Да се биде на страната на послабиот

555

Да се биде на страната на посилниот не е никаква интелектуална храброст. Тоа е барем лесно и едноставно да се разбере, нели? Отсекогаш оние што себеси се поимале за образовани, умни и самосвесни за сопствената положба во општеството правеле сѐ за да се надминат себеси и притисокот околу себе, секако, за во случај на конфликт помеѓу очигледно посилната, поголемата и повлијателната да застанат на страната на послабиот, помалиот и поневлијателниот. Зошто е тоа така? За да се создаде макар и најмала можност оној што е помал да може да се одбрани од поголемиот, кој нормално ќе направи сѐ за да ги оствари своите амбиции врз послабиот од себеси. Така било отсекогаш, во сите цивилизации, религии, култури и општества. Во современите бурни општествени и политички движења, така било од Зола во Европа, па сѐ до Жижек на Балканот. И секогаш кога се случувале антагонизми на помал и поголем, образованите, да не речам интелектуалците, дури и тие што по род или по граѓанство припаѓале на поголемиот да застанат на страната на помалиот, најчесто плаќајќи огромна цена во вид на стигма, етикета дека се предавници и отпадници. Можете ли да си замислите само какви ќе биле кариерите, животите и придобивките на Димитар Поп Ѓорѓиев, Илија Марков Малешевски, Ѓорѓија Пулески, Гоце Делчев, Јане Сандански, Никола Карев, Питу Гули, Даме Груев, Димитар Влахов и стотици други, за тоа време најобразовани Македонци, ако наместо на страната на послабиот и помалиот се ставеле во служба на посилниот и ја поддржувале отоманската држава и власт? Затворете ги очите и само за секунда ќе видите голем дел од имињата што погоре ги набројав како седат на отоманот на Босфорот, а другите како управуваат со турската државна администрација.

Нема потреба да набројувам како поминале тие што застанале на страната на посилниот во антагонизмите меѓу Македонците и Бугарите, нели? Па дури и како се етаблирале тие што конвертирале од страната на послабиот на почетокот, кон посилниот во друга подоцна фаза од нивниот живот. Убав е примерот на Крсте Мисирков, нели? Имало за лепче, во името на што се настојува да се оправда служењето на нечии други интереси, но немало творештво, наука и слобода. Од немаштија и прогонство до граѓански конформизам како службеник на државата Бугарија. За Коте Саров има ли причина да ви зборувам? Човекот денес има музеј во родното село Рула каде што се слави како херој на Грција. Ако останел на страната на Македонците, на кои припаѓа по род и на чија страна се борел на почетокот, денес сигурно немало да знаеме каде му е гробот. А ако можеби и народната меморија го запаметеше и евентуално добиеше споменик во Скопје, сигурно, како неговиот сограѓанин, кој не ја променил страната Васил Чакаларов, во налет на либерното американско, ЕУ и НАТО-граѓанство денес ќе беше заплашуван со токмаци и со рушење. Многупати сум помислувал како ли ќе поминеле Васил Иљоски, Ристо Крле и Антон Панов ако се определеле на страната на посилниот и пишувале драми и правеле театар во кој ќе ги слават Србија, српството и кралот на Југославија, а не културните вредности, јазикот и историјата на малобројните и слаби Македонци по род, кои живееле под српска власт и биле угнетувани и асимилирани?! М? Какви кариери ќе имале? Ќе биле признаени писатели, интелектуалци, политичари, амбасадори…!? Што ќе се случеше со Коста Рацин, доколку продолжеше да пишува на српски јазик и доколку се определеше да биде на страната на посилниот? Каква блескава иднина ќе имал добриот поданик на естаблишментот, граѓанинот Коста Солевиќ, кој својата кариера ја почнал како филозоф, кој во 1931 година го интерпретирал, ни повеќе ни помалку туку Хегел?! Како се случи, драги мои, само во Македонија, денес, за образовани и слободни интелектуалци да се сметаат тие што стојат на страната на сто пати посилните од Македонија и Македонците и се доживуваат и интерпретираат себеси како мислечки луѓе што ѝ помагаат на својата држава и веќе слободно можам да кажам некогаш својот народ, напаѓајќи го, етикетирајќи, стигматизирајќи го, угнетувајќи го со постојани притисоци да се одрече од сѐ и на крајот од себеси, до негово уништување. Нема како да се објасни ова освен на наједноставниот начин, дека тие што се оствариле во оваа земја како општественици, образовани и интелектуалци во суштина не се тоа за што се самоинтерпретираат и за што оваа држава ги валоризирала овозможувајќи им ги сите ресурси, можности, материјални, образовни и духовни блага да станат тоа што се – од универзитетски наставници до академици и од бизнисмени до олигарси. Кој нормален човек во таа легендарна нерамна битка на Термопилите не е на страната на Спарта и спартанците? Или во случајот со бојот на Мечкин Камен? Знаеме дека, дури и непријателот, државната отоманска војска на крајот од сѐ, со достоинство и почит се однесувала кон четниците и кон војводата Питу Гули. Ако направиме само бегла анализа на имињата на оние што јавно и недвосмислено се ставија на страната на посилните наспроти Македонија и Македонците, како најмалите и најслабите во ова најнова балканска игра на доминации и освојувања, нема како да не разбереме дека се работи за стотина луѓе што биле политичари, државни службеници, новинари, универзитетски професори и бизнисмени што своите кариери ги направиле во комунизмот и особено во периодот на таканаречената транзиција од социјализам во капитализам. Сето тоа е направено само и единствено со одлука на политичкиот естаблишмент на бившата комунистичка партија и нејзината тајна служба и полиција.

