Многу често во современото живеење се соочуваме со проблемот на зависностите (најмногу од дроги, но и од алкохол, никотин итн.). Постојат главно два спротивставени става околу овој проблем, кој најмногу е застапен кај помладата популација: едниот е својствен за науката, а вториот за јавноста. Гапот помеѓу двата става е во огромната стигматизација на оние што се зависници. Најповолното толкување на јавноста е дека жртвите на наркоманијата се резултат на одредена социјална ситуација. Сепак, генерално се смета дека тие се слаби или лоши луѓе, кои не сакаат да ги следат моралните норми на нивното однесување и можните поволности од тоа. Напротив, адиктивноста навистина претставува хронична, повратна болест што ја одликува компулсивна потреба од потрага по дрога и нејзина употреба… Со тоа станува длабок расцеп на импликациите помеѓу ставовите за „лоша личност“ и оној со „хронична болест“. Со такви ставови, постојат луѓе што сметаат дека зависниците и не заслужуваат да се лекуваат!
Концептот дека зависноста претставува мозочна болест е предизвик внедрен во ставот за самоуништување и лична одговорност на корисникот, кој доброволно, хедонистички се одлучува на тоа. Од овој аспект зависноста би била всушност резултат на повторување на ваквите доброволни поведенија. Како тогаш може да биде резултат од болест? Третирањето на зависноста како хронична мозочна болест има големи импликации на ставовите и дејствата на јавноста спрема зависниците. Ваквиот став доаѓа како некакво оправдување за личната неодговорност и криминалниот акт, и наместо да се осуди и казни ваквото штетно и понекогаш криминално, нелегално однесување, се бара оправдување.
Постоењето на јавните ставови околу зависностите се должи на релативно малкуте студии посветени на овој проблем.
Во 2017 година Марк Луис ја пласира хипотезата дека зависноста е „болест на мозокот“, која се состои од промени во невралните системи што посредуваат меѓу искуството и антиципацијата за награда, системи што се одговорни за перцепција и меморија и високи егзекутивни функции, кои подлежат на когнитивна контрола. Ваквата претпоставка се базира на фактот дека промените во мозокот се всушност резултат од експозиција на дрога и затоа е тешко, па дури и невозможно да бидат повратни. Базирајќи се на промените што се наоѓаат во мозочните структури овој модел помага во објаснувањето зошто е толку тешко обезбедувањето апстиненција преку тренирање на силината на волјата. Вистина е дека постојат индивидуални разлики во вулнерабилноста кон зависност, базирани на диспонирачки фактори и околински стресори. Моделот дека зависноста е болест обезбедува основа на знаења и поттикнува истражување за откривање фармацевтски производи, кои би биле корисни за смалување на кризите што настануваат кога болниот се одвикнува. Со ваквиот хипотетички модел за зависностите се смалуваат изолацијата и стресот што ги оптоваруваат семејствата на зависниците. Со други зборови, тие се болни, не треба да ги осудуваме, да ги изолираме, треба да ги прифатиме и да им помагаме!
Медицинскиот модел, наместо оној базиран на моралните норми, доста широко е прифатен од медицинската фела, од здравствените авторитети, а дури во некои држави и од власта. Ваквите ставови се поддржани од Националниот институт за зависности (НИДА), Националните институти за здравје (НИХ), Американската медицинска асоцијација (АМА), како и од Американското здружение за адиктивна медицина (АСАМ). Со еден збор, од авторитети во технолошки најразвиената земја во светот САД.
Сепак, постојат дилеми околу валидноста на моделот на зависноста како за болест. Имено, многу од бившите зависници никогаш не се почувствувале како болни, иако моментално се оздравени. Исто така, се смета дека ваквиот модел најмногу е поддржан од силната фармацевтска индустрија, која остварува огромни профити заради „неопходноста од долгорочен третман“. Уште повеќе, многу од алкохоличарите и излечените зависници биле без каков било третман, па не се согласуваат со идејата дека се хронично болни.
