Рој теми за колумна, драг читателу, што ги произведува во перпетуум мобиле ритам од фабриката на глупоста оваа влада. Влада која покрај глупост произведува уште и страв. Страховлада од сталинистички тип. Јосиф Висарионович е нејзин архетип на владеење, кој владее врз добро познатиот постамент-трамбулина што му го подготви Ленин: „На пролетерската власт сè ѝ е дозволено“. На наш простор и на владата на СДСМ и Заев, во ликот на Грузинецот, сè ѝ е дозволено. Страховлада во вистинска смисла на тој поим што го потврдуваат и најскорешните два настана што сакаме да ги потенцираме. Првиот е оној со Агатангел, митрополит повардарски кој го товари јавното обвинителство со клевета на градоначалникот на Велес, Аце Коцевски (едно време симпатичен демократ), „по допрен глас“ дека владиката, во неможност да одат на Дуовден на гробишта, ги повикува верниците да дојдат во дворот на црквите со пченица и свеќи за да се помолат за своите мртви. Тие што се стопати поживи од нашите мртовци во владата. И тоа „по допрен глас“ навистина ги буди сенките на Дугашвили, на премиерот и Заев (сè уште неискоренлив) и владата во ликот на советскиот диктатор од едно време што мислевме дека минало. Но не е.
Овој планиран инцидент со доблесниот родољуб Агатангел, одамна трн во окото на оваа ненародна власт, е микроилустрација за сталинистичките методи на оваа власт: вториот случај е со сјајниот оперски пејач, сличен на него, Игор Дурловски. Пред неколку дена, додека возел, него го преследувал со свое шизофрено возило силеџиски советникот на Зоран Заев, Филип Андонов-Глушец (пардон: Сокол од што изумреа соколите), и од семафор на семафор го навредувал и му се заканувал само затоа што е родољуб и си го сака народот за кој беше суден како терорист од Кацарска и Рускоска, за што тие еден ден, се надевам наскоро, ќе бидат судени за „правен“ тероризам на невини родољуби.
Тоа. Па, ајде, за тема за колумна тука е и мојот пријател доктор Ангел Џамбазовски, кој мака мачи да го отвори центарот за физиотерапија и микропротетика, прв од тој вид на Балканот. Еднаш ѝ платил комуналии на претходната власт, но овие новите му бараат да им плати и ним, оти не ги интересира просперитетот на државата туку личниот џеб. Едно градоначалниче (денес го има, утре го нема) тука е главниот шраф на власта што ја игра сега таа перфидна игра на грабеж. И тука нема напредок за државата и народот, туку има само алчност на власта.
Така. Туку да се вратиме, драг читателу, на основната тема на колумнава: докапитализација. На неа ме потсети мојата сметка за електрична енергија на ЕВН од април, која е над 5.000 денари, иако штедливо ја користам струјата. Вистински електричен удар, кој не е само кај мене туку кај многу граѓани, кои треба да го гојат задникот на австриските газди. Електрошокови, познат терапевтски метод во психијатријата. ЕВН перфидно се извини дека ќе направи корекција. А, зошто пред тоа направила така груби грешки. Намерно, секако. Сарказам. Велат, поднесете приговор. Но приговорот е: да не си играат со овој народ и да не му ја дерат сиромашната кожа, оти тоа не им е првпат. А Македонците главно молчат и плаќаат. Тоа го знаат западните либералкапиталистички сатрапи. Оти Македонците, такви какви што се, кротки и помирливи, се идеални за робови. Браќа на африканските црнци. А ме чудат и Македонците во ЕВН, кои, по сè изгледа, повеќе работат за австриските газди, отколку праведно за својот сиромашен народ.
Туку да го фрлиме во оптек сега поимот транзиција кај нас, кој го осветлува од своја страна и поимот докапитализација. А тоа да ти значело ништо друго туку разграбување на имотот на народот стекнат за време на социјализмот, а во име на новиот поредок со име капитализам за божем вглобување во системот на западната либералкапиталистичка цивилизација во Европа, која како врховен бог на таканаречениот грабеж како транзиција му даде благослов кај нас. И тоа беше страшно. Наеднаш фабриките што значеа живот се испразнија и опустеа, посивеа, со искршени прозорци како чудовишта од кои веат страв и јанѕа. Тие и другите општествени добра беа од една лукава клика, која потоа дојде на власт, доведени во таква состојба за да бидат од неа купени речиси без пари: една фабрика како кутија наполитанки. И така се трупаше она што и Маркс го дефинираше како „акумулација на првобитниот капитал“, суров и бескрупулозен дарвинизам за да се изгради божем новиот прогресивен капиталистички систем на слободниот пазар и слободната конкуренција. Да. Ама и пазарот и конкуренцијата веќе беа запоседнати на суров канибалистички начин од една мала и моќна безобѕирна група, а на преостанатите им беше доделена улогата на робови, или еуфемистички речено работници.
Кај нас се случи истото тоа со таканареченото осамостојување по 1990-та. Општ грабеж за време на владата на Бранко Црвенковски, за кого Амди Бајрам имаше една луцидна портретска формулација: „Пола човек, пола ништо“. Па, би можел и Хајдегер да му позавиди на неа. За време на неговото владеење речиси сè се докапитализира со крупни чекори, и на сцена се појавија македонските екстрабогаташи тајкуни, кои ни орале ни копале, туку „снаодливи“ и прилепени за власта, грабеле. Дете на таа и таквата докапитализација е и сегашниот (сè уште актуелен, и покрај сè) премиер Зоран Заев, аболиран за криминал, имено од Црвенковски. Тој е еден од македонските Ротшилдови сега, чии полиња со марихуана допрва ќе цветаат и ќе носат огромен профит во неговиот џеб, додека овој напатен народ на кој тој му го одзеде и најсветото, Името, едвај се прехранува.
