Должници

За долгот, пак, кон народот, нека му мислат оние што се (пре)платени за тоа.
Нашите најголеми должници

Не е лесно да се пишува колумна по Манифестот на мотиката на Венко Андоновски. Не (само) затоа што е речено речиси сѐ за сѐ што ни се случува, ни се случуваше, а веројатно ќе ни се случува и во иднина, па оттаму и секој натамошен обид е осуден на себеповторување (повторливоста е вистински „уплав“ за оној што пишува). Поголем уплав е системската повторливост на искривената општествена стварност, која како во филмот „Денот на мрмотот“ се повторува сѐ дури не се научиме од грешките. Ниту причина е скромното ехо на пишаниот збор, па пишувањето колумни се сведува на оддишка на умот (нешто за кое е доволно човек да отиде во планина и да се извика наглас, како што прават планинарите), бидејќи пишувањето е пред сѐ следење внатрешен порив, независно од ефектот или аплаузот.

Неможноста за раздолжување е она што ме фрла во недоумица, свеста дека сме должници отаде мерата. Прашањето за долгот и двете негови „алотропски“ модификации – задолжувањето и раздолжувањето. И не само кон мотиката.
Уверен сум дека професорот (како и многу други) кажал и напишал и повеќе од достатно да го раздолжи за повеќе животи. Како што сум еднакво уверен дека не мора да си професор, ниту писател, за да можеш да се раздолжиш, работејќи го со љубов и одговорно она што најдобро го знаеш и умееш. Прашањето за долгот и за тоа кој кого и со што задолжил во минатото и задолжува во сегашноста, но и кој како и колку раздолжува денес и ќе раздолжува во иднина е прашање за милион долари и го засега секој граѓанин на Македонија. Одговорот не носи милион долари, а само свест за големината на долгот.

Верувам дека, читателе, добро ти е познат чинот на задолжување и, особено, неговиот магичен круг. Ако е така, секако знаеш и колку се тешки раздолжувањето и излегувањето од неговото поле на гравитација. Веројатноста дека грешам, за жал статистиката малку ја оправдува, напротив, голема е веројатноста дека повеќе или помалку си ја почувствувал гравитацијата на долгот и кружењето во вакуумот на несигурноста. Но и да грешам (а статистиката го дозволува тоа), сепак ти припаѓа некаков долг, зашто една од работите што без исклучок му претходат и следуваат на секое раѓање, секому и секогаш, е долгот, како во светата, така и (уште поуверливо) во световната книга.

Што се однесува до светата, таа го задолжила човекот за навек поради еден гриз јаболко (или смоква, ако им веруваме на Микеланџело и Систинската капела) од дрвото на знаењето. Поради една непослушност. Така барем вели Библијата. Дали е вистина така, не знам, зашто јас, како и ти, сум овде на поминување и не би знаел да се раздолжам за едно толку старо и по многу прашања спорно задолжение. Знам само дека денешните потомци на Ева и Адам поретко ја имаат храброста да му пркосат на авторитетот, но затоа, пак, помалку се срамат и сѐ повеќе се вљубени во сопствениот комфор. Кој кого задолжил и останал должен меѓу Бог, Сатаната, Ева и Адам останува прашање за идните должници. Драги Михајловски, авторот на романот „Должници“, има одлични сугестии на оваа тема.

Она што сега и овде ме задолжува многу потешко (а верувам и тебе, читателе) е световниот долг, оној што може да се измери и плати. Не само личниот долг (кој си е лично мој и не сакам ни да го делам, ни да им го оставам на потомците), туку и оној што е меѓу нас, како сограѓани, а со кој сме задолжени заедно, првенствено од оние што нѐ претставувале и нѐ претставуваат, а кои во континуитет сметаат дека беспрекорно менаџираат со сите наши долгови, како што во континуитет забораваат кому всушност му должат, односно кој е главниот „доверител“. А „доверител“ е народот. Народот доверува и бидува изневерен. Народот е наедно и најголем должник и единствен плаќач, без жиранти во сегашноста. Но затоа во иднина потомците го имаат тоа „право“. Народот, односно ти, читателе, и сите оние што ги познаваш и не ги познаваш, а се твои сограѓани, сосе младо и старо, вклучувајќи го и авторот на оваа колумна, сме должници, приближно 2.500 евра секој одделно.

