Или Европа како цивилизациско чудо и варварство
Кај Достоевски Европа час е крената на пиедестал како светица, час е блудница зариена во калта на цивилизацијата, која и покрај толку сјајни умови сепак е перверзно аморална и се движи неминовно кон пропаст. Да ги доживееше двете светски војни на Европа што сама си ги подготви таа, рускиот писател ќе имаше целосна сатисфакција за своите песимистички, понекогаш и хистерични рефлексии за неа. Ќе видеше дека не погрешил во дијагнозата на нејзината болест. Европа, која тој час страшно ја куди и презира, а час ја боготвори како „свето чудо“. Така, во „Дневникот на писателот“ ќе наидеме на места во кои тој паѓа речиси во религиозна екстаза боготворејќи ја неа: „Европа – па, еве, тоа е страшна, света работа. О, знаете ли, господа, колку ни е драга нам сонувачите, словенофилите, како што велите вие – непријатели на Европа, таа земја на ’свети чуда‘“ итн.
Да. Сè е тоа точно. Но која е главната причина за силниот анимозитет на Достоевски кон Европа? За Толстој, како етичар и моралист, знаеме. Тоа е нејзината расипаност и атрофија. Нејзината обнова, во таа смисла, на библиските Содом и Гомор, старозаветни архетипски топоси на човековиот разврат, кога е силувано сè што е свето. Доволно е да се сетиме во таа смисла само на епизодата со насобраната геј-толпа содомци пред прагот на праведникот Лот, која ги бара за сексуално задоволство ангелите што го посетиле неговиот дом, испратени од Господ за да направат записник за развратот на земјата. Притоа Лот, за да ги заштити од блуд светите гости, на развратната толпа ѝ ги понудува во замена за нив своите ќерки.
Само за спасение на светото, на светите траги над чие исчезнување по неколку милениуми од тој настан драматично ламентираше и Хелдерлин. Така. Од денешен аспект, пак, таа слика на развратот во старозаветните Содом и Гомор сега со полн интензитет ја обновува аморалната Европа со јавно светско промовирање на педеризмот и лезбејството, со силно форсирани геј и лезбиски паради. Форсирани од новиот цивилизациски Содом и Гомор на ЕУ, сега востоличени во Брисел.
Многу долга, но потребна контекстуална дигресија, драг читателу, за да стигнеме до еден клучен текст на Достоевски во неговите дневнички записи од 1876 година. Во еден од нив, кој, според многу нешта, потсетува на некои аспекти на Откровението или Апокалипсата, како што уште се вика, на апостол Јован во Новиот завет. И самиот наслов на тој пророчки текст за кој станува збор ја има есхатолошката димензија во себе, за крајот на светот. Сега согледан во крахот на западната цивилизација, која впрочем, да се потсетиме на скорешната изјава на Макрон, што коинцидира совршено со размислите на рускиот писател, стои, „на работ од бездната“.
И во текстот на Достоевски со апокалиптичен есхатолошки наслов „Последниот збор на цивилизацијата“ ин медиас рес се сугерира крајот, последните денови на една истрошена, изедена од молецот на ентропијата и, пред сè, морално атрофирана цивилизација. Таа на гордата ариевска, нарцистичка Европа, која себеси се смета за посебна и највисока раса на Земјината топка, па Хитлер не е осамен во тоа. Да. Но Достоевски ги демистифицира нејзиното лицемерство, лаги и лажен хуманизам, кој денес кај моќните колонијалистички европски нации егзистира под поимот хуманитарност; или храна од подолен вид и лекови со поминат рок во замена за нафта. Тоа е според рускиот писател конформистичка и крајно егоистична цивилизација, и тој нејзе покрај другото, ѝ замерува и за нејзината срамна рамнодушност за страдањето на христијаните на Балканот под турско иноверно ропство.
Европа, како што вели Достоевски, нив ги смета за „гадови и тавтабити, па и полошо од тоа: десетици, стотици илјади христијани таа ги гази како одвратна шуга, ги корне и брише од лицето на земјата“. Тоа го прават муслиманите, а Европа, христијанска, лулка на цивилизацијата, како што се смета себеси, на сè тоа гледа рамнодушно, исчекувајќи „кога ќе престанат да ги дават тие тавтабити“.
