Во уставна Република Северна Македонија, барем засега, нема закон со кој се забранува употребата на терминот „Македонија“ и на придавките „македонски/македонско“. Такво нешто не е направено ниту со уставните амандмани поврзани со името, а во македонскиот устав пишува дека во државата сѐ е дозволено, ако тоа со посебен закон не е забрането. Таков луксуз, да се донесе закон, со кој би се забранило името Македонија, не може да си дозволи ниту свети СДСМ, ниту несвето ВМРО-ДПМНЕ, ако му остане тоа име, освен во иднина кога собраниско мнозинство ќе има некоја албанска партија.
Еден мој земјак, ресенец по род и пријател, познат дипломат и публицист, ми даде, најверојатно, добронамерна забелешка поради неколкукратната употреба на новото име на државата Северна Република Македонија во последниот објавен текст во „Нова Македонија“. Тој е еден од оние пламени борци да остане(ше) името Република Македонија, односно го смета за предавство прифаќањето на новото име и губењето на идентитетот. Јас лично, не сум отишол до таква обвинувачка квалификација иако припаѓам на оние што тој чин го сметаат како голем пораз на македонскиот народ и како почеток на губење на стариот и создавање нов национален северномакедонски идентитет, слично на создавањето нови идентитети и јазици за Црногорците и за Бошњаците, по распадот на Титова Југославија. Зашто, да не заборавиме, Македонија во западните земји сѐ уште се третира како нерешено прашање по тој драматичен распад на поранешната федеративна држава.
За разлика од него, професорот по политички науки во пензија Денко Малески, инаку прв министер за надворешни работи на независна Република Македонија, од текст во текст, го велича тоа дипломатско достигнување околу името жалејќи што поранешните владејачки гарнитури не ја сфаќале потребата од постигнување меѓудржавни договори со Грција (и Бугарија), макар и на наша штета, а во корист на приближувањето кон членство во НАТО и во ЕУ. И Малески ги третира прашањата за јазикот и за идентитетот на Македонците, но за разлика од неговиот дипломатски колега, за истите тие поставува доста дилеми, историски и актуелни, безмалку ја доведува во прашање нивната самобитност.
Низ двата примера поврзани со личности сериозно упатени во политиката може да се забележи збунетоста на мнозинството обични Македонци околу практичното спроведување на спогодбата со Грција, односно за димензиите и употребата на променетото име, за називите што произлегуваат од него и влијанието на спогодбата врз можните последици по македонскиот идентитет и јазик. Таквата збунетост ја подгреваат и официјалните личности во Владата со нивните зачудувачки настапи и изјави, видно уплашени од она што го кажуваат, а во кое и самите не веруваат.
Нивната очигледна воздржаност, дури и избегнување на употребата на атрибутите што го обележуваат македонскиот идентитет, внесуваат сомнеж што, всушност, е договорено на штета на Македонија, дали е само она што го пишува во спогодбата или постојат анекси и усни договори што се држат во тајност. Тие како да имаат забрана, страв од последици во која било смисла, да го изустат зборот Македонија, во кратка форма, макар како и минато. Истото тоа се однесува и за терминот „македонски народ“, кој суптилно, но нашироко се заменува со синтагмата „граѓани на Република Северна Македонија“. А едното и другото не се исто, има голема разлика, не само лингвистичка, туку особено национална, идентитетска.
Во уставна Република Северна Македонија, барем засега, нема закон со кој се забранува употребата на терминот „Македонија“ и на придавките „македонски/македонско“. Такво нешто не е направено ниту со уставните амандмани поврзани со името, а во македонскиот устав пишува дека во државата сѐ е дозволено, ако тоа со посебен закон не е забрането. Таков луксуз, да се донесе закон, со кој би се забранило името Македонија, не може да си дозволи ниту свети СДСМ, ниту несвето ВМРО-ДПМНЕ, ако му остане тоа име, освен во иднина кога собраниско мнозинство ќе има некоја албанска партија.
