Да беше. Да беа (2)

(хипотези за јанѕа и несоница)

И продолжуваат и понатаму нашите јанѕи и морни хипотези во невремето што нè налегнало со она: што ќе беше ако беше, ако беа. Оти тоа претпоставува скоривање на мртвите од смртта, ама што не се мртви затоа што живите сега кај нас се помртви од нив и од самата смрт, која се двоуми да ги прибере кај себе. Оти и таа сака многу повеќе да се дружи, и за своја слава покрај другото, со мартири, светци и херои отколку со подлеци и изроди. Тие што толку многу, како никогаш досега, се изнародија во родот, та и таа се срами да ги удоми во својата куќа нив. Туку, ајде кого да повикаме сега од смртта, како што го викна Исус Лазар од гробот со она: да беше жив. А ти ми велиш: Сандански, повторно, тој архетип за херој над хероите. Како да ми ги читаш мислите. И, еве, тој се крева пак од гробот во кој, како и Рацин и Гоце, како и сите наши мартири никогаш не склопил око, легнат на постелата од незацелената рана на татковината. Станува. И што прави сега, свесен за ситуацијата во која е неговото племе заклано во Преспа? Па тоа. Го вика повторно кај себе Тодор Паница и го испраќа во нова мисија. Сега не во театарот „Бург“ во Виена да се поздрави со Гарванов и Сарафов, туку директно во Брисел кај Вавилонската ороспија, да види што се случува таму, да се распраша за нивниот однос кон Македонија и Македонците и да дејствува како што треба, сериозно и решително како тогаш во австриската престолнина, среде претстава во театарот „Бург“, колку за да знаат бриселските „нови“ Европејци дека Македонците не се епизодна улога во нивниот театар. И ќе го седнеше тогаш Паница на колена како неуко бебе Јоханес Хан, тој љубител на „балкански методи“ и другите слични на него, и ќе им го прочиташе псалтирот на македонските илинденски востаници, а потоа ќе ја завршеше работата како што треба и како што ја замислил Сандански, кој, еве, успеа навреме да стигне да влезе со малихерката на рамо и во Собранието тој кобен за невините 27 април. Влезе за да го потсреди хаосот, првин да каже чија химна, за разлика од качачката, треба да се пее тука, а потоа ќе го фати малку да го протресе фирерот од Муртино што фолира со една незначителна драска и тенко фластерче над десната веѓа, претставувајќи му се од ТВ-екраните како мартир и херој на народот што го закла потоа во Преспа со целокупната негова меморија, обезличувајќи го и ставајќи му го во мртовечка урна огнот. И ќе го поштеди, за чудо, сега за злосторството, ама ќе му каже дека тоа не е последна нивна средба и дека ќе се врати пак за да се сретне со него. Или, ако е презафатен за татковината и во смртта дури, во која не склопува око, ќе го испрати за да поразговара, ама многу кусо и на нему својствен начин со Паница.
Откако ќе испозаврши уште некои работи, ќе се врати Сандански пак во смртта што не е смрт туку светлина, како што е секоја смрт на херојот, која се римува со славната формула на Ајнштајн: Е = МС2.

