Се чудите од каде сега овој наслов? Од каде пак врска на (некој, можеби погодувате кој) Дамјан и прускиот канцелар Бизмарк? Има, има, сега ќе објаснам. Иако, за волја на вистината, немам волја за пишување колумна – ама ич! Уште една во низата – и што од тоа? Повторно сум во она филозофско расположение: која е смислата на сево ова? Како да си зборуваш/пишуваш во ветер, потоа евентуално ќе си го чуеш ехото на сопствените зборови или затоа што тие се судриле со ѕидот на молкот и ароганцијата и се вратиле назад без никаков ефект на ѕидот, или затоа што ќе допрат до малкумина, па и тие ќе додадат нешто од сопствениот очај.
Чувството е уште посилно откако беше одржана полујавна („шверцерска“) собраниска дебата за концептот за основното образование. Полујавна затоа што толку најавувана, а сепак немаше директен пренос, освен во делот за пропагандата. Снимката во доцните попладневни часови одеше во исто време со интервју со Мила. Главниот адут за ваквата дебата е: ама Груевски ова не го правеше. Што е чиста вистина! Ама, со него си бевме начисто. Овие ти го навредуваат разумот кога глумат демократија, во државата што се прпелка меѓу хибридни режими и најкорумпирани земји во светот. Од она малку што успеав да го видам од снимката, најпрво ми дојде чувство на олеснување што ја одбив поканата да учествувам во режиран владин циркус, откако сите аргументирани критики на најрелевантни институции, наставнички совети, сенати, МАНУ, вклучувајќи и поединци, беа етикетирани како деструктивни и нерелевантни. Во моментот кога се вклучив течеше дискусијата на колегата Владимир Петрушевски од ПМФ; ме фати тага. Еден од врвните научници и професори што го обелиле образот на македонската наука во светот, кој извел генерации физичари и хемичари на пат, беше во ситуација да му се обраќа на оној „двоец“ (ЗЗ и МЦ) на главната маса, кој нема поим од ништо, свесен дека нема да биде слушнат неговиот аргументиран апел за запирање на оваа избрзана и штетна реформа.
Владините мегафони побрзаа да ги објават излагањата на нивните адвокати, па така Најчевска уште еднаш ни порача дека нашиот проблем е што сме глупави и затоа сме неспособни да ја сфатиме мудроста на Мила и другарка ѝ Бешка, со која водат НВО. Колега ми пренесе дека Колозова зборувала за потреба од донесување „бихевиористички политики“ за да сме научеле да ги прифатиме промените. Бихевиоризмот (поим што е изведен од англискиот збор за „однесување“ и е доминантен во психологијата и економијата) всушност резонира низ призма на ефектите на „стапот и морковот“, казната и наградата, и како учесниците одговараат на поттиците што доаѓаат одозгора. Но таа не знае (или не сака да знае) дека во крајна линија и таквите политики се операционализираат во закони, кои единствено имаат моќ систематски да го променат однесувањето на луѓето. Така, се создава „рефлекс“ да препознаат кога ќе бидат казнети и како да го избегнат тоа. (Бихевиоризмот помага во дресирањето на однесувањето и за време на ковид-19, со закони или декрети, сеедно). Таа е ужасната од (наводно) хиперболизирано „владеење на правото“, ама како да не живее во Заева Македонија, во која ни закон ни деловник не се почитува, дури ни среде собрание. Демократските јавни политики (барем теоретски, бидејќи во практика ги нема) се носат низ дебата и со размена на аргументи, низ делиберација, а не со ароганција. Бихевиористички политики во образованието можат да бидат само тие што се применуваат во „општествена лабораторија“ во која свесно се експериментира. Без оглед дали Колозова добро се изразила или не, сепак – погодила!
Ова е тој нормативен илузионизам со кој наметнуваш концепција што нема никаква материјална и општествена потпора, за училишта што се распаѓаат, дигнитетот на децата е згазен од најмали нозе, а политичката корупција цвета. И тоа кога најучените ти кажуваат дека таа ќе даде штетни резултати, бидејќи почнуваш од покривот, а не од темелот! Но ти ја подигнуваш на ниво на закон зад кој стојат санкции. Издресираните експериментални „глувци“, веќе шашардисани од доктрината на шокот чии ефекти траат и траат, молчат и постапуваат како што ќе им се каже. Како навиен се држиш за мантрата: сè е во согласност со Уставот и законот, законите мораат да се почитуваат какви и да се, за непочитување на законите следуваат казни, а почитувањето на законите се вика правна држава. Тоа се повторува од една до друга влада и затоа овде не вирее владеење на правото, туку авторитаризмот.
