Џон Дон, омилен поет и на Јосиф Бродски, англиски метафизички лиричар, кој, меѓутоа, метафизиката ја извлекува од обичните елементарни нешта, она што го нарекува Роман Јакобсон онеобичување, има интересна иако експресивна слика на светот. Со неа тој два века пред Киркегард, Ниче, а потоа и Сартр и Ками, се јавува како претходник на егзистенцијализмот. Имено, Дон Џон, драг читателу, светот го претставува како болница во која човекот е пациент и целиот свој живот само се преместува од еден во друг болнички кревет, препуштајќи му се така на постоењето, кое Сартр го дефинира со поимот мачнотија. Тоа. Но широката метафора на англискиот поет сепак не е онеобичена, како што би рекол Јакобсон, стварност, туку е едноставно елементарна слика на човековата судбина, на човекот, според филозофите фрлен во постоење. И таа слика, таква, фасцинантна од тој аспект на фатум што нејзе ѝ дава метафизичка аура, на некој начин ја потврдува дефиницијата на Достоевски за реалноста, дека нема ништо пофантастично од неа.
Светот како болница. Светот, во некои епохи и историски периоди помалку, во други повеќе болен. И тука станува збор пред сѐ не за физичка, на која ѝ се наоѓа лек, туку за умствена, душевна и духовна болест, болест на умот и на душата, двата најдрагоцени органони за себеспознавање и за спознавање на светот што му ги подарил Бог на човекот, а тој ги злоупотребил, дозволил да фатат мувла, непроветрени, и во некои периоди дури и целосно да се распаднат. Станува збор за морална и умствена атрофија што доведува до катастрофи од големи размери: енормна сиромаштија, војни, глад, епидемии и секаков вид несреќи. Честопати во јанѕа, размислувајќи на таа тема, се прашувам драг читателу дали Господ веќе не се кае што го создал тоа слабо, бездушно и во некои историски мигови малоумно создание, уште и според својот образ, како што читаме во Светото писмо.
Туку да не теоретизираме многу. Бараш, драг читателу, конкретни примери за мојата (хипо)теза, која баш и не е моја. Па и во самата Библија за неа ќе најдеме доволно илустративни топоси и примери што ќе ја потврдат неа. Доволно е само во тој контекст да ги споменеме Содом и Гомор како архетипови за целата морална атрофија на човекот, кои затоа што се такви и ги уништил Бог. Но сега воленс/ноленс, разбирливо, по аналогија се прашувам дали тој ќе посегне и по модерна Европа (онаа на неколкуте моќни држави во неа – се знае кои) бидејќи таа, посебно од почетокот на 20 век сѐ до денес, со својот морален и етички пад во сѐ ги надмина Содом и Гомор.
Во омразените библиски гратчиња се практикувале јавно педерастијата и лезбејството, но тие во нив не беа како сега во Бриселската Дама озаконети со специјални правни параграфи во највисоките законодавни тела на Унијата, која насекаде по Стариот Континент, и таму кај нема педерастија и лезбејство, организира со декрет, безмалку тоталитарен, таканаречени паради на гордоста. А другите што не се тоа, кои ја практикуваат здравата сексуална дисциплина на Адам и Ева по првото загризување на јаболкото, кога дури и се засрамија од тоа што го сторија па се покрија со смоквин лист? Што со нив? Тие во европската бриселска демократија би испаднале понижените и навредените, затоа што не ги практикуваат западните, оние на прејадените, сексуални перверзии. За нив ЕУ не организира паради на гордоста. Како да се отпадок од генералната цивилизациска струја на прогресивната Унија. Тие како да не се вклопуваат во нејзиниот концепт и светоглед за модерниот цивилизациски homo sapiens, кој сепак во франкенштајновската ЕУ-лабораторија на Брисел е трансформиран во посебен вид homo ludens. Тоа, драг читателу. И што можеме тука да заклучиме, освен дека такви „морални“ и „демократски“ акти можеле да донесат типови што се и самите такви. Само такви болни умови можеле да ја донесат и онаа таканаречена Истанбулска декларација со која им се забранува на родителите да му го одредуваат полот на детето при неговото раѓање, туку самото да си го одбере него кога ќе порасне и ќе биде зрело за тоа. Кога тоа ќе го направи според своите чувства и желба, евентуално, а не според генеричкиот закон и знаци за полово распознавање што ги дал Господ. Боже мој, каков цивилизациски кретенизам за картезијанците што го злоупотребуваат она на Декарт: „Мислам, значи постојам“. Моите здравоумни и со здрав нагон Малешевци на сѐ ова би цркнале од смеа, иако е бескрајно жално. Таквата малоумност на бриселските политбирократи, таквите нивни цивилизациски пронајдоци во литературата би можеле брилијантно да ги опишат само Гогољ и Маркез, едниот Русин, другиот Колумбиец, и двајцата израснати во здрави биопсихолошки средини, подалеку од аморалната чума на западната либералкапиталистичка цивилизација. Но, да не бидам неправеден, тука се Чехов и Андриќ.
