Дали одложувањето на одлуката на Германија за октомври е техничко прашање поради агендата на Бундестагот или сепак станува збор за политичка одлука за одложување на датумот, ќе се знае по средбата на Зоран Заев и Ангела Меркел
Една година по добивањето „датум без датум“, во стилот на југословенската серија „Ѓекна уште не е умрена, а кога не знаеме“, сега сме пред нова епизода „Датум ќе добиеме, некогаш“. Македонија по втор пат во период од една година се доведува во расчекор меѓу очекувањата и реалноста за интеграцијата во ЕУ.
Минатиот јуни, Советот на ЕУ донесе заклучок што нуди можност за почнување на преговори кон крајот на 2019 година, под услов да постои напредок на реформите во судството, безбедносните служби и јавната администрација, за што ќе биде повторно разговарано во јуни 2019 година. Заклучокот е типичен за ЕУ и е резултат на компромисот на земјите кои се против проширувањето и тие кои се за. Владата минатиот јуни создаде големи очекувања, кои се покажаа за нереални. И не само Владата, туку многумина во Македонија очекуваа дека решавањето на билатералните спорови, договорот за добрососедство со Бугарија и договорот со Грција ќе бидат препознаени и поддржани со покана од НАТО и датум за преговори од ЕУ. Големи очекувања може да водат во големи разочарувања. И овој јуни, Владата создаде очекување дека датумот конечно ќе биде утврден, ако не јуни тогаш јули. Тие очекувања се засилија со најавата од премиерот дека доколку не се утврди датум, ќе го врати мандатот на Собранието. Можеби преговарачки оправдано, за да се зголеми притисокот врз ЕУ да се држи до ветеното, но од друга страна дома поттикнува очајно поврзување со датум сега и веднаш, што може да води во ново разочарување и нов ЕУ-скептицизам и национален песимизам.
Датум сега и веднаш е секако очекување на сите граѓани, но се чини дека е повеќе политичка потреба на Владата. ЕУ сѐ уште е во рамките на заклучокот од минатата година и одложувањето на разговорите од јуни за друг месец сѐ уште оставаат простор за одредување на датум за преговори кон крајот на 2019 година. Од 2012 година, во „Од нас зависи“ напишав и оттогаш го повторувам постојано, НАТО и ЕУ не можат да ни направат држава, тие можат да помогнат, но успешна државност може да направиме само ние самите – од нас зависи. Затоа е клучна посветеноста на реформите. За Македонија не се менува многу кога ќе се одржат разговорите доколку сѐ уште постои посветеност на ЕУ да го одреди датумот до крајот на годинава. Дали постои посветеност на ЕУ, ќе се дознае наскоро. И покрај големата поддршка на ниво на Европска комисија и на многу водечки ЕУ-политичари и европски медиуми, клучен е ставот на Германија и на Ангела Меркел. Дали одложувањето на одлуката на Германија за октомври е техничко поради агендата на Бундестагот или сепак станува збор за политичка одлука за одложување на датумот, ќе се знае по средбата на Зоран Заев и Ангела Меркел.
Дополнителна тежина на моментот дава однесувањето на Бугарија. Изјавите на Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија, во присуство на Никола Димитров, македонскиот министер, се со јазик на студена војна, а не на пријателство. Захариева потврди дека разбирањето на Бугарија за добрососедскиот дијалог е Македонија да ја прифати вистината, таа на Бугарија. Зачинето со закани за напуштање на комисијата и придружни закани за блокада на НАТО и ЕУ, тоа никако не може да биде дијалог туку уцена и ултиматум. И колку да се поддржува договорот за добрососедство меѓу двете земји, дури и да се поддржи заедничкото чествување на Гоце Делчев, дрскоста и безобразноста на бугарските министри не може да се толерира.
Зошто историска комисија кога Захариева како политичар одлучува што е вистина? Тогаш, нека се распушти комисијата. Ваквото однесување на Бугарија го потврдува стравувањето дека комисиите со Грција за трговски брендови, како и таа за историја, ќе се претворат во голгота, низа од нови дрски и безобразни уцени и ултиматуми.
Македонија ќе се најде на крстопат како да се продолжи понатаму во случај на недобивање датум за преговори со ЕУ до крајот на годината. Како да се одржи посветеноста за реформи и напредок без датум и со агресивна политика на нашите соседи Бугарија и Грција? Дали ќе се отвори спирала на национален песимизам, со длабоки последици по реформите, економијата и гледањето иднина во сопствената земја или, пак, геополитичката ориентација? Дали евентуален национален песимизам ќе ги намали потрошувачката и инвестициите и ќе резултира во економски пад и чувство на бесперспективност? Или соочени дека сме оставени сами, ќе се соочиме со тоа и ќе се мобилизираме, бидејќи од нас зависи!
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #ЕУ