Засега, наводно, сѐ е во рацете на таканаречената меѓуресорска група, која со амин на Владата одредува нови имиња на македонските национални институции и која во тој процес избира експресно називи од око, по линија на најмала промисленост и најмал отпор. Навистина, звучи апсурдно, трагикомично, нивното (и не само нивно) објаснување дека со бришењето на придавката „македонски“ пред имињата на националните институции јакне македонскиот национален идентитет. Чиста метафизика – ако го избришеш името, него го јакнеш. Ако го немаш, уште повеќе го имаш. Теорија што заслужува антинобелова награда.
На претседателот на Владата, на пратениците во Собранието, на меѓуресорската група и на сите вклучени во спроведувањето на спогодбата со Грција, треба да им бидат пред очи историските искуства на многу држави и народи во светот дека имиња, називи и слично што се создавале на сила, при колонизации, во диктатури, со укази, со специјални закони, со забрани, апсења и слично не траеле долго ако немале широка народна поддршка, ако тоа не било волја на мнозинството од народот и ако не било засновано на некоја историска традиција. Примерите со многу држави во Африка и во Азија, примерот со поранешните држави на Советскиот Сојуз, примерот на самиот Сојуз и многу други примери покажуваат дека сѐ што било насила извршено во определени историски периоди се враќа на својата автентичност, на својата оригиналност во други историски периоди.
Македонскиот народ, македонските власти ги извојуваа сите национални победи и фантастични достигнувања по 1944 година затоа што имаа масовна поткрепа од народот во возобновената и ослободена од туѓ гнет македонска национална ориентација, втемелена уште пред Илинденското востание и потоа. Определбата на македонските револуционери, комунисти и партизани за името Република Македонија (народна, федеративна, социјалистичка), била израз на вековниот стремеж за слобода, за самостојна држава на македонскиот народ, тоа било исполнување на востанички завети, на историски извори, на народни традиции, народен говор, на силно чувство. Даденото име Република Македонија не било само географска одредница, туку израз на силен национален порив на еден народ со јасно сознание дека не припаѓа ниту на Бугарија, ниту на Србија, ниту на Грција.
Навистина зачудувачки звучат денес тврдењата на некои од домашните проддржувачи и спроведувачите на спогодбата со Грција дека името Македонија (Република Македонија) и придавките (дериватите) што произлегуваат од него, сами по себе, предизвикувале национализам иредентизам и слично, кој бил иритантен за соседите. Тоа не е само носење вода на грчката и бугарската воденица, туку е антимакедонски став, негација на македонската национална и општа историја цел еден век наназад. Како што е грд и насилен ставот дека во таа историска дистанца цело време во право биле Бугарија и Грција, а дека за сите нешта биле виновни Република Македонија, нејзините раководства од крајот на Втората светска војна, па до времето на Зоран Заев и Али Ахмети. Дека конечно, тие двајца ги увиделе сите историски грешки на Македонија како држава и на македонскиот народ како нација, преземајќи ја врз свои плеќи сета тежина да се исправат тие македонски историски грешки и да се побара грчка и бугарска прошка. Не може две третини Македонци, кои беа и се против промената на името, некој да ги нарекува националисти, никој нема право да ги обвинува за тоа што го бранеле она што го сметале за свето, за непроменливо наследство дадено од своите дедовци и татковци. Тоа било нивно слободно мислење, легитимен став, гарантиран според Уставот и сите закони.
Moже да се рече дека обичните Македонци, оние што се надвор од системот на власта, долго, долго ќе се колебаат меѓу употребата на уставното и на традиционалното поранешно име, ќе бидат распнати меѓу официјалните именувања и чувствата, меѓу минатото и иднината. Но, сепак, во согласност со сегашните закони секој граѓанин, освен во државно-службена употреба, слободно, по лична волја, може во секоја пригода да го користи името Македонија како име на државата, на секој јавен медиум, на секоја јавна средба, без страв од репресии. Секое друго мислење и постапување е или закана или присила.