Толку изнесува јавниот долг сведен на жител, или речиси половина од БДП (поточно 47,7 проценти). Како бројка тоа не е причина за тревога. Јапонците на пример имаат четирикратно поголем долг, па не се тревожат. Тревожно е што јавниот долг постојано расте (за последните десет години двојно е зголемен), а благосостојбата опаѓа. Истиот тој еднаш мора да се врати со камата од нашите потомци, оние што ги задолжуваме уште со нивното раѓање, како што нѐ задолжиле и нас. Најновиот извештај на Светската банка, „Променливото богатство на нациите“, дава „снимка од иднината“ за состојбите на економиите низ призмата на одржливото, која, за разлика од вообичаените макроекономски показатели (како БДП), мери како ги трошиме ресурсите со кои располагаме и каква е сегашната вредност на идните доходи, па, оттука, е имплицитно колку идните „должници“ ќе можат да се раздолжат. Извештајот го оценува богатството на Македонија на 2.210 долари по жител, односно помалку од долгот по жител.

Но што е со другите долгови, оние помалку мерливите, на доверителите од поблиското и подалечното минато, кои (од благородни причини) нѐ задолжиле, доверувајќи ни го на чување она за кое се жртвувале? Има долгови за кои не се преговара и кои не можат да се репрограмираат како што милува должникот.
Датумот на денешната колумна е приближна аритметичка средина меѓу два такви „должнички“ датуми. Едниот е 2 август, денот на двата историски Илиндена (115 години од почетокот на Илинденското востание и 74 години од Првото заседание на АСНОМ), а другиот е 13 август, 17 години од денот на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор (ОРД). И двата „задолжуваат“, иако мошне различно.

Задолженијата на првиот датум се историски и архивски заверени и потврдени, но од нивното чествување и празнување на Мечкин Камен и во Пелинце, а во име на спогодбата, се чини ќе ни останат како потпора за иднината единствено каменот (па бил тој и мечкин) и пелинот, како психосугестија на духовното наследство. Ниту една власт не успеа да ја исполни економската слобода на двата Илиндена и да му се раздолжи на својот суверен и „доверител“ за ветеното. Со ОРД, пак, остана долгот за колатералната штета на граѓанската демократија направен со легитимација на насилството во политичкиот дизајн. Заедно со долгот за испорачаниот популизам и неиспорачаниот соживот. Сите досегашни власти му останаа должни на македонскиот народ за неиспорачаната благосостојба и испорачаното отуѓување, за големото осиромашување и иселување. Најпосле и за одземеното достоинство, без разлика на вера и етничка припадност.

Должна му остана и мисловната именка „меѓународна заедница“ за празните пофалби во времето на „оазата на мирот“, за задоцнетиот и несоодветен одговор за решавање на насилниот конфликт во 2001-та (заедно со другите конфликти на територијата на поранешна Југославија), за колатералната штета од наметнатото ембарго кон Србија и НАТО-интервенцијата, за економските и безбедносни импликации од 360.000 бегалци од Косово, за сѐ што стори или не стори, навреме или никогаш. Должни му се на овој народ и многу интелектуалци за политичката коректност во овие пресвртни и некоректни времиња, должни му се за неискажаниот став и премолчениот глас.

Уште нераздолжени со договорот што нѐ врами во заедници, а веќе се „подгреваат“ нови недостоинствени задолженија и врамувања со спогодбата од Нивици, со „страната“ што не ги намирила ниту старите долгови (кои не застаруваат), но затоа тежнее со спогодба да ги прогласи за непостојни и да ги отпише. Барем да се извинеше.
Истите нотари, истиот дезен. И, најважно, истиот доверител и должник. Нејсе.
Немав намера да отворам стари рани, но само да потсетам дека долговите што не се сервисираат навреме (или никогаш) или едноставно се игнорираат, не можат да донесат ни поубав живот, ни благосостојба. Во светата книга олеснувањето доаѓа со простување на долговите на должниците, во световната, пак, олеснувањето доаѓа со нивната наплата.

На празнувањето на Илинден слушнавме „доста е!“ од неколку места, од претставници и на власта и на опозицијата. Не разбрав кому и од што му е доста, но ја разбрав пораката на професорот Андоновски во последната колумна „доста е: кажав што мислам за ова пресвртно време“. Рече и се раздолжи. Но јас и ти, читателе, имаме уште многу за враќање. Илинден е потсетник дека она што е заедничко, без разлика на верата и етничката припадност, е Македонија и нејзиниот долг, кој е заеднички и мора заедно да го враќаме. За да ни биде полесно. Можеби и мене (како што „признава“ Драги Михајловски) ми е чкртнато со пишување да го враќам долгот. Дали и кога ќе се раздолжам, не знам ни самиот.

Едно нешто сепак е сигурно, долгот кон мотиката мора да се плати, а долгот на народот ќе го плати кој ако не народот или неговите жиранти – нашите потомци. За долгот, пак, кон народот, нека му мислат оние што се (пре)платени за тоа. Нашите најголеми должници.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)