Тоа, драг читателу, но сликата, големата слика на она што го опфаќа поимот докапитализација е посеопфатна и има „цивилизациски“ карактер. Западен, се разбира. Оти од таму дува во целиот свет тој лаком ветер за општ планетарен грабеж под маската на демократија и цивилизациски вредности. Западните колонии, особено во Африка и Јужна Азија, добро го искусиле тоа. А сега го искусуваме и ние. Јасно ти е, драг читателу, зошто Западот ја урна Југославија и комунизмот сегде низ светот (освен во мудрата и силна Кина) и зошто ЦИА го ликвидира во боливиските шуми последниот голем борец за нова планетарна револуција Че Гевара, брат-близнак со нашиот Рацин убиен на Лопушник. По неговото убиство задачата да го брани либералкапитализмот на моќните корпорации и банки ја презеде на планетарно ниво терористичкиот НАТО, чија тупаница добро ја почувствувавме и ние (2001) и Србите на Балканот. Србите на кои оваа воена терористичка организација им создаде туѓа држава на сопствена историска автентична територија.
Така. Јасно е зошто ни дојде на гости на Балканот либералкапиталистичка Европа. Нејзините корпоративни магнати што ги купија како бонбониери за екстра-евтини пари (се разбира полнејќи им ги притоа џебовите на домашните квислинзи) и зацарувајќи целосно со економската ситуација на завладеаните народи. Чист колонијализам прекопиран од оној на Западот во Африка. Сега малку нешто пософистициран, ама провиден во перверзијата. Така беа земени најпрофиталбилните капацитети на покорените: телекомуникациите, струјата и другите енергетски ресурси што носат огромен профит. Се разбира, за новите газди што ни нудат западен модел на демократијата и егзистенцијата. Типичен ариевски модел на надраса, која треба да управува со „примитивните“ и непросветлените. Небањатите. Без разлика што Луј XIV во Версај воопшто не се бањал. Тоа, всушност, и се случи со целиот Балкан, кого Европа сè уште го смета како подрачје на пониска примитивна раса, која е како тесто што може, секако, на разни начини да се меси. Дури спокојно и идентитетски да се ликвидира, како и што се случи тоа со Македонците со страшниот идентитетски колеж во Преспа 2018.
Тоа е тоа. Па ние се чудиме со прескапите сметки за струја и мобилна телефонија, поскапи отколку што се тие кај богатите Германци!!! Морам да ставам дури три извичника. Па и зошто да не, кога е овој народ кроток и трпи да му ја дерат кожата и странските и домашните корпоративни сатрапи. Оти не треба да се извинува ЕВН, туку треба да има некоја, барем мала, морална граница. Оти тоа е системот на западната либералкапиталистичка цивилизација да го ограбува светот под претекст, како што мислеше и еврототемот Винстон Черчил, дека таа ги цивилизира колонизираните и дека создава од нив „стабилни системи“, кои треба да бидат благодарни за таа услуга. Тоа е така, како што размислува британскиот лав, што ги бомбардираше со напалм во 1948-та егејските Македонци, и неговите западни истомисленици, додека експлоатираните од нив, како свети Вартоломеј, на познатата слика на Микеланџело во Сикстина, му ја покажува одраната кожа на Исус на Страшниот суд како доказ за страдањето на сиромасите. Таа кожа, којзнае по кој пат одрана и од ЕВН и од кои било други корпоративци од Запад и од дома, под нивно влијание. И овој народ е веќе народ без кожа, драг читателу. Сега ќе се почне со глодање на неговите коски.
А, дека е прочитан тој шуплив западен „хуманизам“ го потврдува не некоја посебна научна студија туку и една песна на африканскиот поет Аугустино Нето, кој бил и претседател на Луанда. Неговата песна со карактеристичен наслов „Западна цивилизација“ ја најдов во Антологијата на светската поезија на Раша Ливада (Просвета, Белград 1983). Неа како сјајна илустрација на нашата тема докапитализација ќе ја цитирам без коментар. Еве ја: „Лим прикачен на колец / прободен во земја / прават куќа. // Партали ја дополнуваат / поблиската куќа на пејзажот // сонцето се провлекува низ пукнатините / и го буди нејзиниот жител / по дванаесет саати ропски труд. // Да кршиш камен / да пренесуваш камен / да кршиш камен / да пренесуваш камен / по сонце / по дожд / да кршиш камен / да пренесуваш камен // Староста доаѓа бргу // Една простирка во темните ноќи / е доволна за да се умре / благодарен / и дека си гладен“.
Доволно. Сè е јасно со „стабилните системи“ на Черчил и западниот „демократски“ либералкапитализам. Ние уште долго ќе доживуваме струјни удари не само од ЕВН туку од сите западни корпоративни гости кај нас што ни продаваат демократија, цивилизација и хуманизам по колонијални цени. А за тоа дополнително плативме и со идентитетски геноцид од нивна страна. За да бидеме уште подобро дотолчени и манипулирани. А не можеш да полудиш, бидејќи и лудилото ни го имаат забрането и убиено тие! Оти тоа е набиено со енергија на интелигенција и побуна. А тие не го сакаат и се плашат од тоа, од тој квалитет на нивните робови; од тој, како што пееше Рацин, „на трудот црн народ“, кој „за туѓи бели дворови си копа гробови“.
Толку засега од мене, драг читателу. До следната наша средба, ако ни дозволи оваа наша страховлада, која и мртвите ги стави во карантин, сè најубаво.