Слободно може да се фали и да се велича договорот, но реалноста ни покажува дека една политичка, интелектуална, високообразована, економски оспособена и финансиски добро обезбедена генерација на Македонци не го положи испитот на историјата и не го зачува делото на своите дедовци и татковци, кои не беа толку образовани, а уште помалку богати. Оваа генерација ја изгуби битката само за 27 години постоење, и тоа првпат во своја самостојна, суверена држава, со своја власт, со своја управа, со свои пари и со други свои расположливи средства. Она што претходните генерации го добија и го извојуваа во војна и макотрпно го градеа седумдесет години, денешната го изгуби во мир
Постигнатиот договор со Грција за името е одличен – поранешната Македонија е мртва. Не Поранешната југословенска република Македонија, туку Македонија позната во историјата под тоа име. Договорот е навистина историски, со историски димензии, зашто Македонија и нејзиниот народ што го носеше тоа име заминуваат во историјата. На ваков начин, приближно, може саркастично да се искоментира постигнатиот договор во селото Нивици (Псарадес) меѓу грчката и македонската влада околу долгогодишниот спор за името.
Да не се залажуваме: од денес па натаму, дома и во светот, сѐ што било заведувано, сѐ што значело и сѐ што се подразбирало под именката Македонија ќе биде преименувано во Северна Македонија. На сите придавки што ги содржат зборовите „македонски“, „македонско“, вештачки ќе им се прилепуваат додавките „северни“, „северно“. Именката и придавките ќе може да се употребуваат само во говорниот неофицијален, уличен јазик. Никако официјално, никако на писмено, во ниту еден државен или недржавен, официјален документ. Ќе ги нема ниту во книга, ниту во научен труд, најмалку во учебник. Како во книгата (романот) „1984“ на славниот Џорџ Орвел, кога во неговата замислена земја Океанија следува акција низ која масовно ќе се менуваат сите закони, сите книги, сите документи.
Секаде каде што пишувало Македонија ќе пишува Северна Македонија. Ако во неговиот роман сето тоа секојдневно го правеле илјадници административци, службеници, шефови, натшефови, контролори, во тајни подземни одаи, сега, кај нас, влезени во 21 век, тоа ќе се направи само со еден член од еден закон и со неколку клика на компјутерите. Додека трепнеш, сѐ ќе се чита поинаку, како никогаш да не било она што претходно било. Ќе бидат избришани имињата, ќе се брише меморијата, ќе се заборава историјата, ќе се преиначува вистината и ќе се дава лажна надеж за иднината. Иста е машинеријата што ќе го спроведе „големото чистење“ според инструкциите на Големиот брат, восхитувајќи ѝ се на неговата мудрост претставена со паролата „војната е мир, слободата е ропство, незнаењето е сила“.
Слободно може да се фали и да се велича договорот, но реалноста ни покажува дека една политичка, интелектуална, високообразована, економски оспособена и финансиски добро обезбедена генерација на Македонци не го положи испитот на историјата и не го зачува делото на своите дедовци и татковци, кои не беа толку образовани, а уште помалку богати. Оваа генерација ја изгуби битката само за 27 години постоење, и тоа првпат во своја самостојна, суверена држава, со своја власт, со своја управа, со свои пари и со други свои расположливи средства. Она што претходните генерации го добија и го извојуваа во војна и макотрпно го градеа седумдесет години, денешната го изгуби во мир. Не само материјалното, повеќе духовното. Мислам на името, на јазикот, на писмото, на изградената национална македонска свест.
Оваа генерација потклекна пред првиот посериозен притисок и стави крај на еден историски циклус од развојот на својот народ, на својата држава. Македонија и Македонците од денот Д, во Мала Преспа, со десантот (глисери, хеликоптери) на брегот на грчкиот дел од Преспанско Езеро, го одживеаја, го завршија најромантичниот и, секако, најуспешниот дел од својата национална историја, од својата национална гордост и сигурност. Во име на неизвесниот пат кон НАТО и кон ЕУ, Македонија жртвуваше кралица за пешак и, нормално, ја загуби партијата, шаховски објаснето. Сега сè почнува одново, не од нула, но не и од некоја височина.
