„Догодина во Ерусалим“ е фразата со која Евреите се молат секоја година пред почетокот на Пасха. Всушност, тоа е централниот мотив на целокупната еврејска култура и традиција, со кој се крепат вербата и надежта! Вербата дека прогонството ќе заврши и надежта дека Ерусалим ќе биде обновен. Тоа е молитва за крај на прогонството и враќање во земјата на Израел, молитва што потсетува на прогонството и загубата, но и молитва што упатува на враќањето! Настаната е уште одамна, веднаш по уништувањето на храмот Израелов, и претставува израз на таа вековна желба дека храмот ќе биде обновен, прогонството ќе помине, а избраниот народ ќе се врати во избраната земја. Оваа фраза е стожерот околу кој се гради целиот историски наратив на избраниот народ, кој ја чува и одржува нивната верска и историска свест! Наратив што ја чува нивната колективна надеж – еден ден, храмот ќе биде обновен, а ние ќе се вратиме од прогонство!
И нашиот храм е разрушен, драги мои. Разрушена е нашата небесна кула, и тоа сал со грст безвредни камења, земен прав и политикантски илузии. Продаден е нашиот Ерусалим за рака златници, за јалова верба во геополитички минливи институции и сомнителни организации и ветени членства. И ова треба да го имаме постојано на ум, да не го заборавиме нашиот Ерусалим, нашиот храм! Локалните избори, секако, не се можност и шанса за враќање на нашиот Ерусалим, но се добар индикатор дека нашиот народ не ја изгубил вербата во својот Израел. Дека, сепак, е можно да се видиме „догодина во Израел“! Иако, за момент изгубив надеж.
Особено по минатите парламентарни избори, кога, и покрај продадениот наш Израел, продавачот пак ги доби изборите. Тоа за мене беше огромен пораз. Пад на вербата дека мојот Израел има верба! Локалните избори, покажаа дека, сепак, не било така.
Иако причините за овој библиски потоп на локалните избори мора да ги бараме и на друго место, не само кај тој сентимент за загубеното име-уништениот храм. А за да ги најдеме причините, мора да се вратиме на почетокот. И пред него. На почетокот, беа донесени. Не дојдоа на власт, не освоија мнозинство! Беа донесени за да го разрушат храмот! Поточно, да го трампат за тој грст камења, со тој земен прав и тие политикантски илузии дека нешто од надвор, некакви други, туѓи организации ќе нè спасат од самите себе! И за момент можеби нè прелажаа. За момент помисливме дека успехот, интеграциите се овде, на прагот, зад аголот. И особено – дека таму навистина лежи нашиот спас. И оттука започна нивниот пад! Во таа прва лага во која и самите поверуваа, драги мои, дека нешто однадвор, дека некој друг, освен самите ние, можеме да нѐ спаси!
А потоа, сите политики на кои заиграа – загубија! Поточно, единствената политика на која играа – ја загубија! Рековме, да се вратиме на почетокот: тие повеќе од десет години беа опозиција. Нивните штабови фатија пајажина и мувла. Нивните кадри беа напикани во глувчеви дупки, додека чекаа други од „шарената“ да им ја завршат работата. Чекаа да дојдат на власт за да станат министри и директори, без притоа да направат нешто за себе и со себе – да се образоваат, растат, да се развиваат, да стекнат нови знаења, вештини, компетенции… да учат и напредуваат! Не, нивната задача беше само да седат и да чекаат, да чекаат „нивните да дојдат на власт“, за да им тргнат „кариерите“. Во меѓувреме, Груевски и ВМРО демонстрираа една, дотогаш невидена, технологија на владеење. И покрај сите мани и слабости, за кои не еднаш сум пишувал, времето на владеењето на ВМРО воведе нови стандарди. Ако ништо друго, барем бараше железна дисциплина, работа и отчетност.
Независно од јаловоста на голем број од проектите (СК14), пред очите на јавноста се гледаше некаков производ со кој имаа да се пофалат. Се обидуваа да демонстрираат нови вредности, да ги ценат знаењето и образованието. Да донесат инвестиции со додадена вредност… Да не зборуваме за медиумската машинерија што беше впрегната и која не дозволуваше да падне прашинка врз „угледот и честа“ на вождот и партијата. Се билдаа националното чувство и патриотизам. Македонија се промени.
Сите овие елементи се наследството со кое се соочи СДС кога го донесоа на власт. И тоа беше тешко бреме што требаше да го носат! А тие немаа плеќи за тоа. Годините опозиција, старите и застарени за новото време кадри, неподготвеноста за фаќање во костец со проблемите, немањето работна дисциплина, млитавата желба и амбиција, немањето знаења и вештини, недостигот од каква било одговорност и отчетност, но особено ‘рѓосаниот (псевдо)елитистички, арогантен и пред сè клептомански карактер, конечно испливаа на површина. Едноставно, тие беа застанати во времето кога Груевски дојде на власт во 2006 година. Тие мислеа дека уште е времето на Бранко, кој го ловеше и никогаш не го фати октоподот, кога ветуваше вработување за секој член од семејството, времето на Рада и нејзиниот „бонбона-бизнис“, времето на Бучко и тенковите и немањето одговорност, времето на фори на фолирантот Фрчко… Кога ги донесоа на власт во 2017-та, тие се однесуваа како да е 2006-та! А светот беше променет, Македонија беше променета! Тие ги немаа ниту знаењето, ниту алатките, најмалку желбата за новото време.
Ниту, пак, имаа какви било политики од кои можеа да ја почнат и сопствената, но и реформата на татковината. Освен промената на името, кажете една политика за која може да се дискутира и спори со СДС? Здравствена, социјална, образовна…? Нивното владеење на домашен план не е ништо друго освен епска неспособност, веќе видена и со ништо неоснована ароганција и над сè речиси патолошка клептоманија! Гладни од децениското опозиционерство, инхерентно неспособни, карактерно расипани, се претворија во патолошки клептомани, кои пред нашите очи ги разграбуваа локалните и националните ресурси, без трошка отчетност! Локалните избори само ја покажаа суштината на таа неспособност. И токму затоа и одговорот овде им беше јасно испорачан. Едноставно, народот очекува конкретни и видливи резултати во нивните општини.
Но чинам дека народот го казни и „предавството“. И народот на овие избори се сети и на својот Ерусалим, на својот бадијала разрушен храм! Зошто го разрушивме нашиот храм? И ќе го изградиме ли повторно? Ќе се вратиме ли од прогонство, во земјата Израелова? Било и полошо, драги мои! Македонското име постоело и кога сме немале држава. Не мислам дека ќе биде едноставно. Нималку лесно. Особено не дека ќе се збидне веднаш, утре. Но, верувам, ќе се збидне, ќе го изградиме ние нашиот храм повторно, ќе се вратиме ние повторно во земјата Израелова. Дотогаш, да се потсетуваме дека еден ден, еден светол ден „следната година во Израел“, ќе се видиме повторно!