На „кнезот“ од селото Крстец, Илија Јорданоски
Денес пишувам за обичниот, невидлив човек, херој на трудот. Доста ми е од високи теми: општеството, државата, владетелите. Не сум од оние интелектуалци што не излегле на улица, кои живеат во фиктивниот свет на кабинетите полни книги на странски јазици, што при онлајн состаноците намерно стојат изложени зад грбот, за да докажат дека соговорникот е интелектуално „ин“. На тие помодни, партиски фабрикувани интелигенти им е вградена картонска преграда среде мозокот, со што е оневозможена комуникацијата меѓу левата и десната хемисфера, а со тоа и расудувањето. Така, во нивните мозоци се инсталирани само два вредносни еврофахови: „прогресивни“ наспроти „конзервативни“ луѓе. Најверојатно, народот го класираат во преградата „конзервативен“, заборавајќи дека ниеден вистински интелектуалец и уметник не се отцепил никогаш од народот. Кому би му служел инаку, ако не на својот народ? На владетелите? Кога сум кај владетелите: од историјата се познати многу примери кога народот се отцепувал од власта. Се отцепувале и цели народи од држави, како Косово од Србија. Денес во мода е државата да се отцепува од својот народ, со помош на опишаната „интелигенција“.
Можеби, за да ги разбереме работите со тоа отцепување од народот, треба наспроти поимот СЕПАРАТИЗАМ, да се воведе и поим СЕПАРТИЗАМ. Сепартизам е кога една партија се отцепува од својот народ и самата си станува и народ и држава. Од осамостојувањето наваму живееме во постојан СЕПАРТИЗАМ. И ќе настрадаме од сепартизам, не од сепаратизам.
Е од тој сепартизам, еден ден, му се згади на мојот пријател Илија Јорданоски, интелектуалец, филолог по диплома, вработен во чувствителен безбедносен сегмент на нашата јавна администрација (што не му пречи да пишува поезија и да најавува скорешно поетско деби), па си обу опинци наместо чевли. И наместо во канцеларија, користејќи ги владините мерки за пандемијата, оние за родители на деца до десетгодишна возраст, замина в село со неговата сопруга и неговите четиригодишни близнаци.
Симон Дракул напиша голем роман за тоа колку на човека може да му се згади од општеството (опасно „конзервативна“ идеја во комунистичкото време кога романот се појави, би рекле денешниве двофахни партиски интелигенти). Тој роман се вика „Белата долина“ и е класика на нашиот повоен критички реализам, иако има и русоовски и протоегзистенцијалистички сфаќања. Змејко, чесен селанец што по неуспешна печалба се враќа дома гол како пиштол, верувајќи во рациновски поправеден свет, станува партизан. Војната завршува, комунистите доаѓаат на власт, но Змејко сѐ повеќе се разочарува. Колективизацијата наводно значи еднаквост за сите, ама многу брзо таа комунистичка идила се распрснува како меур од сапуница. Змејко доаѓа во конфликт со партиските и задружни функционери, предвоените крадци Штука и Језикил. Тие се такви како што и биле: новиот систем не ја менува старата природа на човекот. Прочуена е мислата на Змејко: „Па тој мене ме тера да помислам дека сите луѓе од секогаш краделе. Скоро заборавам дека може да се живее единствено од трудот на своите раце и да се биде мирен и задоволен“. И затоа „фаќа планина“. Осаменички живот во суровата природа.
Е овој наш Илчо, со истата мисла, исто така „фаќа планина“, секогаш кога може. Негова дестинација е селото Крстец (1.080 метри), на Бабуна, 15 километри од Прилеп. Таму, во дворот на црквата „Свети Никола“ (подигната 1881) е и гробот на татко му, најпознатиот македонски невролингвист Јордан Јорданоски (пројавен и како поет). Во селото е и семејната куќа на Јордан. Илчо, како и Змејко, доаѓа во пустелија: селото има само еден регистриран жител според последниот попис. Неколкумина од поранешните негови жители навраќаат, работејќи малку земја, одгледувајќи пчели. Но Илчо не сака да биде испосник; сака да биде ХОМО ФАБЕР, активен ковач на среќа за себе и народот. Со свои раце сака да создаде „своја држава“, еден вид „полис“ (село-држава), замислена утописка заедница на чесни и работливи луѓе, „државјани“ на селото Крстец. Верува дека вистинските луѓе ќе ги сретне дури откако ќе создаде услови тие да дојдат таму. Или, кажано поедноставно: кој се врати (а се иселил) и кој дојде како новодојденец, добредојден е, зашто е нормален. Илчо верува дека таа раскошна природа и божјиот мир ги бркаат бесчесниците и грабливите, а ги привлекуваат чесните и работливите. Кога по неколку месеци ми се јави и ми раскажа што постигнал, го нареков „кнезот од Крстец“. На шега му реков дека прави парадржава, што е казниво по закон, како и паравоена формација. „Ама и тоа е поарно одошто да правиш ПАРА од држава“, ми рече.
И што ми раскажа? Во јуни 2020, го избираат, како „NEW KID IN A TOWN“ (покрај оној еден регистриран жител), за претседател на црковно-селскиот одбор. Веќе во јули, преку свои канали добива донација: два резервоара за вода и материјал, со што е направена водоводна мрежа за селото (започната од неговиот татко).
Преку донации е изградена нова црковна трпезарија, сменети се покривот, прозорците, водоводната мрежа и санитариите, изграден е челниот црковен ѕид од камен. Добива донации за осветлување и видеонадзор на црквата, а планира да ја обнови и црковната казарница. Ќе изгради и пет летниковци за посетители-добронамерници. Претходниот одбор оставил 2.500 евра во касата, од донации за период од петнаесетина години, колку што биле „на власт“ во селото. Кнезот од Крстец, за само шест месеци успеа да собере донации во вредност од 11.500 евра. И најважното: во август е добиена донација од 100 кубни метри чакал и со позајмена механизација истампонирано е целото село, со „главните улици“ во должина од 500 метри. Кој работи, работи и во Крстец и во Њујорк: 500 метри патишта во село (без државна помош) се ПОГОЛЕМ подвиг од 500 километри автопат од државни пари. Државните „тендер-мајстори“, кои паразитираат во „големата држава“, ќе се кикотат на овие цифри и подвизи. За нив се тоа децимали на мравка, а тие се слонови што креваат (и притоа крадат) цели трупци. Ама мравката може да крене 50 пати поголема тежина од својата, велат научниците. И тоа во заби. Тоа е како човек во заби да носи камион.
Во време на безнадежност, државна каталепса, пандемија, ете, некој крева товар со заби во оваа држава. Ако името на овој човек се најде на листата за премиер, министер, градоначалник или што и да е во отцепената голема држава, со двете раце ќе гласам за него. Гласам за таков сепаратизам, кој ќе ги одвои работниците од неработниците, ’рбетниците од безрбетниците, луѓето од антропоидите. Ни требаат вакви работници: секој да добие по еден град, ќе цвета Македонија.
Да се такви на чело на државата, ќе најдат и вакцини, чуда ќе прават, како што пред некој ден МВР во координирана работа со селаните, ги фати ограбувачите на селската црква, само еден ден по кражбата. Ефикасни се тие самоорганизирани селани, зашто не се платени, а бранат светиња. Но тешко дека некој од отцепената држава сака да ги види таквите, зашто тие што работат ги прават видливи неработниците, како светлината лебарките. Затоа, се прави сѐ да си остане мракот. Важно, во Крстец, барем за сега, е светло. Таму е кнезот од Крстец, Илија. Како оживеан лик на праведникот од романот на Дракул.