Ме прашуваш сега, драг читателу, од кај, пак, може да иде генезата на таа и таквата аморалност на една цивилизација, која имаше и сјајни просветителски мигови, а сега тоне во големо помрачение. Искрено, и јас честопати во несоница размислувам за тоа. Мислам дека една од главните причини за тоа е енормната безбожна алчност за материјално богатење на таа цивилизација, која покрај многуте генијални научни изуми ја измисли и онаа несреќна машина за производство на материјален профит. Таа неа целосно ја деформира и понатаму продолжува да ја деформира. Едно и кусур столетие проклетството на таа машина пред Маркс го знаеше и еден ингениозен поет, германскиот ран романтичар Фридрих Хелдерлин, кој го постави драматичното прашање: „Чуму поети во скудно време“, притоа дијагностички прашувајќи се уште кај исчезнале трагите на божественото. Значи, дијагностициран е прецизно системот што го боготвори материјалното наспроти духовното, отфрлајќи го целосно Бог како морален критериум. Она за што се залагаше и мудриот Имануел Кант во својот атомизиран епитаф: „Ѕвезденото небо над мене, моралниот закон во мене“. Не знам дали за тоа знаат нешто политбирократите во глувчешките канцелариски дупки во Брисел, од кои излегуваат најчесто за да разнесуваат политичка и цивилизациска чума, најмногу по Балканот што го држат како некој нивен сафари-резерват, но и подалеку (во Африка најмногу) во региони што тие ги сметаат за цивилизациски диви, или полудиви, па според тоа да им дотури некоја доза култура за да се цивилизираат. Парадите на гордоста се само шлаг на нивната културолошка торта. А сѐ тоа мудрата западна цивилизација го прави со претекст да ги цица нафтата и другите материјални ресурси на тие што божем ги култивира и внесува во култура и цивилизација. Совршена цивилизациска логика!
Оваа болна страст за бескрајно материјално богатење, се разбира, ги турка западните моќни европски држави и народи кон нови и нови колонијалистички авантури во кои страдаат и цели цивилизации. Маите, Толтеците, Ацтеките и Инките од шпанските контвистадори, потоа Индијанците во Северна и во Јужна Америка, а тука се и црнците во Африка, Абориџините во Австралија и во Нов Зеланд итн. Има уште многу за набројување. Тоа беа геноциди и сѐ уште се истите тие во сила, во кои се вклучени со перфиден мирис и таканаречените западни хуманитарни мисии. Под капата на Сорос тие се многу активни и кај нас, и мамето ни го расплакаа. Да. Но гледам, се мрштиш и веќе ми приговараш, драг читателу, за претерано строго судење и анимозитет кон западната цивилизација неколкуте нејзини сурови моќници, кои, и со наша помош, успеаја да нѐ преименуваат, да извршат идентитетски геноцид врз нас. Признавам дека имаш право, но за да те уверам дека јас сум дури и благ во моите судови за таа сега сосема аморална Европа те упатувам на книгата во два тома со сјајниот француски антрополог Луј Вансен Тома „Антропологија на смртта“ за да се увериш во тоа. Ќе видиш што мисли еден Французин, а не Македонец, за неа. Ќе ти стане јасно дека само во таа и таква цивилизација, а не на Балканот, или во Африка на пример, можел да се појави еден маркиз Де Сад според кој е и добиен терминот садизам, па и еден Мазох (инаку барон), според кој е добиен терминот мазохизам. А тука е и оној француски „просветителски“ генерал месје Шовен, според кој е добиен терминот шовинизам, кој сега Французите великодушно им го препуштаат и подаруваат на Балканците. Итн. Долг е девијантниот европски список на тој план.