Разликата меѓу резултатите на разните влади е само во степенот на нелогичност, нецелисходност и неправичност на законите што ги носеа/носат. Интересно, поддршка добиваат и од професори по право: Преспа мора да се почитува, таа е дел на Уставот, ние сме северномакедонци, во согласност со уставен закон и точка. Кој не почитува закон донесен и спротивно на волјата на граѓаните и спротивно со процедурите, ќе биде казнет. Доследната примена на неправични и формално дефектни закони, и казнувањето за нивното непочитување, го викаат правна држава. И тука доаѓаме до Бизмарк и Прусија! Идејата за правната држава на „железниот канцелар“ што ја обединил Германија, а потоа и практиката на нацистичка Германија, ќе го потврдат и она што го напипа Ханс Келзен: правна држава може да постои и во автократски услови. Со туркање низ парламент, а потоа со пендрек и глоби власта може (барем извесно време) да наметне буквално сè што ќе посака, што носи дисциплина и ред, а неретко и лична корист. Всушност, тоа е најмногу што можете да очекувате во Македонија: и најидиотскиот закон (или уставен амандман) ќе ви го наметнат со употреба на сите (не)дозволени средства. И сè ќе биде во согласност со устав и закон. Идејата и практиката на владеењето на правото е нешто сосема спротивно од ова. Карикатуралноста на нашава ситуација е во тоа што пендрекот, па и концептот/законот, е во рацете на некој друг, овие овде се обични исполнители и жандарми.
Каде е тука Дамјан? Она математичко генијалче од Штип, кое поради нечиј пропуст, односно непочитување на правните норми (како што рече Мила, веројатно со тивка закана кон оние што на основецот му дозволиле да се натпреварува во категоријата на средношколците), заблеска на национална и балканска сцена! Речиси истовремено додека проповедаат квазинаучници за тоа какви ученици сакаат. Бихевиористичките политики во образованието (и во другите сфери) покажуваат дека Дамјан не смеел ни да помисли дека неговата интелигенција и брилијантен ум и знаење смеат да ги прескокнат возрасните и формални бариери. Организаторите на натпреварите не смееле да ценат талент и ум, туку форма и норми. Дамјан не може да ја добие заслужената награда (Мила жали за второпласираниот што не може да биде првопласиран! И рони солзи колку сака квалитетно образование). Поголемата парична награда од градоначалникот (сопартиец на Мила) е навреда не само за Дамјан, туку за сите. Детето се натпреварувало во знаење од љубов и заслужило награда; сега од него прават партиско-политичка паричка за поткусурување и делат милостина. Знаете ли колку Дамјани имаме? Јас познавам најмалку десетина, и повеќето се од пониските социјални слоеви. И секогаш им велам: правете што ќе правите, овде не останувајте! Овде ќе се најде некоја Мила што ќе ви ги кастри крилјата на умот, за да ве вкалапи во нејзината концепција што тргнува од претпоставката дека не сте способни да поврзете 2 и 2.
Дамјан е негација на таа салиерштина, на тоа медиокритетство што е врвна цел на сите нивни реформи. Бидејќи тоа е тоа што го прават државите: моделираат и во умот и во однесувањето, за послушни граѓани и подобра работна сила за капиталот! Среде божемна амбициозна реформа, Мила на дело покажува како дејствуваат нејзините „бихевиористички политики“ и бизмарковско почитување на светото слово на законот! Не гледај ме што правам, слушај ме што глаголам. Зборува од позиција на прв човек на министерство што ги згрижи децата на богатите партиски членови и министри! Во оваа експериментална лабораторија што ја нарекуваме Македонија, во ресорот на културата беше наградено дете што во маскирна униформа изведуваше „патриотски песни“ посветени на славното јунаштво на УЧК. Наградата била повисока од тоа што било барано во проектот. Медиумски, Виган беше претставен како „албанскиот талент од Тетово, кој со сигурни чекори оди кон успех. Тој е ветувачки талент, нова ѕвезда што почнува да свети.“ Овие „бихевиористички“ обрасци и примери од практиката упатуваат на различни пораки и поуки кај учесниците на експериментот: едните ќе извлечат една поука, другите – друга. Попусто ви е муабетот за мултикултурализам, за инклузија, за разбирање. Јазот на неразбирање, па и на судир на вредности, сфаќањето за тоа кој и што може и се наградува, а кој и што се казнува, доведува до перпетуирање на длабоко вкоренетите конфликти. Дамјане, не си ти за тука! Да си летнеш навреме за да не експериментираат на тебе послушните наставнички! Ти си ја надраснал оваа балканска крчма. Не си ти за бихевиоризам – ти си слободен ум! Математиката е вистинска наука!