Во пресрет на изборите ќе потсетиме дека сите функционери даваат „света“ заклетва дека совесно и одговорно ќе дејствуваат во полза на општото добро на граѓаните, впрочем суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, а не на партијата. Државата е народот и следствено сите функционери се избрани и именувани за да му слугуваат на народот. Ако се земе предвид искажаното, правилното формулирање на лозунгот треба да гласи – Долу партијата!
Да живее државата!
Римската Република никогаш немала пријателски односи со Картагина и војната била неизбежна. Борбите биле сурови и тешко можело да се процени кој ќе победи. Во 256 година пред нашата ера, конзулот Марко Атилиј Регул и римската војска пристигнале во Африка. Во почетокот, Римјаните успешно војувале против Картагинците, но во 255 година пред нашата ера римските легии се поразени и конзулот бил заробен. Во Картагина, болен и осамен, Регул мечтаел за семејството и постоела мала надеж дека повторно ќе ги види. Во 249 година пред нашата ера, Картагинците донеле одлука да испратат амбасадори во Рим со предлог за мир и го поканиле Регул да учествува во преговорите со римскиот Сенат, ветувајќи му слобода доколку биде договорен мирот. Марко Атилиј Регул се согласил и се заколнал дека ќе се врати во Картагина доколку преговорите пропаднат. Картагинските првенци се надевале дека поранешниот римски конзулот ќе го поддржи нивниот дипломатски предлог во замена за сопствената слободата. Набргу, Регул и картагинските амбасадори запловиле за Италија.
Во престолнината на Римската Република, Сенатот го побарал мислењето на Регул. Пред сенаторите, Марко Атилиј Регул истакнал дека не само што е Римјанин туку го има и нивниот општ интерес во своето срце. Според него, договорот во ниеден аспект не е полезен за римската држава. По овој одговор, сенаторите загрижени за безбедноста на Регул, се искажале за размена на заробениците, но поранешниот конзул се спротивставил велејќи дека тоа не е во интерес на Римјаните. На крајот, Регул ги одбил сите предлози забележувајќи дека нема да ја прекрши дадената заклетвата за негово враќање во Картагина доколку преговорите пропаднат. Непосредно пред да замине, неговата жена и деца го молеле да остане, но останал непоколеблив и се вратил во Картагина каде што бил сурово измачуван и убиен. Римскиот државник и генерал Марко Атилиј Регул ја ценел дадената заклетва повеќе од својот живот.
Приказната за римскиот конзул Регул е интересна од аспект на граѓанската добродетелност (граѓанска доблест) – израз што е формулиран од старогрчкиот филозоф Аристотел. Под граѓанска доблест треба да подразбираме посветеност, должност, одговорност, верност, лојалност, заслуга, морал и доблест за општото добро (рес публика). Затоа Марк Тулиј Кикерон вели дека главната задача на претставникот на власта е да сфати дека тој ја игра улогата на државата, дека треба да го зачува нејзиното достоинство и чест, да ги штити законите, да донесува закони и постојано да си споменува на оние нешта што му се доверени.
Сите претставници на законодавната, извршната и судската власт во Македонија даваат свечена заклетва со која се обврзуваат дека ќе ја вршат функцијата совесно и одговорно врз основа на Уставот и законите на Република Македонија. Во последните триесетина години, бевме сведоци на многу заклетви, но нашите претставници како да не ја сфатија сериозно заклетвата, што е очигледно од нивните постапки и однесување. Нивниот лозунг како да беше – Долу државата! Да живее партијата!
Од осамостојувањето сѐ почесто сме сведоци на контроверзни одлуки, кои се на штета на државата и во полза на сопствената партијата. Во пресрет на изборите ќе потсетиме дека сите функционери даваат „света“ заклетва дека совесно и одговорно ќе дејствуваат во полза на општото добро на граѓаните, впрочем суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, а не на партијата. Државата е народот и следствено сите функционери се избрани и именувани за да му слугуваат на народот. Ако се земе предвид искажаното, правилното формулирање на лозунгот треба да гласи – Долу партијата! Да живее државата!
Да се навратиме на Марко Атилиј Регул. Поетот Квинт Хорациј Флак вели дека Регул си заминал среќен од Рим, затоа што знаел дека го сторил вистинското нешто за својата држава. Не случајно, Шарл Монтескје – еден од најголемите француски филозофи, вели дека Римјаните биле најрелигиозните луѓе во светот кога станувало збор за заклетвата, која била суштината на нивното државничко однесување. Регул бил свесен дека го чека сурова смрт кога Картагинците ќе дознаат за неговите искажувања, но и покрај тоа, не дозволил сопствениот интерес да го стави над интересот на сопствената држава. Нека ни послужи Марко Атилиј Регул како пример дека е време да се тргнат настрана личните и партиските интереси во полза на општото добро (рес публика).