Изминуваат веќе 17 години откако беше спроведен пописот на населението, домаќинствата и становите, или тоа беше 2002 година, кога беше спроведен. Од тој попис има податоци за бројот на населението со сите негови карактеристики, како и за домаќинствата и становите. Но со пропаднатиот попис од 2011 година останавме како држава да се служиме со податоци што веќе немаат вредност, бидејќи се застарени, или да кажеме дека се настанати многу измени во овој долг период. Не знаеме колку точно население има во државава, каква е неговата структура по пол, возраст, образование, етничка, верска определба, колку имаме домаќинства, колку имаме станови и какви се нивните карактеристики од сите аспекти. Не знаеме со сигурност и точност да кажеме колку има население вкупно во државава, а не пак по региони, општини и населени места, како и за другите белези. Со години е актуелно прашањето дека населението се иселува од земјава, и тоа особено младото население.
За тоа нема податоци, а само нешто се претпоставува. Секоја година се изработуваат голем број податоци што се пресметуваат според бројот на жители. Ако немаме поточни и попрецизни податоци, какви пресметки правиме по број на жители. Сите земји, па и ние, правиме процени на населението, и тоа во два периода во годината. Тие процени се изработуваат врз основа на податоците од пописот во 2002 година, како и природното движење на населението. И тие процени не се веродостојни од причина што не се целосни, бидејќи ги нема иселените од земјава и, пак повторувам, тие таканаречени надворешни миграции не се следат од институциите. И да напоменам и тоа дека за седум скопски општини немаме податоци со процени туку само од пописот 2002 година. Причината и за тоа е јасна, но ништо не е преземено. Направени се измени и дополнувања во Законот за територијална поделба пред неколку години и тие се објавени во „Службен весник на РМ“, каде што се прогласени нови населени места и се направени други дополнувања, меѓутоа истите тие не се во функција и немаме никакви податоци за нив. Состојбите за населението единствено на годишно ниво по квартали се следат преку природно движење на населението, односно преку родените, живородените деца и умрените лица. Тие годишни податоци се додаваат на податоците за вкупно население и по општини и се прават процените за население по општини, пол и возраст. Бидејќи заврши 2018 година и се собраа податоците за наталитетот и морталитетот, а од нив се добива природниот прираст на населението, направив симулација на истите тие по квартали и како претходни податоци до објавата на дефинитивните ќе се користат овие. Што ни покажуваат тие. Според претходните податоци за природното движење на населението во 2018 година, може да се констатира дека наталитетот а и морталитетот се намалени во однос на 2017-та и претходните години и, врз основа на тоа, природниот прираст на населението дава позитивно салдо на ниво на држава. Впрочем, бројот на живородени деца изнесува 21.666, и во однос на претходната и другите минати години д е помал. Исто така и бројот на умрени лица е намален и, како резултат на тоа, сме со позитивен прираст или бројот на населението е зголемен за 1.723 по природен пат. Меѓутоа, доколку сакаме, а тоа е карактеристично, да ги анализираме податоците по региони и општини, состојбите се алармантни. По населени места нема никакви податоци од 2002 година и за нив не се можни никакви пресметки и анализи. Зошто се алармантни податоците? Затоа што во пет региони, пелагонискиот, источниот, вардарскиот, југоисточниот и југозападниот, има појава на негативен природен прираст на населението. Што значи тоа? Повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат. Исклучок претставуваат трите региони што имаат позитивен природен прираст, а тоа се: скопскиот, полошкиот и североисточниот, но тоа не значи дека и во нив нема општини со негативен природен прираст на населението. Доколку, пак, претходните податоци ги анализираме по општини, состојбите се токму алармантни. Зошто? Затоа што нивниот број со негативен природен прираст се зголемува секоја година. Така во 2018 година негативниот природен прираст на населението е присутен во 47 општини, а во 2017 година такви беа 44 општини. Меѓутоа има 5-6 општини што исто така со минимална бројка се во позитива или негатива. Овие општини што имаат негативен природен прираст на населението најмногу се застапени во источниот регион, каде што од 11 општини, сите се во негатива, а тоа значи наталитетот е помал од морталитетот – пелагонискиот регион има 9 општини, а во 8 има негативно салдо, вардарскиот од 9 во 7, североисточниот од 6 во 4, иако овој регион има позитивно салдо поради општините Куманово и Липково, југоисточниот од 10 во 6. Меѓутоа не значи дека дел од општините и во скопскиот и полошкиот регион нема со негативен природен прираст. Во скопскиот, од 17, во 4 има појава и во полошкиот, од 9, во 2 општини има негативен природен прираст.
Трите региони со позитивен природен прираст имаат зголемување на населението за 3.468, а во петте преостанати региони има намалување на населението за 1.745. Во овој дел да напоменам дека во земјава постојат осум региони и осумдесет општини. Треба да напоменам врз основа на студиозните и длабински анализи дека во наведените региони каде што се намалува населението појавата од година на година е сѐ полоша, односно се зголемува бројот на намалено население, а со тоа и намалено е населението во самите општини. Врз основа на наведените состојби со овие веродостојни податоци, како по региони така и по општини и како за живородени деца така и за умрени лица, можеме да изведеме одредени состојби околу територијалната распределба на населението по општини и региони. Согледувајќи ги и анализирајќи ги состојбите со бројките, некои функционери велат дека им веруваат на бројките, а јас им верувам конкретно на овие бројки, сакам да кажам дека во земјава се издвојуваат два дела или две групи на состојби. Едната е демографска концентрација на населението, а другата е демографска депопулација. Тоа значи дека едниот дел се полни, а другиот дел се празни. Па, како? Па, во четири региони каде што има 39 општини, во 32 имаме негативно природно движење на населението или намалување.
Ако сакаме уште попластично да ја сфатиме суштината е појавата на живородени деца. Во четири општини (Арачиново, Липково, Желино и Студеничани) во 2018 година се живородени 1.464 деца, а во други 29 општини има 1.449. Сметајте колкав е соодносот и што може да очекуваме. Со ова сакам да напоменам дека овој проблем на демографски диспаритети на концентрација и депопулација е децениски, кој е мотивиран од разни карактери. Затоа велам дека ваквата диспропорција во земјава предизвика два засебни демографски света, свет на пренаселеност и свет на празен простор без население. Анализите се многу добронамерни, со одредени укажувања, насочувања, посочувања, предлози, мислења и пред сѐ интерес на државата. Затоа речиси сите земји имаат во своите влади министерство со или без ресор за популациона политика, кое се занимава со овие состојби. Затоа многу земји преземаат многу мерки и активности преку разни документи или прогласуваат алармантна состојба. Во нашата земја во два наврата се донесоа некои стратегии и некои документи, но од нив не се добија очекуваните резултати, а се потрошија и доста финансиски средства.
Затоа сметам дека е потребно и ние алармантно да ја сфатиме демографската состојба и итно да ги преземеме сите потребни активности.