Во сите глобални региони не е забележан пад на популацијата од 1950 година, со исклучок на Јужна Европа во последните 5 години и Источна Европа во последователни 25 години, каде што се првите десет земји во светот по загуба на население! Источна Европа се соочува со „масовна загуба на популацијата, невидена во мирновременски услови“
Во периодот на зголемени активности за спорот за името, една од мантрите е дека е неопходно решение за наше членство во НАТО и во ЕУ, за да се задржат луѓето и за да се спречи демографската катастрофа во земјата. Тоа што е мантра не мора да значи дека е заснована на факти и на аргументи.
Но како и за многу други работи, така и за демографијата како почетна основа за расправа, во Македонија е многу тешко да се утврдат фактите. Македонија нема спроведено попис од 2002 година, а и резултатите на пописот од 2002 година се оспорувани од повеќемина. Проблемите за правење попис се поврзани со етничката припадност и со поврзувањето одредени права со одредена бројност, а во последно време можеби и со соочување со одговорноста за демографскиот пад.
Притоа и во двата случаја камен на сопнување е евиденцијата на емиграцијата, поточно формулирано, тие што не престојуваат во земјата последните 12 месеци. Активистите ориентирани кон СДСМ, повикувајќи се на разни извештаи, говореа за најмалку 300.000 емигрирани од земјата, а се лицитираше и со значајно повисоки бројки. Тоа би значело дека околу 15 проценти од граѓаните емигрирале. Од друга страна, Државната изборна комисија, со вкрстување на многу бази на податоци како матична, работна, здравствена, пензиска и друга евиденција, утврди дека околу 170.000 гласачи не се во земјата и тие беа ставени во посебна гласачка листа. Од друга страна, Обединетите нации (ОН) сѐ уште го проектираат населението во Македонија на број над 2 милиони луѓе. Но ОН и Косово го проектираа на 2,1 милиони луѓе, а на пописот во 2012 година беа евидентирани малку над 1,7 милион лица. Оттука може да се заклучи дека најверојатно во моментот во Македонија живеат малку над 1,8 милион луѓе и губење на населението од околу 10 проценти.
Бугарија е членка на НАТО од 2004 година и на ЕУ од 2007 година, и е прва на светот по загуба на населението! Тоа води до почетната хипотеза дека за да ги зачуваме луѓето треба да влеземе во НАТО и во ЕУ. Камо среќа да е толку едноставно!
Таков демографски пад би имал значајни демографски, економски и политички последици, и потребно е да се разгледаат причините и можните решенија. Секако, добра појдовна основа е да се погледнат глобалните, европските и регионалните трендови и искуства.
До 2050 година глобалното население ќе достигне 10 милијарди, од сегашните 7,6 милијарди луѓе. Повеќето населени континенти ќе ја зголемат својата популација, а Африка ќе ја зголеми својата популација двојно од 1,2 на 2,4 милијарди и ќе придонесе со половина од глобалниот раст. Околу 60 проценти од населението е под 25 години, и Африка ќе има најголем удел во глобалниот број млади луѓе.
Додека повеќето се соочуваат со популациски раст, поранешните комунистички држави во Европа се соочуваат со демографска катастрофа. Драматичното предупредување на Александар Вучиќ, претседателот на Србија, во март оваа година, дека за 40 години, Србија ќе нема ниту народ, ниту држава, поради драматичниот пад на населението, е еден од последните аларми. Но Србија не е исклучок туку правило кога станува збор за поранешните комунистички држави. Доволно е да пребарате на Гугл Источна Европа и демографија и ќе добиете преглед на безброј алармантни наслови. Загуба на популацијата има во земјите растргнати од војна, како Сирија, како и некои високоразвиени земји во мирновременски услови, како Јапонија, но во сите глобални региони не е забележан пад на популацијата од 1950 година, со исклучок на Јужна Европа во последните 5 години (економска криза во Грција, Португалија, Шпанија, Италија), и Источна Европа во 25 последователни години, каде што се првите десет земји во светот по загуба на населението! Источна Европа се соочува со „масовна загуба на популација, невидена во мирновременски услови“.
Најмалку 11 земји имале загуба на населението повеќе од 10 проценти од 1989 година, вклучувајќи ги Бугарија, Романија, Украина. Летонија има изгубено 27 проценти, Литванија 23 проценти, Бугарија и Босна и Херцеговина 21 процент. ОН проценува дека Источна Европа имала 292 милиони луѓе во 2017 година, или околу 18 милиони помалку отколку 1989 година, или околу 6 проценти намалување. Источна Европа има изгубено популација колку една цела Холандија. Бугарија од 9 милиони во 1989 година се намали на 7,1 милиони во 2017 година. Бугарија, во предвидувањата за популацијата до 2050 година, е број еден во светот по загуба на население со 23 проценти намалување, односно Бугарија во 2050 година ќе има 5,4 милиони луѓе.
Или Бугарија за шеесет години од 1989 до 2050 година се намалува од 9 милиони на 5,4 милиони. Бугарија, која успеа во балканските и светските војни да помине без масовни загуби, ќе ја загуби својата популација во мир! На листата на десетте најголеми губитници се редат Латвија (-22 проценти), Молдавија (-19), Украина (-18), Хрватска (-17), Литванија (-17), Романија (-17), Србија (-15), Полска (-15), Унгарија (-15). До 20-то место се и Босна и Херцеговина (-13), Естонија (-13) и Албанија (-9). Од Балканот тука е и Грција (-11). Македонија во 2050 година ќе има малку над 1,9 милион луѓе, со очекуван пад од околу 5 проценти. Исклучок од овој тренд се Чешка, Словенија и Словачка.
Меѓу земјите на листата има земји што се членки и што не се членки на НАТО и ЕУ. Бугарија е членка на НАТО од 2004 година и на ЕУ од 2007 година, и е прва на светот по загуба на население! Тоа води до почетната хипотеза дека за да ги зачуваме луѓето треба да влеземе во НАТО и во ЕУ. Камо среќа да е толку едноставно! Но не е толку едноставно, и затоа потребни се сеопфатни мерки за справување со демографската катастрофа и многу сериозна анализа на причините. (продолжува)
(Авторот е аналитичар)
Блог www.megjutoa.mк @sklek