А по Сандански еве ги во нашата хипотеза да беа живи и гемиџиите, драг читателу. Еве ги. И гледаме како, свесни за новата историска ситуација, тие сега не се занимаваат со Солун, денес грчки како и целата ширна Беломорска Македонија, туку со својот тешко прибавен динамит сега се упатуваат на север кон Европа, кон нејзините центри: Лондон, Париз, Берлин, Брисел. Сакаат да ја прашаат Ороспијата, пред самите да легнат над динамитот како саможртви, со што ѝ згрешил нивниот народ, тој што ја огреа прв со Христова светлина неа, та го тамани, симнувајќи му ја сега, како Ирод на Јован Крстител, и идентитетската глава од рамењата: Името! Зошто го колат кроткото стадо во касапницата на цивилизацијата сега во Преспа? така. Ама пред да легнат самите на динамитот, дел од него ќе употребат тие за силните европски банки во кои е натрупан и капиталот од крвта и солзите на сиромашните во крстоносните и севозможни колонијалистички походи на моќните западни инквизитори. Така, ќе згрмат како грмотевица полна со озон тие за да се растера барем малку смрдеата на цивилизацијата, пред да се разнесат на парампарчиња, на кванти повторно во смртта-светлина на нашата меморија. Ама за секој случај ќе го остават, негибнат, Шатев за да ги контролира понатаму работите, оти знаат дека Ороспијата не извлекува од ништо поука и не се откажува од својот материјален и секаков друг грабеж на послабите од себе.
Така. А ти ми велиш, драг читателу, кој сега уште треба да е жив, и кои, за да протестира за нашата трагедија? И малку сум зачуден кога ми го спомнуваш Владо Черноземски, тој што стрела со букет, типичен и од немајкаде македонски изум. Ми велиш хипотетички: да беше жив сега тој немаше како тогаш, и за туѓи интереси, да го потроши својот магичен пронајдок, единствен таков во историјата на војувањето, страшниот од убавина и смрт букет. Немаше да појде во Марсеј и да му го предаде него во името на смртта на несреќниот српски крал, несреќен и за него, туку сега по она што се случи во Преспа малку ќе поразмислеше подлабоко и ќе донесеше попродуктивна одлука враќајќи се првин малку поназад. Ми велиш: со тој свој чудесен букет тој ќе појдеше онаа кобна 1948 г. во Лондон кај Черчил и беневолентно со сиот експлозив на македонските цвеќиња во него ќе му го предадеше на еврототемот пред да им даде знак за полетување кон Беломорска Македонија на неговите евроамерикански бомбардери полни со смрт наменета за Македонците таму од пеленачиња до скапнати старци и старици. Наменета дури и на Македончињата што ги носеа македонските невести зачнати во нивната утроба, бегајќи низ честиците на смртта на Грамос и Вичо. Тоа. Ама велиш дека има уште цел еден список за подарување на букети Черноземски рашетан низ Европа. А можеби ќе скокне преку океанот и до Вашингтон тој, оти не е многу чукнат.

А јас те прашувам логички, драг читателу, од кај ќе се најдат такви специјални цвеќиња за толку многу букети какви што ги замислил и измислил Черноземски, проучувајќи ја мартирската наука на историјата во која Македонците имаат едно од средишните места. Те прашувам, а ти ми велиш да не се грижам, оти се полни ливадите во Македонија со нив. Посебно во Преспа, ама никој не ги гледа, ниту се осмелува како Черноземски да ги допре со дланка, а камоли да направи букет од нив и да му ги подари некому што е посебно заслужен за ликвидација на Македонија и Македонците, не само од странците туку и од домашните изроди. Оти Черноземски е луд и може со еден од нив да тркне и до Муртино. А ти велиш, а и јас со тебе: само тоа не. Оти првин тој треба да се растрча низ Европа да им врачи празничен букет на некои значајни таму. Може не е лошо да го посети таму ЕУ-парламентот и да се поздрави, секако со експлозивното македонско цвеќе, со Ковачев и Џамбаски, пред да се врати назад и да се прибере во Софија кај Захариева, Каракачанов и Радев. Се разбира, ако навистина располага сепак со толкав број скапоцени букети. Ама сепак не, нека не се плаши никој од нив, оти сè уште ми велиш, драг читателу, сè се тоа само невини хипотези на кои барем имаме право. Да, ама и како такви тие ги плашат нив, оти многу добро се запознаени со вампирскиот нарав на Македонците и не се знае кога ни во која ниедна доба тие ќе ги фатат за врат. Затоа, им мрзне крвта в жили од самото наше Име, та силеџиски го спепелија. Ама и тоа има вампирски нарав и не ја признава смртта.
А сега кој да беше и кои да беа уште живи за да ја оправат македонската ситуација, којашто ни ја оправаат странските евроамерикански и балкански, ама и домашните здружени со нив изроди? Кој да беше? Кои да беа? Ти ги споменуваш, драг читателу, воините на Самуил, иако речиси целосно ослепени на Беласица, ама со двојно зголемен капацитет на храброст и видовитост. Па ми ги спомнуваш тука дури и фалангите со долги копја на Филип Македонски. Да, драг читателу, ама премногу е тоа и не треба толку многу војска да трупаме за кукавичкиот непријател. Доволни се и предоволни и само воините на Самуил. Да беа живи тие не дека немаше да излеземе кукавици поразени пред една група терористи во 2001-та, туку немаше да се случи ни злосторството во Преспа. И во неа ќе го одбранеа (херои, а не кукавици како нас) Името за кое ги положија без размислување своите скапоцени животи и Илинденците и Асномците. Тие, кои, девственици, како што ги нарече Блаже Конески нив, не ги допрела ни женска рака пред да ги зграпчи со својата сурова дланка смртта. Да беа живи тие повторно ќе ја составеа македонската влада од членовите на владата на Крушевската Република во Крушево и од Асномската на Ченто во „Прохор Пчински“, а не од домашните изроди и терористите од кои уште долго нема да крене, како што стојат работите, глава овој настрадан народ.