Потоа, Достоевски речиси интуитивно молскавично се навраќа кон варварскиот сегмент на Европа кон Русија, на нејзиниот анимозитет и хиенско исчекување на мигот во кој таа ќе се нафрли врз неа за да ја уништи. Тука можеме да претпоставиме дека во тој контекст тој го имал предвид и походот на Наполеон на Русија, каде што доживеала пораз на Бородино 1812 година.
А темата за волчешкиот нарав на Западот кон Русија, драг читателу, е инстинктивно, како некој одбранбен вид Павлов рефлекс залегната во свеста на Русите, и не без причина. Таа е особено присутна и кај руските поети, кои, за да ѝ се спротивстават на агресивноста на Европа кон нивната татковина го реактуализираат митот за Азија како скриен „варварски“ дел од нивното колективно битие. Така, поетот и филозоф Владимир Соловјов во таа смисла и ја пишува својата антологиска песна со индикативен наслов „Панмоголизам“.
Руско-азијатската тема ја наоѓаме и кај Николај Гумиљов, но сепак најинспиративно, генијално таа е остварена во последната песна на Александар Блок што ја напишал тој пред крајот на својот живот. Како довикување, варијација на иста тема со Достоевски. Таа е крик упатен кон Европа од која е страшно разочаран поетот. Тоа е песната „Скити“ во која, речиси тестаментално, Блок ѝ се обраќа на Европа непријателски настроена кон неговата татковина. Во песната тој првин неа во духот на отворената руска душа ја повикува на братска љубов и соработка: „О, елате кај нас! Од војната страв што сее / дојдете ни во прегратка вие, / спуштете го мечот, дури доцна не е, / дојдете ни во прегратка вие, / спуштете го мечот, дури доцна не е, / Пријатели! Браќа ќе сме ние!“ Но потоа, ако тоа го одбие таа, следува заканата дека Русија ќе ѝ ја покаже нејзе „азијатска муцка“, која е дива во мера во која мисли Европа за Русите како за варвари, како за диво азијатско племе, кое не е достојно за да се причести со нејзиното цивилизациското вино. Да. Но, имено, Русија е таа, како што исправно вели Блок, која секогаш го држела штитот „меѓу две лути раси Монголите и Европа“, штитејќи ја западната егоистична цивилизација не еднаш од налетот на источните варварски азијатски орди.
Затоа, имено, и ѝ вели императивно поетот на Европа дека ако не се вразуми Русија ќе им ја отвори кон неа вратата на Хуните, кои „ќе палат градови, терајќи в црква стада, / и месото на белите браќа ќе го печат“. Сјајниот руски поет, за кого С.М. Баура вели дека е најинвентивен европски симболист, уште еднаш, сега во последната строфа од „Скити“, ја повикува Европа на братска дружба со неговата татковина. Но сега заканувачки, ако не го прифати тоа, и за последен пат: „За последен пат – вразуми се, свете! / на празникот братски од мирот што блика, / за последен пат – на братската гозба света / лирата варварска те вика!“
Тоа и така. Тоа е синџир врзан алка за алка. И напред и назад. Сега можеме да кажеме дека „Последниот збор на цивилизацијата“ на Достоевски во перспектива апсолутно коинцидира со апокалиптичната атмосфера и слика на цивилизацијата во „Скити“ на Блок. По Достоевски најпророчкиот руски гениј. Достоевски вели: „Русија ќе зајакне, ќе завладее со истокот, со Константинопол, Средоземно Море, пристаништата, трговијата. Русија како варварска орда ќе се струполи на Европа и ќе ја уништи цивилизацијата“. Цивилизацијата, која и според Толстој е во целосна морална атрофија и антихуманизам.
