Зборот пес не лае (Жерар Женет)
Еве два збора што, за жал, веќе немаат корелат во стварноста. Зборовите си постојат, празни, што значи – циркулираат (рака на срце, сѐ поретко), ама никој и не помислува да направи ниту дератизација ниту департизација.
Еден искусен новинар од старата добра школа, во екот на кампањата, сосема разумно напиша дека ова се локални избори и дека немаат врска со евентуалната промена на Владата. Тоа се избори за добри татковци на градовите, а не борба меѓу двата меѓусебно закрвени политички блока кај нас, без разлика што и едниот и другиот македонски политички табор се веќе „демократски“ мултинационални: не можат да функционираат без албанскиот политички фактор. Човекот е во право: ни требаат чисти улици, нови градинки, чист воздух по градовите, и тоа треба да биде главната точка во програмата на еден успешен градоначалник, а не тој да ѝ донесе победа (и територија!) на СВОЈАТА партија. Новинарот го спомна и зборот „дератизација“: треба да се изврши дератизација на училиштата, а не да се бројат пратеници како да се дукати (кога се обични мангари, петпариња), за ново или старо мнозинство во Собранието. Со тоа, тој новинар ја погоди суштината: ни треба дератизација наместо партизација.
Ама со тоа, всушност, ја даде и поентата на оваа колумна: нема да се изврши дератизација додека не се изврши департизација. Зошто е тоа така?
Секогаш кога ќе го слушнам зборот „дератизација“, се сеќавам на една женичка што излезе од централата на ЕВН во Ѓорче Петров, во која се плаќаа заостанати сметки за електрична енергија. Излезе нервозна, и некој ја праша: „Дерат, а?“. А таа го погледна и викна: „Не да дерат, дератизација е ова!“. Од тоа се виде дека женичката го знае зборот, ама не му го знае точното значење. Се виде и дека човекот како говорно суштество, како animal symbolicum, секогаш кога си има работа со непознат збор, му дава значење според критериумот „сличност“. На таа женичка „дератизација“ (ослободување од стаорци и други штетници) ѝ личи на поимот „дерење“, кој, пак, е метафора за скапотија. И така го употребува, верувајќи дека е тоа точната употреба, што остава хумористичен ефект.
Зошто оваа епизода? Затоа што и таа, на еден сосема интуитивен начин покажува дека кај нашиот народ дератизацијата (отстранувањето на стаорците) е сфатена како отстранување на луѓето, најчесто преку скапотија. Тој што е сиромашен и што не може да си ги плати сметките за струја, се разбира е – симболички дератизиран од општеството. Темата е онаа од романот „Глувци и луѓе“ на Џон Стајнбек: таму има сосема мал процент луѓе што живеат како луѓе и огромен број луѓе што живеат под човековото достоинство, како глувци. И, што е најинтересно, глувците што им робуваат, почнуваат да им пречат на оние господа што живеат како луѓе. Па, настанува дератизација, која сега, во модерно време, се вика и депопулација. Тоа е збор за кој уште никој не знае дали има или нема корелат во стварноста. За „депопулација“ упорно говорат некои теоретичари на заговорот, кои се сигурни дека ја наоѓаат во двосмислените изјави на Бил Гејтс и најбогатите луѓе на планетава. Тоа се навистина двосмислени изјави, кои предупредуваат (божем случајно и од „филантропска“ грижа за иднината на човештвото) дека планетава е пренаселена и дека идеално би било кога би имала милијарда до милијарда и пол жители. Тогаш Земјава би станала рај.
Самото сонување една таква идилична слика дава за право да се заклучи дека најмоќните луѓе на светот на планетава гледаат како на претоварен сплав со бегалци, па од некои од нив треба да се ослободиме со фрлање во вода. Тоа важи особено за старите и оние со „коморбидитети“, како што се вели во теориите на заговор, кои се убедени дека на дело е „депопулација“ преку пандемијата на ковид-19. Далеку сум од умот да тврдам дека ова со пандемијата е намерно направено за да се изврши депопулација на планетава, но самиот факт дека постојат и такви мислења покажува колкава е недовербата на „глувците“ кон „луѓето“, односно на сиромашните кон богатите. Сиромашните во светот се многу блиску до помислата дека ќе бидат истребени како глувци, и дури и да нема таков план, самата помисла ужаснува – ова е свет на страв и недоверба. Само за паралела: Евреите беа подложени на најголемата депопулација во минатиот век, но тоа тогаш не се викаше депопулација, туку холокауст (од старогрчкото „целосно опожарен/изгорен“). Повеќето од нив, особено на почетокот, и не знаеја дека тоа е депопулација – мислеа ќе работат физичка работа за Хитлер по логорите-фабрики. А излезе дека тоа биле само фабрики на смртта.
Но: што правиме со една друга форма на „депопулација“, на наше локално политичко теренче? Зар не е депопулација кога сите што немаат партиска книшка стануваат – смртен непријател што треба да се истреби? Истребувањето е главна тема и на оваа тековна сплеткарошка борба за тронот, која се одвива под секое елементарно човечко достоинство. Оваа острастеност за власт не им прилега на „крстени“ луѓе (метафорава ја користам универзално, нема верска конотацијата).
И зар не е депопулација тоа што секоја партија, кога доаѓа на власт, си прави црни листи на интелектуалци, уметници, професори и како по правило поставува ПАРТИСКИ кадри за директори во уметничките институции? Зошто директорите на културните институции би ги именувала Владата? Зар не би им било помило на директорите на театрите кога би биле избрани од своите колешки и колеги артисти? Па, уметноста е АВТОНОМНА ОБЛАСТ, а не ПАРТИСКА ПУШКА во рацете на уметниците. Ако грешам, тогаш политиката нека именува и ректори и декани (уништувајќи ја автономијата на универзитетот), дури и архиепископ и епископи на МПЦ. Уште тоа, и сѐ ќе биде под партиска команда. Затоа, во уметноста мора да се направи итна ДЕПАРТИЗАЦИЈА – често се случува партиски луѓе што немаат врска со уметноста да раководат со врвни уметнички институции. Чест на исклучоците, но премалку се за автономија на уметноста.
Затоа, се плашам дека дератизацијата на училиштата и градинките не е можна без дератизација на партиите: треба најпрвин партиите да се ослободат од штетниците. Треба метла за сите партиски ГЛУВЦИ, за да останат само партиски ЛУЃЕ. За жал, песимист сум: не верувам дека во оваа вулканска атмосфера во која „Старо-младо, машко и женско / на нозе се кренало“ (по власт и премиерски трон), тоа ќе се случи. Тоа значи – и училиштата ќе почекаат на дератизација. Стаорците оро ќе водат уште долго, што вели народната.