Македонските власти ги убедуваат своите граѓани дека со договорот не само што не се доведени во прашање, туку се зачувани и зајакнати идентитетот и јазикот. Тврдења има, докази за такво нешто нема. Ниту во договорот, ниту странично од него. Иако идентитетот и јазикот како такви таксативно не се набројуваат, самите одредби навестуваат дека тие прашања допрва ќе се отвораат. Не се случајни изјавите од дел од учесниците и од посматрачите, домашни и меѓународни, дека решавањето на името е само првиот и најлесниот чекор. Перипетиите допрва следуваат, особено внатре во Македонија. Допрва ќе се отвора Пандорината кутија на потпишаното и на преземените обврски за што ни сведочи и веќе поништената Привремена спогодба од 1995 година, која Грците никогаш не ја испочитуваа докрај, дури ни тогаш кога Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека ја прекршуваат.
Искрено кажано, македонската преговарачка страна, без никакво сомнение, постигна еден голем успех. Имено, ги подели политичката и општата јавност во Грција, го подели грчкиот народ до степен до кој ретко кога бил поделен, што еден дел од него го донесе до хистерија. Тука двете држави се изедначија во постигнувањето. Темпераментните Грци тешко ќе го преболуваат овој пораз, исто како и ние Македонците.
Двете држави имаат поделена јавност, до сериозни граници, двете држави се поделени и раслоени околу прашањето за името (покрај за сѐ друго), двете држави се без платформа за национално единство и негово воспоставување во скоро време. Не станува збор тука за односи власт – опозиција, туку за спротивставување на народ со народ во самите внатрешни граници. На оној дел од народот што е за и на оној дел што е против прифаќање на новото име и сѐ што следува по таа промена.
Самите Македонци, по историската, вековна и до денес ненадмината поделба на бугараши, србомани и гркомани, на проруси и проамериканци, на комунисти и антикомунисти, активно се вклучија и во новите делби. Во сопствената држава се поделија на сдсмовци и вмровци, на антички и словенски, а сега, по договорот следува уште една делба со претпоставени долги, децениски последици. На оние што се за промена на името и на оние што се (или беа) името да не се менува по никоја цена. Делбата засега изгледа наивна, можеби, практично, утре ќе биде без никакво значење, но емотивната болка кај оние што ќе ја загубат битката за името (а ќе ја загубат) ќе остане неизлечива.
Објективно гледано и „победникот“ во овој домашен политичко-национален покер најверојатно до крајот на својот живот ќе живее со горчлив вкус во устата и покрај сегашните вештачки насмевки и слатки думи. Убавиот сон, како сите убави соништа, брзо завршува. Товарот на одговорноста за донесените решенија никогаш нема ниту да се симне, ниту да олесни дури и во случај тие решенија и постапки да се покажат како избор на вистинскиот пат, кој на мнозинството граѓани ќе им донесе божји и земски дарови.
Ако е за мала утеха, Македонија како територија и Македонците како народ, барем засега, ниту ќе исчезнат, ниту ќе го заборават својот јазик, иако ќе се постигнуваат нови меѓународни договори и ќе се носат домашни закони што ќе го овозможуваат тоа. Во таа смисла останува отворено прашањето кој модел на општествено управување, кој уставен модел ќе го избере новата држава што ќе се создава под името Северна Република Македонија. Дали ќе остане домицилна држава на македонскиот народ, дали ќе оди во федерација или во конфедерација со некого, дали, во краен случај, ќе се подели на два дела што подоцна ќе се спојуваат кон други држави. Договорот со Грција за името овие прашања не ги третира, но тие логично произлегуваат од него и ќе се постават кога на ред ќе дојдат уставните промени.