(Европа е на работ од бездната, НАТО е клинички мртво)
Јас веќе реков на почетокот на минатата колумна, драг читателу, дека не треба да се чудиме на спротивставувањето на Макрон да ни се даде датум за преговори со ЕУ и покрај нашето харикири со Името, послужувајќи се притоа со сугестивното прашање во стилот на поетиката на Маларме. Зарем не знаеме дека Маркиз де Сад е Французин? Но уште реков и дека Макрон е во право, бидејќи навистина на нашата корумпирана криминогена власт не треба да ѝ се дава таков незаслужен подарок, оти од бараните реформи таа ги спровeде и усоврши само реформите на криминалот. Аферата „Рекет“ со СЈО беше врвна демонстрација на таа нејзина уметност на криминалот, уништувајќи ги државата и нејзините институции, кои и пред тие да дојдат на власт беа на стаклени нозе што ги искршија и од нив направија само срчи за босоногите граѓани. А замисли, драг читателу, да не се спротивставеше Макрон. Па, тогаш Заев, Димитров и другите квислинзи во Владата и парламентот што ги распродадоа целокупната македонска меморија и идентитет ќе му се допомочаа на главата на истоштениот македонски народ.
И, зошто е Макрон во право, макар се потпирал во својата одлука во добра мера и на перверзната француска практика и политика на прославениот Маркиз де Сад? Затоа што тој, иако горд Европеец, повлече болен хируршки потег со кој ја дијагностицира и откри неизлечивата болест на Европа и на НАТО. Имено, храбро и доблесно, настрана од бриселските политидиоти и бирократи, ин медиас рес тој јасно, небаре со гласот на Јахве, грми: „Европа е на работ од бездната, а НАТО е клинички мртво!“ Се разбира, пак, таа негова изјава е резултат на еден аналитички картезијански ум. Во случајот и етика, која Французите ја имаа за кратко во епохата на просветителството. Едноставно францускиот претседател јасно посочи на Европа како слика на библиските легла на аморалноста и развратот Содом и Гомор. Она што е, всушност, сега Брисел. Така. Па, сепак, не можеме да кажеме дека во потегот на Макрон кон Македонија, и пошироко кон Балканот, нема добра, иако француски суптилно, доза на садизам, кој кај нас така префинет можеме да го препознаеме и кај месје Тимоние. Сеедно. Но покрај Маркиз де Сад, француски пронајдок, за да има рационална кантовска рамнотежа во Европа, тука е и германскиот изум – баронот Мазох, според кого е именуван психофеноменот мазохизам. И воопшто не е случајно што е тој Германец, а не Французин. Оти германската колективна психа, темна во основа, со која се занимаваше во својата длабинска психоанализа К.Г. Јунг (швајцарски Германец), по сè изгледа, е склона кон тој и таквиот психолошки синдром на самоизмачување и мрачна меланхолија. Германија сè уште мазохистички ги лекува своите душевни рани од нацифашизмот во Првата и Втората светска војна. Тоа сега е особено видливо и од нејзиниот крајно сервилен однос кон НАТО и Америка. Тие што во последните катастрофи во Авганистан и на Блискиот Исток произведоа близу 70 милиони бегалци, торнадо што според планот на Пентагон треба да ја поткопа економски конкурентната Европа. Ако веќе не можат да ја уништат Русија, со која им остана да војуваат само со оружјето на хистеријата. И Кина, се разбира. Па, и Индија и Бразил. БРИКС, кој во скорашна иднина ќе им ја загорчи чорбата на планетарните каубои.
Можеби сега ова што ќе го кажам во овој контекст, драг читателу, на прв поглед ќе зазвучи екстремно радикално, но е вистинито и е објасниво со клучот на парадоксот. Имено, со поразот на Втората светска војна, Германија сама по себе беше понижена, но за да биде уште повеќе тоа, Америка за неа го смисли Маршаловиот план, со кој ја крена економски на нозе и ѝ даде невиден ракетен полет на тој план, па денес и во светот, не само во Европа, нема посилна економија од нејзината. Некои во шега велат дека таа својот фашизам од времето на Хитлер сега само го има трансформирано во економски фашизам, во вистински финансиски „терор“ на нејзините моќни банки, што и не е многу далеку од вистината. И, значи, еве зошто Германија така импотентна и мазохистички сервилна кон НАТО и Америка, која, за да биде поголем парадоксот, го презеде од неа знамето на фашизмот, и тоа, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, кога во август 1945 ги фрли идиотски своите атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки. Фашизам многу порешителен и многу помоќен од германскиот.
