Поголемото влијание на десните популисти во Европскиот парламент, во Советот на ЕУ
и Европскиот совет, како и во Европската комисија, ќе значи предизвик на повеќе европски политики – од миграција, преку спроведување ЕУ-правила од земјите
-членки, до ЕУ-проширување, за нас најважното прашање
Две илјади и деветнаесетта може да е нова надеж или нови грижи, и за светот и за земјата, доколку 2018 година беше година на крај на статус квото, на меѓународно поле предизвикано од Доналд Трамп, а на домашно од Зоран Заев и договорот со Грција.
И покрај предвидувањата дека може да се случи глобална, геополитичка или економска криза, како таа во 2008 година, таа не се случи во претходната, веројатно нема да се случи ни во оваа 2019 година. Веројатно нема да се случи првиот поголем геополитички инцидент во децении, како војна со Иран, или конфликт САД – Кина, но најголемиот дел глобални прашања се во негативен тренд од за нас најважните трансатлантските сојузи (НАТО), Европската Унија, Запад – Русија, Запад – ислам, до за нас помалку важните, но глобално важни САД – Кина, глобалната трговија, сајбер-безбедноста итн.
Веројатноста за поголем геополитички инцидент ја намалува можната криза на политичките институции во САД, но истото прашања е дел од негативните трендови што ќе влијаат на долги патеки. Поделената победа на изборите за Конгресот и Сенатот во 2018 година покажа дека дома, во САД, Трамп сѐ уште не е целосно потрошен политички. Демократите со победата во Конгресот добиваат вистинска политичка моќ, но, од друга страна, Трамп со поларизацијата сѐ уште успева да ја одржи поддршката меѓу своите гласачи, и значително мнозинство од тие што гласале за Трамп повторно би гласале. Со засилени демократи, но сѐ уште силен Трамп, мала е веројатноста за негов импичмент, но голема е веројатноста за политичка војна, која ќе биде посебно жестока оваа година. Демократите, медиумите, судовите ќе го напаѓаат Трамп, тој ќе одговори. Пример е и последното обраќање кон нацијата на Трамп, од Овалната соба, за прашање на имиграцијата, во контекст каде што вакви обраќања претходните претседатели употребувале само во исклучителни ситуации, како Кенеди во кубанската криза. Во оваа политичка војна Трамп ќе добие поддршка од лидери во светот што немаат ништо заедничко, но имаат интерес во крајот на меѓународното статус кво.
Односите САД – Кина, кои на прв поглед се за нас помалку важни, се прашањето што најмногу ќе влијае на глобалниот поредок. И покрај спорноста на ефектите на #MAGA, пример со трговската војна со Кина, дефицитот на САД во трговијата со Кина е во пораст, се чини дека односите на САД и Кина се зачнати и довербата меѓу двете страни е нарушена. Во САД расте консензусот дека Кина е закана, а Кина не е подготвена на попуштање. Понатамошна ескалација на недовербата и конфликтот ќе значи дека двете страни ќе се обидат да ја намалат ранливоста со намалување на односите што досега ги поврзуваа. Трговијата прва е нападната, следуваат технологијата и други прашања. На пример, изненадени од напредокот на Хуавеи во 5Г-технологијата, САД почнаа да подигаат препреки за Хуавеи дома и меѓу сојузниците. Тоа може да води кон две издвоени технолошки платформи, и сите други, меѓу нив и ние, ќе бидеме принудени да избираме меѓу двете.
И доколку во 2018 година перспективите во Европа изгледаа подобро, 2019 година ветува повеќе грижи за ЕУ. Победата на Макрон значеше надеж во реформирањето на Франција и во зацврстувањето на ЕУ. И додека Макрон правеше проекции за изборите во ЕУ во 2019 година, чија жртва беше и датумот за преговори за Македонија, се чини дека тоне на домашен терен (поддршка од 23 проценти), во протестите на жолтите елеци. Во Германија ситуацијата во која Меркел не ги изгуби изборите, ама ниту ги доби, заврши со повлекување на Меркел од лидерската функција во партијата, што е почеток на крајот на Меркел. Така се чини франкогерманското лидерство на ЕУ е во криза. Најкомплексните преговори во историјата – преговорите за излезот на Велика Британија од ЕУ, се во ризик на колапс, бидејќи се чини дека постигнатиот договор ја нема политичката поддршка во Британија. Така се чини дека клучните европски држави, вклучувајќи ја Италија, каде што влада формираа антиестаблишмент-партии, се соочуваат со крајот на статус квото. На истокот од ЕУ сѐ повеќе земји и лидери го следат примерот на Унгарија и Орбан. Во таква состојба ЕУ ќе се соочи со изборите во мај 2019 година. На овие избори се чини дека десните и левите популисти и екстремисти ќе добијат повеќе места во ЕУ-парламентот отколку кога било порано, а се чини дека особено ќе се зацврстат во Франција и во Италија. Неверојатно е дека десните популисти ќе освојат победа, но многу е веројатно е дека ќе бидат фактор, особено кога главните десни и леви партии не ќе можат да постигнат согласност.
Истовремено, можеби ќе бидат доволно силни да бараат свое место во Европската комисија, каде што поголема улога ќе бараат и земјите предводени од популисти, како Италија, Полска и Унгарија. Можеби првпат во историјата на ЕУ во Европската комисија ќе влезат анти-ЕУ популисти. Поголемото влијание на десните популисти во Европскиот парламент, во Советот на ЕУ и Европскиот совет, како и Европската комисија ќе значи предизвик на повеќе европски политики – од миграција, преку спроведување ЕУ-правила од земјите-членки, до ЕУ-проширување, за нас најважното прашање.
Во земјата, Владата на премиерот Зоран Заев се посвети целосно и единствено на решавање на спорот со Грција, со договор што предизвика поделба во земјата и неуспешен референдум. Натамошното спроведување на договорот во Собранието, вклучувајќи ја и амнестијата, продолжи да предизвикува контроверзии и поделби. Но се чини дека договорот ќе биде спроведен од македонската страна, а одговорноста ќе премине на грчката страна. Посетата на Меркел на Грција го потврдува тоа, дека сега мечката ќе заигра во грчкиот двор. Истовремено, посетата на Меркел, како и турбуленциите во владејачката коалиција во Атина, покажуваат дека работата во Грција не е завршена и дека се можни и непријатни изненадувања. Сепак, доминира перцепцијата дека членството во НАТО е извесно, што ќе отвори нови надежи во земјата. Од друга страна, продлабочувањето на недовербата во политичките институции, Собранието на пример, како и во правосудството, натамошното нарушување на владеење на правото, во комбинација со поголемо влијание на десните популисти во ЕУ, ги намалува можностите за ЕУ-членство, а тоа ги зголемува грижите дома.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #2019