Речиси да нема образован човек, дали на Истокот или на Западот од нашава планета, што барем еднаш во животот да не се сретнал со „феноменот Достоевски“ и да не прочитал барем една негова книга. Како ја разбрал и што прифатил од неа, би требало да биде темата на овие мои размисли.
Во времето на мојата младост, некаде во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век, Достоевски беше високо ценет како писател, мислител и како задолжителен дел од образованието на секој интелектуалец. Во тогашните скопски кругови имаше вешти познавачи на делото на Достоевски, а во сите кафеански дискусии тој беше редовната тема. Предничеше пред сите проф. д-р- Миодраг Мицев, а во стапка го следеа новинарите и публицисти Бранко Варошлија, Киро Чауле, Бранко Заревски и цела плејада интелектуалци. Но новото време донесе и нови сознанија, нов поглед, како на неговото творештво така и на неговата личност и општествено влијание.
Во уметноста важат субјективните, а не објективните критериуми, тука никогаш не се два и два четири. Има луѓе што го прифаќаат трагичниот свет на соњимармеладови, мишкиновци, ростаневци, девушкиновци и наоѓаат сладост во нивните страдања, чиста склоност кон мазохизам. Некои пак други мислат дека невропсихијатриското однесување, со изобилство девијантни постапки, не треба да е единствениот лик на едно значајно писателско творештво. Секако, има поклоници на садомазохизам, како на пример Лиза Хохлакова од „Браќа Карамазови“, која хистерично повторува: „Сакам некој да ме измачува, да се ожени со мене, потоа да ме измачува, да ме мами, да ме остави и да си замине.
Јас не сакам да бидам среќна! Јас просто не сакам да правам добро, јас сакам да правам зло и никаква болест нема тука…Ах, колку убаво би било да не остане ништо! Знаете ли Аљоша, понекогаш мислам да сторам ужасно многу зло и какви не лошотии, долго време да ги правам скришно, па одеднаш сите да разберат. Сите ќе ме одбегнуваат и ќе ме посочуваат со прст, а пак јас ќе ги гледам. Тоа е многу пријатно… сите велат дека го мразат лошото, а внатрешно сите го сакаат… Јас сакам да се распаѓам“.
Галеријата од неврастеници, идиоти, мазохисти и садисти во романите на Достоевски е богата, типовите се детално опишани и внимателно истражени. Маките на тие херои – клинички случаи некои луѓе сладострасно ги преживуваат, додека пак другите се дистанцираат, се плашат, затоа што навистина е потресно да гледаш како некои наивни и занесени полуидиоти, можат истовремено да бидат жртви и мачители, без да почувствуваат вина или ужас од сопствениот пад и распад.
Рускиот свештеник и емигрант по Октомвриската револуција, Григориј Спиридонович Петров, тие збркани луѓе, тој изопачен свет, ги нарекува ДОСТОЕВШТИНА, за потоа да појасни: „Сите одвратни гнасотилаци и ѕверства на рускиот болшевизам се, во голем степен, пројава на достоевштината, пројави на болната народна душа. Во ниеден друг народ на културното човештво не би можеле да се најдат толку сладострасни џелати, колку што сега, во болшевичко време, даде рускиот народ“.
Потоа Григориј Петров појаснува што подразбира под терминот „достоевштина“:
Како што е бескрајна трпеливоста на рускиот народ, неговата покорност на страдањата оди дотаму, што тој се насладува од нив, како и сегашната дивјачка разузданост, неговото скотство и ѕверство – сето тоа е достоевштина… Кај луѓето со силна волја, оние што знаат и го ценат достоинството кај човека, тие прекршени робови на духот, предизвикуваат не сожалување, туку досада и остар револт… таквите покорни робови на страдалништвото се како болни микроби во човечкото општество. Тие создаваат духовно малокрвие, упадок и бессилие.
Така, Достоевски објективно го прикажал „бессилието на рускиот дух да ги надмине и победоносно да ги реши страдањата на животот. Затоа, писателот е само генијален патолог на рускиот народен дух, жива слика на патологијата на руската душа“.
Насекаде низ своите писма, записи и поставки се провлекува неговата т.н. теорија за трите идеи: идејата на католицизмот, како цезаро-папизам, денес би рекле глобализам, потоа идејата на протестантството, каде што секој е за себеси – германска идеја и третата е православната идеја, односно „славјанската“, која го чува ликот на Христа, де факто, теократизам. Така и се доаѓа до идејата дека „Русија ќе го спаси светот“ а „Москва е третиот Рим“; идеи што во својата основа имаат цел да ги покорат славјанските, но и некои други народи.
Затоа, „Константинопол треба да стане наш“, не еднаш потцртува Достоевски во своите написи и кореспонденција. Ако пак внимателно се читаат неговите размисли за нас на Балканот, многу лесно може да се открие изречението за неважноста на „Срби, Грци или таму некакви Бугари“… Толку за пламената заинтересираност на Русија да ја формира Санстефанска Бугарија.
Сепак, највпечатливо е мнението на Фридрих Енгелс во неговата статија „Надворешната политика на Руското Царство“ напишана во 1889 година. Феноменално забележува дека „ослободените Бугари кои ги видоа сите добивки од испратените им царски агенти, до гуша се наситија од тоа ослободување. Уште не се истрезнети само Србите и Грците, кои и така не се на директниот пат кон Константинопол… најважната пречка за независноста и слободното групирање на народите меѓу Карпатите и Егејско Море не е некој друг, а имено рускиот царизам со своите прикриени планови за светско господарство со фрази за нивното ослободување“.
Така некако изгледа современата перцепција на Достоевски. Таква била и порано, ама ние не сме знаеле. Веќе одамна починаа и Мицев и Чауле, и Бранко Заревски и Бранко Варошлија. Нема веќе такви собири во „Боеми“ или во бифето на Драмскиот театар. Сепак, верувам дека и денес има вљубеници во книгата, кои барем двапати го прочитале Достоевски. Но сега веќе има некои други луѓе, нови толкувања. Затоа и треба да кажам…не сум јас најпаметниот.
За Достоевски пишувале сите, филозофи како Никола Милошевиќ, театролози како проф. Хуго Клајн, но новите времиња донесоа нови ветрови. Овој напис е компилација на прекрасниот текст статија на д-р Виолета К. Радева објавен во „Фактор.бг“, како резултат на нејзината голема студија за нам блиски автори… треба да се види. Најважното е дека треба да се размисли, кон која и каква иднина се стремиме! Кои ќе бидат нашите примери и колку тука ќе има влијание нашата традиција! Согласни ли сме, Достоевски да биде нашата судбина!?
https://faktor.bg/bg/articles/politika/na-vseki-kilometar/tretiyat-rim-i-mitat-che-dostoevski-e-zashtitnik-na-balgarite-55312