Добро е што Македонската православна црква, УКИМ и МАНУ се разбудија и ги согледаа тешките облаци и заканувачките ветришта, кои се закануваат да го однесат македонскиот народ во виорот на историјата. Јасно е дека мора да бидат уништени сите институции на македонскиот народ, како предвесник на неговото бришење од културната карта на современите светски народи
„Никогаш ’Северна…’, само Македонија“ е лозунгот на новата македонска борба за слобода и независност. Со „Слобода или смрт“ им покажавме на Европа и на светот дека постоиме, под „Смрт на фашизмот, слобода на народот“ се изборивме за наша, македонска држава, а сега започнува последната борба на македонскиот народ за национална и социјална слобода, како и за враќање на македонската држава токму со воскликот „Никогаш ’Северна…’, само Македонија“.
Проблемот не завршува само со насилното преименување на државата и е далеку од некаков лингвистички спор каков што сакаат да ни го претстават. Тоа требаше да биде очигледно по бруталното газење на јасно изразената волја на македонскиот народ на референдумот со победата на сеопштото движење „Бојкотирам“. Не знам чии се чудовишните намери што ги одработува наметната владејачка врхушка, но нивните плановите одат далеку подлабоко од простото преименување на државата и целокупната замисла, чии оцртувања стануваат сѐ појасни, е морничава.
Очигледен е проект на оваа влада за рушење на сите институции на македонската култура. За само четири години страховлада, со силна туѓинска поддршка, избришани се сите придобивки на вековната борба на македонскиот народ за национална слобода и за социјална правда. Дека нештата не се завршени и се гледа токму преку најавените промени во образовната програма, кои целат тотално да ја избришат културната матрица на македонскиот народ и да ја заменат со некаква монструозност. Не е случајна надменоста на полуписмената личност што го води овој проект и нејзиниот презир кон гласните повици на вознемирените македонски граѓани. Надуената надменост и презирот кон сопствениот народ, всушност, се својствени за сите туѓински служители низ целокупната човекова историја.
Но зошто ова прашање е толку значајно и што толку ги возбуди чувствата на македонската интелигенција?
Во мракобесието на средновековието манастирските училишта ја зачувале непрекинатата низа од првиот словенски универзитет на Свети Климент во Охрид. Со букварите на учебникарите, во некогашните ќелијни училишта, започнува современата борба на македонскиот народ за слобода. Во првите световни училишта, пак, формирани на доброволна основа на македонското население во почетоците на 19 век и повторно под капата на Македонската православна црква, започнува масовното описменување на македонскиот народ. Овој никулец на македонското просветителство успеал да опстои и покрај сите обиди да биде задушен во самиот зародок. И тогаш се судривме со истиот непријател што и ден-денес ја оспорува македонската самобитност и државност – грчкиот национализам. Првата нововековна модерна борба на македонскиот народ била токму борбата против грчкото духовно ропство, изразено преку настојувањата на грчкиот национализам за одродување на Македонците, преку владиците на православната црква и преку црковните училишта на Патријаршијата каде што наставата се одвивала исклучиво на грчки јазик. Сепак, тогаш училиштата не биле државни, туку биле финансирани од скромните приходи на самите граѓани, а и црквите биле народни, па победила волјата на македонскиот народ за училишта на сопствен јазик и за владици што ќе проповедаат на народен јазик. Оттаму произлегува и пренагласената улога на Македонската православна црква во културата на македонскиот народ. Просветителство во Македонија не доаѓа како резултат на отпорот на разбудените интелектуалци против духовното угнетување и ригидната матрица на христијанската црква. Тоа се случило во земјите од Западна Европа. Кај нас црквата е главен протагонист на просветителството. Современата македонска наука се раѓа во училиштата формирани од црковните општини и македонските владици ја воведуваат модерната образовна програма во црковните училишта. Сите славни основачи на македонската математика, македонската медицина, македонската техничка наука и на македонските природни науки, своето образование ѝ го должат на Македонската православна црква, чии врвни црковни великодостојници и ја насочуваат оваа разбудена младина да го продолжи своето образование низ најеминентните тогашни европски универзитети, за да бидат пионери во ширењето на современите научни дисциплини во Македонија.
Круна на овој долг развиток на образованието на македонски јазик е основањето на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 1949 година. Наедно, УКИМ е и блескав триумф и конечна победа на македонскиот народ во битката против сите пропаганди за негово одродување. Симболично, во 1949 година универзитетот го презема факелот од Македонската православна црква во стремежот за ширење на светлината помеѓу Македонците. И навистина е гордост да се види дека универзитетот успеа во своите намери. Од него произлезе и научен кадар за уште два сериозни државни универзитети, а македонскиот јазик не само што не се наоѓа на листата на загрозени светски јазици туку е жилав и самоодржлив јазик и дневно се произведуваат томови книги и терабајти податоци стручна и научна литература, белетристика, публицистика и голем број културни содржини на македонскиот јазик. Токму УКИМ е јадрото од каде што произлегуваат не само врвните македонски научници, уметници, културни работници, општественици, бизнисмени и државници туку и сите ние другите што сме темелот и основата за сите институции на современата македонска држава или носители на работните процеси во сите сегменти на македонското стопанство.
Ете од овие причини загрижува налудничавиот проект за целосно рекомпонирање на образовната програма во македонските училишта, како и уште погрозоморниот обид да се разгради УКИМ преку подметнување кукавичино јајце со исто име, но со целосно спротивна намера. Немам сомнежи дека нема да успеат затоа што нации и култури не се раѓаат од епрувета, туку се производ на еден долг историски процес и почиваат врз проверени и потврдени традиции на еден народ. Да, македонската писменост треба да зачекори во ерата на дигитализацијата, но одговорот на прашањето како да стигнеме дотаму треба да го дадат домашните институции и македонските педагози.
Добро е што Македонската православна црква, УКИМ и МАНУ се разбудија и ги согледаа тешките облаци и заканувачките ветришта, кои се закануваат да го однесат македонскиот народ во виорот на историјата. Јасно е дека мора да бидат уништени сите институции на македонскиот народ, како предвесник на неговото бришење од културната карта на современите светски народи. Академикот Љупчо Коцарев, ректорот Никола Јанкуловски и архиепископот Стефан денеска ја имаат тешката задача да ја разбудат македонската интелигенција и да се стават на чело на новата битка за национална слобода, културна независност и социјална правда. Впрочем, тие се на чело на македонските установи и само дел на долгата низа културни и образовни дејци што ја носеле светлината помеѓу македонскиот народ уште од времето на светите солунски браќа Кирил и Методиј. Образованието и културата се единствените области каде што македонскиот народ постојано успевал да ја зачува својата самобитност и непрекинатост, па не смее сега да бидат пресечени од нашите сопствени безумници.
Впрочем, замислете кои ќе бидат првите жртви доколку навистина се реализираат овие чудовишни намери – токму УКИМ, МАНУ и МПЦ, со сите своите наставници, академици и свештеници затоа што таму се наоѓаат темелите на македонската култура и затоа што таму чука срцето на македонската самобитност.
Сѐ додека е „Северна…“, нашата земја не е слободна и демократска држава. Најновата епизода на борбата за Македонија ќе биде долга, тешка, мачна и сурова. Почетокот на таа борба е битката за зачувување на македонската култура и за одбрана на автономијата на македонскиот образовен систем.