Нешто што е денес дури и уште поизразено кај неа. Достоевски навистина добива хистеричен, епилептичен напад на помислата дека Европа крволочно ѝ се заканува на неговата Русија, која за него е најхристоликата земја на светот. Оттука и неговата закана кон неа како и кај Блок, неговиот пророчки близнак, звучи апокалиптично. Вели: „Не постои денес во Европа човек, кој е образован и кој умее барем малку да мисли, да поверува во тоа дека Русија сака, дека може и дека е во состојба да ја уништи цивилизацијата“. Да. Притоа рускиот гениј се обидува да ја фиксира и дијагнозата на европскиот анимозитет кон неговата земја и народ: „Да, Русија е виновна затоа што е Русија, а Русите затоа што се Руси, односно Словени: не го сака Европа словенското племе, лес есцлавес велат, робови, а Германците имаат доста од тие робови, кои можат да се побунат“.
На крајот Достоевски својот тестаментален текст-обраќање кон Европа го завршува под знак на прашање, во стилот на страстен православен христијанин и човекољубец: „Човекот кој си поставува себе прашања не знае што да мисли: Кај е правдата, возможно ли е светот да е толку многу далеку од неа? Кога ќе престанат несогласувањата ќе се збратимат ли веќе еднаш луѓето? Дали некогаш правдата ќе биде така моќна за да може да ја совлада човечката рамнодушност, цинизам и егоизам? Каде се вистините до кои се стасувало со толку многу мака, каде е човекољубието?“
Драматични прашања за несоница, кои и денес се актуелни, дури и поактуелни од времето во кое живеел рускиот гениј и мартир Достоевски. Да, драг читателу. Сфаќаш? Оти пророчкиот текст „Последниот збор на цивилизацијата“, преполно со есхатолошки чувства и размисли од дното на врвот, погледнат од денешен аспект воопшто не е архаичен. Напротив тој е безмилосно современ и актуелен. Оти, како што гледаме, Западот денес е уште повеќе варварски под својата дебела и лажна маска на „демократија“ настроен кон Русија. Со сета своја моќ на патолошка омраза кон неа, сега пак е обновен макартизмот појавен во Америка во педесеттите години од минатиот век.
Бацилот од кој сега силно се зарази, по диктат на Пентагон, и сервилната кон своето цивилизациско копиле што го роди за несреќа на светот Европа. Анимозитетот не само кон Русија, туку кон целото, а денес трагично разединето, моќно словенско племе. Кон словенските народи што ги тераат на омраза кон Русите. Не само кон Полјаците, што најлесно ги прибраа кај себе, кои поради некои познати историски ситуации ги мразат и патолошки Русите, туку и кај балканските Словени, кои без разлика на историскиот однос, поодделно, кон нив на Русија ја сакаат неа необјатната матушка. Таа, која небаре е за нив како некој вид Богородица ширшаја небеса (Богородица поширока од небесата). Македонците исто така, иако матушка Русија направила редица кобни историски грешки кон нив, а се надеваме сите ние од столченото прасловенско племе, драг читателу, дека денес нив ќе ги исправи таа. Оти Бугарите, на пример, во кои толку многу инвестира, па им ја создаде и Санстефанска Бугарија врз грбот на Македонија и Македонците таа, неколкупати им го зарија ножот в грб, пактирајќи со фашизмот. Денес исто така први од балканските Словени се фрлија во прегратката на фашистичкиот НАТО.
Така е тоа. А Западот, кој за време на животот на Достоевски беше европски, а потоа стана евроамерикански, го подигна нивото на својот анимозитет не само кон Русија, туку еднакво кон сите словенски народи. Да. Оти сега излегоа на виделина и некои архивски документи од мрачните депоа на ЦИА и Пентагон, кои децидно го потврдуваат тоа: нивниот план за уништување на целиот словенски род и православие.
Во тие документи за уништување, демонстрација на западниот цивилизациски нихилизам, покрај на Русија значајно место ѝ е дадено и на Македонија, оти таа е „чудото“, местото од каде што тргнало христијанството кон Европа и Русија, а тоа не му се допаѓа на западниот Мефистофел, Антихрист олицетворен во суровата материјалистичка филозофија на западниот либералкапитализам што ги цица потта и крвта на сиромашните народи во светот. А што се однесува до ликвидација на Македонците како словенско архиплеме, те потсетувам, драг читателу, на терористичката 2001 г. и на сè што се случуваше и што сè уште се случува во Македонија по неа.
(продолжува)