Тие луѓе ги добиле и узурпирале за себеси и нивната веќе слободно можеме да речеме нова каста на лумпербуржуазија и нова родова група позната како северномакедонци сите општествени и материјални богатства само заради нивната служба на интересите на тие што биле наспроти оние на нивните сограѓани Македонци. Тоа се факти. И тие луѓе, повторно со одобрение од тајните служби, ги узурпирале сите општествени сфери и, секако, најважното од сѐ, политичките партии и центри на општествена моќ, со крајна цел – целосно и неприкосновено владеење со државата и инсталација на вредности што од нив ќе ги нарачаат наредбодавачите дома и во странство. Тоа е, драги мои. Се работи за луѓе што немаат ниту елементарни човечки содржини на какви било форми на општ морал, општа етика, етничка и граѓанска припадност и емпатија кон сопствениот народ што очигледно го презираат. Зошто се случило тоа? И како се случило токму тие и таквите луѓе и нивните семејства, соприпадници и трабанти да ги движат тековите на општественото живеење од 1949 година, па сѐ до ден-денешен? Едноставно е, драги мои. Тие се сосема, ама сосема свесни дека не поседуваат образование, знаења, вештини квалификации и компетенции за да бидат тоа што се и правеле, прават и ќе направат сѐ да се заштитат себеси од другите што, сосема е јасно, ги загрозуваат со самото тоа што постојат. Тие се подготвени не да ги продадат Македонија и Македонците, тие се решени да ја продадат родената мајка за да го задржат тоа, што знам дека се свесни, ниту го заслужиле и ниту им припаѓа. Тоа се оние сосема јасно и едноставно препознатливи карактери на луѓе што се во состојба да направат сѐ за да ги тргнат од нивното присутно поле сите оние што сведочеле или се свесни за нивната лажна интелектуална вредност и речиси инстинктивно, како по команда застануваат на страната на Америка, Европа, Грција, Бугарија, Албанија или на чија било страна што утре, или уште подобро, денес ќе ги препознае како податливи за служење на нивните интереси. Што да се прави? Не знам. Се обиде Груевски да направи нешто со процесот на лустрација, но тој процес пропадна поради тоа што половина од оние погореспоменати беа не само во неговата партија и опкружување туку беа и во неговото семејство.

Нема како да избегаме од фактот дека човекот што овозможи да се создаде државата Северна Македонија беше еклатантен припадник на црвената буржоазија, чиј семеен подем е инициран од државната тајна служба на комунистите и чие материјално богатство е создадено повторно со дозвола од компратијата и УДБа во времето на транзицијата. Тој човек, подоцна, за време на владеењето на неговиот прв братучед, премиер на Македонија од позиција на шеф на тајната служба што треба да се грижи за безбедноста на државата и нацијата во суштина се грижел само за себеси и сопствениот џеб. Кој е тој? Типичен, ама егзактен, егземплар на полуобразован, примитивен, силеџија, црвен буржуј, олигарх, конвертит, кој личното и семејното богатење го ставил над сите други вредности и национални и државни интереси. И повторно, ве повикувам само за секунда да ги затворите очите и да се вратите на почетокот од дваесеттиот век кога Коста Кирков, син на најбогатиот Македонец на времето, сопственик на меѓународната компанија „Кирков анд сан“ во име на идеалите за ослободување на Македонија, од својот татко со измама дека е киднапиран, изнудил пари за да го финансира делото на гемиџиите! И на крајот од сѐ, наспроти огромните материјални богатства и семејна компанија со седишта на три континенти, убав, образован, бониван, поет и интелектуалец, поради определбата да се стави на страната на послабиот, на дваесет и три години само, гине во Солунските атентати од 1903 година. По неговата смрт пропаѓа и неговото семејство. Што ако Коста Кирков бил лојален ефендија на помоќната, посилна и повлијателна страна на државата Турција? Штотуку вратен со диплома од швајцарски универзитет? Замисливте ли? Добро. Така стојат работите. Жалам за тоа, ама нема како да се побегне од вистината. Ова мора да се расчисти и да се памети.

Во спротивно нема никогаш да се ослободиме од злото што нѐ нападна. Секако, бидете гневни. Гневот, и само гневот е она што ќе нѐ држи подготвени до следната битка. А битки ќе има, охохо! И, драги мои, убаво кажал оној месарот Шекспир Вилјам: во секој бурјан има и понекој цвет. Едно и единственото цвете во оваа градина на смртта е тоа што конечно се разоткрија сите. И на едната и на другата страна. До следната цветна градина на слободата, таа китка на македонската надеж да ја штитиме, полеваме и негуваме. Некогаш и мирисот е доволен за да ги преоткриеме животните вкусови на кои сме се родиле и израснале. И, ако имате сила, застанете на страната на вистината. Единствен начин да дознаете што е вистина е да застанете на страната на послабиот, кој ќе може да ја каже и својата вистина. Во спротивно никогаш нема да дознаете дали тоа што сте мислеле навистина било и вистината.

Авторот е режисер и универзитетски професор