Планетарен, се разбира. Таков, тој дојде и во малечката Македонија, најпрвин во 2001-та, со поддршка на албанскиот тероризам врз Македонците, а потоа и со тиранската платформа подготвена врз канцелариите на злото на Пентагон, за на крајот да финишира со смртоносниот Преспански договор, кој е, пак, се разбира, замисла на американските каубои. Toa е накратко вистината за фашизмот на модерната западна евро-американска цивилизација, која прва ги измисли и форматира гулазите за Индијанците во Америка и Абориџините во Австралија, а потоа тој свој монструозен изум им го припиша на Сталин и на Советскиот Сојуз. На Русите, се разбира. Дека Германците, пак, се инфериорни дури и во уметноста на фашизмот констатира и култниот романсиер на американската литература на XX век, Норман Мајлер во романот „Голи и мртви“. Тој го прави тоа преку еден од неговите главни ликови, генералот Камингс, кој децидно вели дека Германците не се способни за фашизам, како што се Американците, кои се многу повитални од нив во тоа демонско подрачје. Доволно. Па и обновениот европски фашизам неколку години по победата над Хитлер, во 1948-та, со Черчиловите бомбардери што ги убиваа, сојузени со грчките монархофашисти, македонските деца на Грамос и Вичо, исто така во некоја рака беше поттикнат од Американците, чии бомбардери исто така учествуваа во истребувањето на Македонците од нивните родни огништа во Егејска Македонија. Па, ни Преспанскиот договор на Европа немаше можеби да успее без поддршката на Американците. Сето тоа, пак, значи дека фашизмот на „демократскиот“ Запад е во континуитет. Ниту некогаш запрел, ниту мисли да запре. Оти, како што знаеш, драг читателу, стопати сум го рекол тоа, денес најопасен збор што ќе се изговори таму е зборот „демократија“. Тој е некаков вид Павлов рефлекс за полетување на НАТО-бомбардерите полни со смрт за ништење цели народи и грабеж на нафта и секакви други материјални ресурси.
А Македонија? Неа ја ликвидираа, поточно ги ликвидираа само Македонците во неа, на уште пострашен и поперфиден начин: со идентитетско упокојување, иако е во оптек и физичкиот садизам: тероризмот во 2001-та, па Смилковско Езеро, па кумановско Диво Насеље, па… Извонредно ги користат како алатка за тоа Албанците. За Србите исто така. Арно ама треба да се внимава, оти историјата е шашава работа и никогаш не се знае кога ќе задува бурата на нејзиниот хаос во кој ќе има друг распоред на силите, па злото што си му го правел на другиот ќе те удри по нос. Оти, како и римската, ни американската каубојска империја нема да биде вечна. Тој што го читал пророштвото на старозаветниот пророк Даниел за падот на светските империи, кога го толкува фасцинантниот симболошки сон на Набукодоносор, го знае тоа. Оти не се семоќни силите на Кнезот на темнината Сатаната. Наспроти нив се и силите на Светлината, на божјата правда, која ќе триумфира во завршната битка Армагедон. И таа правда, драг читателу, нема да го заобиколи столченото племе (Б. Конески) Македонците. Има сигурни знаци за тоа, оти милениум и кусур по Беласица 1014 на Самуил, кога со ослепувањето на Самуиловите војници нејзе ѝ беше одземено виделото, таа глеј воскресна од најголемиот историски виден хаос со АСНОМ, тој кому сега му го крши идиотски ’рбетот Зоран Заев. И што значи тоа, драг читателу? Значи дека Бог не ја заборавил македонската улога во распространување на новозаветното Слово на љубовта, во востоличување и ширење на христијанството од првата Христова црква во Европа основана од апостол Павле во куќата на Лидија Македонската, продавачка на свила од Тир. Свилата Христова што Европа ја извалка. Така. И токму поради божествената мисија нема да исчезне Македонија, колку и да ја смалуваат сè уште и ништат темните сили на злото неа. Нека ја смалат дури и на само едно затантено село во мојата родна Малешевија, на пример, но таа еден ден пак ќе воскресне со целокупната ништена меморија во неа и со малешевскиот зелник принесен за новата сега радосна Тајна вечера на трпезата на Исус и апостолите. И тогаш праведно ќе светне Сонцето (што ни го забрануваат и крадат) на македонската потоморена меморија и ќе ги осветли врвовите на Хималаите на исток и на пирамидите на Египет на југ.
Парадоксално е што во целиот овој контекст, ако добро размислиме, со својата аналитичка изјава, за која јас лично сум му многу благодарен, Макрон го потхранува нашиот македонски оптимизам во тој правец. За разлика од тапоглавите бриселски политидиоти, тој со својата, според мене, епохална дијагностичка изјава за Европа и НАТО, сега за сега единствено на Запад се држи како принцип до максимата на Декарт што ја усвои човекот на просветителството: „Мислам, значи постојам“. Алал да му е., неговите болно дијагностички зборови за картезијанскиот Запад во смртна агонија звучат старозаветно, небаре се изговорени од устата на пророк Еремија, или Исаија, кој осум столетија порано ја предвиде Големата Светлина што ќе се роди во Витлеем (Исус), но го предвиде исто така и страшниот колеж на витлеемските деца што е аналоген сега кај нас со идентитетскиот колеж на Македонците.
(продолжува)