Во животот, во работата, во практиката, во дружењето, во љубовта и во бракот, не еднаш се покажало дека од некоја сторена грешка произлегле и добри работи. Не случајна е и поговорката „секое зло за добро“, која си има место и кај нас. Така може да биде и со француската историска грешка, формулација што ја изрекоа високи европски дипломати по француското одбивање да даде согласност Европската Унија да го одреди датумот за почеток на пристапни преговори со Македонија, за нив Република Северна Македонија. Конечно, на грешките се учиме, нели? (Луѓе сме, грешки правиме. Та да е само една, та да е само еднаш).
Што може да е добро за една државичка каква што е Македонија, за тој мал чамец што броди по крајбрежјето на силно разбранетото европско море, а сака да влезе во таа бура? Чамец со екипаж што вложи сѐ што е потребно да ја оствари целта. Го смени името на државата што дотогаш беше напишано, смени устав, подготви нови правила на пловидба, даде сѐ од себе, дури и повеќе од што требаше. Даде сѐ, а не доби ништо, освен еден огромен атлантски бран што значеше „стоп“ за веслањето, бран што нема да предизвика цунами, но сериозно ќе ја разниша Македонија, можеби и Западен Балкан. Пораката е – веслајте назад кон вашата земја, рано ви е за кон ширното море. Вежбајте, тренирајте понапорно, средете си ги дома реките и езерата, ако сакате да стигнете до морето, е фигуративната смисла на таа порака.
Добро е што Европа ни покажа дека не е светица, не е сигурен олтар пред кој покорно клечиме, не е црква во која се услишуваат нашите молитви за подобар живот. Не додржа на дадениот збор. Не премина од зборови на дела. Не подлегна на македонската дипломатска тактика дека убавиот збор и железна врата отвора. Остана затворена. Таквиот чин сега ни дава право да не веруваме стоотстотно во нејзината политичка чесност, да не наседнуваме на нејзините најчести прашања што во основа значат „дали магарето лета“, а ние брзо-брзо да одговараме: „Лета, лета, како не лета, и тоа високо!“ И сами да веруваме во тој магарешки лет.
Француската историска грешка би требало да ја отрезни Македонија како што се трезни човек по блудно пијанство, во бунило и во главоболен матнеж во кој не може да се присети што правел ноќта и како дошол дома. Му дава можност да се разбистри, да се освести, да се покае и да се колне дека нема да ја повторува истата грешка, ако може, се разбира. А најчесто се повторува, како и секоја човекова грешка. Најмалку до трипати.
Што е доброто, кои се добрите страни, ако знаеме да ги искористиме во наша па дури и во заедничка македонско-европска полза, што се од заеднички интерес? Политичкото раководство на Македонија, кое и да е, сегашното или некое идно, сигурно нема да го менува стратегискиот правец кон Европската Унија. Но треба да се верува дека ќе биде повнимателно кон нејзините ветувања, дека нема да му верува на зборот на секој нејзин претставник што ќе држи лекции за чесност, праведност и рамноправност и слични лицемерни празни фрази.
На домашен терен за очекување е дека по француската историска грешка ќе запре деидентификацијата на македонскиот народ, дека нема уште поекспресно Македонците да ги губат националните назнаки, дека секоја отстапка има своја цена, морална па дури и материјална. Ќе подзапре засилениот процес на одмакедончување, како и обезвреднувањето и омаловажувањето на нацијата и нејзината историја, култура и традиција. Ќе се застане поцврсто во нивна одбрана, како и во одбраната на самобитноста на македонскиот јазик и писмо. Сите држави што беа примани, а беа членки на поранешниот Источен блок и на Варшавскиот пакт, до максимум ги зачуваа и ги зајакнаа своите национални обележја, а не како Македонија, која го жртвува и она што Унијата не го бара.
За очекување е дека ќе се потсмират и домашните и надворешните страсти околу „за“ и „против“ влегувањето во Унијата, дека оваа француска грешка нема да биде причина или повод за ново национално раслојување и неединство, за создавање уште еден партиски раздор, за жестоки кавги меѓу партии и меѓу пријатели, неистомисленици. Дека малку повеќе ќе се цениме и ќе покажуваме нужно национално, ако сакате, барем минимално политичко и народско достоинство. Белким нема да се повторува неизречениот, но присутен, политички став дека ако треба сите ќе се обесиме, само да влеземе во ЕУ. И дека иако мртви ќе бидеме достоен партнер што ја чека својата перспектива. Еве историска грешка што на Македонците им дава шанса историски да ја оладат главата и да го фатат правиот, вистинскиот пат.
Како добра страна е што може да се верува дека ќе се намали интензитетот на бугарската и на грчката психолошка агресија околу многу прашања, историски или современи, како и обидот за бугаризација на македонското минато. Парадоксално е што одложувањето на датумот за почеток на преговорите не им одговара ниту на едните ниту на другите. Бугарските националисти ќе ја немаат силата да се закануваат, да уценуваат и да шират натамошна омраза кон сѐ што е македонско, да наметнуваат експресни решенија за учебниците, за ревизија на историјата. Таа предност што ја имаа се топи пред француската грешка. Се покажа дека, сепак, наводно добрите односи меѓу Македонија и Бугарија како држави не се пресудниот фактор што го условува датумот на преговори. Пресудниот фактор е Макрон или утре некој друг, некој нов Макрон, а не односите меѓу државите.
Истото е и со Грција. Излезе на видело дека Преспанската спогодба и промената на името во Северна Република Македонија, не се, ниту биле клучниот услов за прием на Македонија во ЕУ, како што ние мислевме. Можеби тоа беше виза само за НАТО, но не и за ЕУ. Тоа отворено ни го плесна истиот историски грешник Емануел Макрон, иако претходно, повеќе од две децении сите високи европски политичари им кажуваа на Македонците дека името е единствениот услов. Сето друго ќе одело по автоматизам. Грците сега го губат темпото на договорените датуми од спогодбата по години или по поглавја што треба да се отвораат. Тие термини се одложуваат и доцнат. На Македонија останува дали ќе ги забрзува или ќе ги забавува преостанатите задачи, како што се промена на пасошите, личните карти, регистрациите на возилата, трговските марки и така натаму. Има редица оправдувања сите тие процеси Владата да не ги прави на јуриш, вклучувајќи ги како причина и договорените собраниски избори. Самиот овој факт подразбира дека тие прашања треба да бидат замрзнати, барем до изборот на новата администрација.
Македонците имаат полно право да бидат разочарани, дури и лути од француската политички и не баш пријателска, некоректна постапка. Не може да се радуваат, се чувствуваат изневерени, измамени, ранети, но не смртно погодени. Уморни, безволни, сѐ повеќе евроскептични по чекање долго 14 години од првиот позитивен извештај. Но од друга страна, токму таа положба, тие фактори им ги отвораат очите да бидат повнимателни, да дуваат не само на врелото млеко туку и на матеницата, што би рекол народот. Не да покажува заби, но не и да затвора уста.