Спомнатиот Луј Вансен Тома генеричката шизофренија на возгордеаната Европа ја детектира пред сѐ во нејзиниот ариевски нацизам, кој сепак нема никаква врска со Ничеовиот Натчовек што го присвоија германските нацифашисти, а камоли со Новиот Човек на експресионистите. Крунско, пак, сведоштво за шизофренијата на таа либералкапиталистичка цивилизација е фактот дека таа беневолентно садомазохистички си нарача една по друга, во неверојатно за тоа кус период, две светски војни во кои испрати на касапница милиони свои граѓани. Се разбира, тука не беа поштедени ни Македонците, сегашните жртви на европскиот идентитетски геноцид врз нив. Да. И за бриселските перфидни Европејци, драг читателу, всушност, тој претставува само играчка, перфидно естетско задоволство. Изопачена ментална еротика на Вавилонската ороспија, како што ја викаше Европа нашиот сјаен прилепски терзија и литерарен гениј Марко Цепенков. И она што е повеќе од јасно да го констатираме, тоа е фактот дека цивилизираниот запад успеа својата морална атрофија, својата биопсихолошка перверзија да му ја наметне на нагонски здравиот Балкан во кој ја одбра сега токму Македонија со својот геноциден идентитетски проект, за нацифашистички тренинг на својот болен ум. Да не зборуваме за душата, бидејќи ја нема, како што посведочи, потпирајќи се и на некои старогермански легенди во своето генијално дело „Фауст“ Гете. Си ја продала на Мефистофел – Ѓаволот.
Но тој идентитетски геноцид над нас перфидните Европејци пак го изведуваат конкретно со нас, со нашата квислиншка влада и со некои шизофрени Македонци, па и, за жал, Македонки како онаа дама (ѝ го заборавив името, но не е голема штета), која смета дека Македонија симболизира племе, архаичност, нецивилизираност, а Северна Македонија цивилизација, дух, култура. Туку, се мислам дали оваа госпоѓа мисли дека и Блаже Конески, на пример, се сложува со неа кога говори за Македонија и за Македонците како „столчено племе“, навистина сум збунет. Сепак кај оваа северномакедонска госпоѓа како, за жал, и кај сличномислечките на неа има навистина нешто шизофрено, некој ментален кусок, едноставно кусок на интелигенцијата, која, нели, во некои случаи треба да биде компензација за морален и етички дефект. Но сѐ тоа недостига кај многу наши интелектуалци, параинтелектуалци, академици, попови, архијереи, новинари, кои стојат далеку од здравиот нешизофрен и без ментален кусок нагон, дух и душа на обичниот неинтелектуализиран со фарисејство обичен македонски човек. Читам, Камбовски остро го укорува претседателот Иванов дека не смее да не ги потпишува договорите и сличните акти изгласани во Собранието. Тоа му било должност. Добро, ама Камбовски заборава дека должност на претседателот е и нешто да не потпишува, ако оцени дека е вонуставно донесено, како што се тоа Законот за јазиците, и договорите со Бугарија и со Грција, и трите геноцидни за Македонија и за Македонците. Нели, господине академик. Затоа вие во академијата сѐ фарисејски потпишувате што е од страна на власта и моќта кај што се парите, кои толку многу ги обожавате. А зошто, да ве прашам, како демек еминентен правник и академик, не ја укоривте власта со трипати аболираниот за криминал Заев за нејзиното незаконско работење и целосно игнорирање на Уставот, а?
Туку во контекстот на темата со психијатриски карактер, славниот каталонски сликар, Салвадор Дали има една експресивна тема во своето сликарство под наслов „Големиот мастурбатор“ раситнет со варијациите (како ламјата во муви кога ја убива Свети Ѓорѓија) во ситни мастурбатори, како што се овие нашите северномакедонци расфрлани по медиумскиот и другиот секаков јавен простор што мастурбираат сега на темите за ЕУ, НАТО, Заев, Северна Македонија итн. Но има нешто многу шизофрено, болно во нивната саката „интелектуална“ и еротска екстаза.
Поздрав, драг читателу, и прости ако бев малку предолг во некои експликации. Беше потребно.