Поради овие факти, а и многу други, моделот за болест на зависностите е доста нестабилен и затоа на негово место биле предложени некои алтернативни модели. Така, наркоманијата треба да се гледа повеќе како личен избор, а не како патологија. Всушност, малку луѓе адиктивноста ја гледаат како добар, рационален краткорочен избор, доживување задоволство или начин на ослободување од прекумерна телесна тежина. Зависноста може да биде сметана како одговор на околински или економски услови (сиромаштија или социјална отуѓеност), или форма на самолекување како излез од психолошко страдање.
Траумите, било да се физички, сексуални или психолошки, или посттрауматични страдања се многу често корелирани со зависност. Со тоа, зависноста се разгледува како производ на специфичен когнитивен или емоционален развој, предиспонираност предизвикана од конституционални фактори консолидирани преку процесот на учење во текот на детството и адолесценцијата.
Ваквите алтернативни гледишта за зависноста ништо не укажуваат за она што се случува во мозокот во смисла на структурен или функционален процес. Како и да е, сѐ уште недостига научен приод во областа на невронауката за објаснување на зависноста и нејзиното излекување, кое би било кредибилно и корисно.
Многу од наодите потврдуваат дека во основа станува збор за дефицит во допаминската трансмисија или рецепција што се јавува во одредено време. Допаминот е круцијален невротрансмитер битен за мотивирање, насочување и наградување на поведението, кое има одредена цел, како и за фокусирање на вниманието и меморијата. Допаминот ја забрзува метаболната активност во синаптичките врски во мозокот. Тој е критично место во стриатумот, локализација најодговорна за наградување, но исто така и во амигдалата (место битно за емоциите), хипокампусот (одговорен за помнењето) како и одредени региони на префронталната мозочна кора (одговорни за разни когнитивни функции).
Во прилог на овие тврдења се експериментални студии кај животни изложени на кокаин, амфетамин, морфин, алкохол и други дроги што со пројавеното поведение биле слични на луѓето зависници.
Мозокот се менува во целиот тек на развојот, а и потоа како резултат на невропластичноста. Секое искуство што се повторува доволно долго заради мотивациските повици ќе ја измени синаптичката неврална мрежа во наброените мозочни региони. Овие промени водат до формирање навики (неврални или бихевиорални), кои стануваат самозабрзувачки и самостабилизирачки. Со тоа, учењето и мотивацијата управувани со одредена желба стануваат најбитни.
Еден од најголемите опоненти на моделот на зависноста како болест е фактот дека зависноста од одредено поведение може да биде исто толку силна како зависноста од дрога. Тука спаѓаат зависноста од порнографија, секс, Интернет, храна или коцкање. Сите наброени однесувања имаат слични придружни промени во мозокот како и зависноста од дрога.
Така, од невронаучен аспект, љубовта има сличности со зависност: нивото на централен допамин прави љубовниците да го насочат вниманието на избраникот и нивната тенденција истиот тој да се смета за единствен.
Како и да е, мозочната пластичност е најдобар антидот за моделот на зависноста како болест. Поинаку кажано, синаптичката реорганизација може да се смени во текот на животот зависно од процесот на учење. Познато е спонтано излекување од зависност како резултат од мозочниот пластицитет, кој е сигурно докажан во состојби по мозочен удар или траума.
Ако зависноста не е болест, тогаш што е? Дали е навика што расте и се развива брзо кога се повторува високоатрактивна цел? Или мотивирано повторување на процес на учење. Образецот на зависност се развива многу побрзо и станува длабоко внедрен, многу повеќе од другите компулсивни однесувања, токму поради интензитетот на привлечноста, која мотивира да се повторува и обезбедува комфор и ослободување од какво било страдање. Зависноста е состојба на повторувачка желба за единствена цел, но и одреден аспект и фаза во личниот развој, која остава тешки последици во нервното ткиво.
Она што останува несомнен факт од невронаучен аспект е дека и двата модела укажуваат на некаков „биолошки слом“, кој стои како основа на зависноста. Мозокот може да оди по лоша насока и ако таа се повторува може да доведе до разни правци интегрирајќи го значењето на искуството зависно од сопствените склоности. Затоа процесот на интеграција и емоционална поддршка од страна на другите луѓе е многу битен. Тоа е и мојата порака: да им помогнеме на овие млади луѓе што тргнале по несоодветен пат во текот на својот развој!