А да беа живи тие може, толку многу се храбри, ќе ја запалеа искрата и на светскиот пролетаријат, ќе го поведеа во востание за да ја урне оваа гнила цивилизација во која екстрабогаташите, самопрогласени за длабока држава, произведуваат чума и пандемии само и само за да се обесхрабрува и држи во анемија и покорност светскиот пролетаријат. Да. Оти токму сега по она што ни се случи во Преспа, драг читателу, јасно гледаме дека фашизмот не е производ само на Германија („мајсторот на смртта“, како што ја викаше Пол Целан), ниту на Италија со Мусолини, или на Јапонија, туку на Европа и пошироко отаде океанот, на Вашингтон.
И така, до бескрај да се тегне темата на нашите хипотези: да беше, да беа живи, што ги диктира македонската историска и современа трагедија. Оти многу мартири, светци и херои има уште кои не склопиле око ни во смртта и чекаат да ги повикаме во нашата свест. Тука се преродбениците од 19 век на силното идентитетско будење: Ѓорѓија Пулевски прв меѓу нив како архијереј со сабја и перо. Тој што прв по толку долги столетија на мртвило најпосле ни ја покажа генезата до каде води и од каде извира нашето Име. Она на кое заедно со оној од Муртино, недостојни за каква било почит, му се помочавме и ние. А ни кажа тој храбар воин и просветител, уште на сета мака и печалбар, ренесансен дух, дека Името е стожер на еден народ околу кој се собира вравот на духовното жито што го посеал и нажнал тој. Ама ние останавме, гнила та прегнила генерација, недостојни на тој негов наук. А, така изгледа дека и залудно за нас ја пишувал својата „Славјано маќедонска општа историја“ тој, оти таа како ништо да не ни значи. Оти и оној историчар, главатар на меѓувладината Заева историска комисија со бугарската хиена, без око да му трепне (со кој и каков ум?) рече дека учениците немаат никаква корист да знаат за нешто што се случило пред петстотини години, а таа изјава добро ѝ дојде на нашата финска реформаторка во образованите со царско име Мила. Боже мил. Вистина, прав е Крлежа кога вели дека и глупоста е метафизичка ствар. Па добро, значи ли тоа дека е некорисно македонските ученици да знаат нешто и за Кирил и Методиј и Климент и Наум бидејќи тие се сместени во сефот на цивилизацијата пред милениуми и нешто. А треба ли, според логиката на тој генијален историчар и реформаторката Мила, да знаеме нешто и за старите цивилизации од неолитот барам наваму што се темел на европската и на светската култура: Египет, Асировавилонија, Античка Македонија, Античка Грција, Кина, Индија, Инките, Ацтеките… Итн. Па после ќе се чудиме зошто тој историчар и Мила не ја читале „Славјано маќедонската општа историја“ на Пулески, нејзиното шифрирано писмо за кое е потребен подлабок идентитски ум, срце и душа.

Така. А до Пулески се уште и браќата Миладиновци, Димитрија и Константин, Цепенков, Прличев, Жинзифов, Џинот, Синаитски и уште многу други, кои се прелеаја во следното столетие, пред сè во Мисирков, Рацин и Конески, златната тријада на новата македонска духовна и мартирска ренесанса. Тие што го бранеа Словото на македонскиот јазик со кое Солунските браќа, по кои крвнички се отимаат Бугарите, ама залудно, ја преведоа на старомакедонски јазик и Библијата. Јазикот со кој сите словенски народи, па и бугарскиот со татаромонголска генеза, му се обраќаат на Бога, јазикот со кој сега ние, по гибелта на Името, тргуваме, го понижуваме и водиме на клада. Јазикот на кој и Климент, првиот македонски и словенски поет, ги испеа своите Пофални слова за своите учители, својот народ, Господ и Богородица. И сè тоа заедно се вика Битие. Индивидуално и колективно. Се вика идентитет, драг читателу. А ние, преполни со изроди, не го разбираме тоа. Не само тој од Муртино и неговата квислиншка влада.

(продолжува)