува нации и национален диверзитет, но почитува биодиверзитет?!? Ама народот еволуира. Демократијата што ни ја „проповедаше“ нивниот „филантроп“ нешто нѐ поднаучи. И веќе им ги фаќаме матриците и наративите. Сме го гледале филмот и не ни се допаднал. Антимакедонски е.
10. Дали договорот би го погребал и прашањето за егзодусот на Македонците од Егејска Македонија? Тоа прашање секогаш било третирано како ѓубре за под тепих, а сега конечно би се избришало со пенкалцето со кое потпишувал токму Егеец.
Државата во која би живееле би ја водела најголемата антимакедонска политика. Конечно, би можеле да одморат и Бугарија, и Грција, и албанскиот радикален елемент. Ако оваа или следната влада го изгласа овој погребен договор, де факто ќе изврши убиство на Македонија. За убиство на држави се суди на воен суд, домашен, национален. Немаат мандат тука европски трибунали, ниту специјално инсталирани судови. Македонскиот суд би им судел. А Европа, која го поддржува и поздравува ова убиство за нас Македонците, од демократска би станала демонкратска.
Можеби некој ќе каже дека колумнава е задоцнета, како „по свадба тапани“.. Е па.. Не е повеќе отколку доцнењето на објавувањето на уставните амандмани. И нека „трепка“ така, како предупредување за антимакедонските политики.