Еве фрлена банана, што се вели, преку едно просто прашање: дали Република Северна Македонија е банана-република?
Еве еден краток одговор на кој секој може да се лизне на тоа просто прашање: РС Македонија не е банана-република! Таа е северна, а на север, природно, не растат банани. И не е во Латинска Америка иако има многу сличности со држави во неа. Eве друго, слично, а различно прашање: дали е Македонија банана-држава? Одговорот на тоа прашање е нешто подолг, потребни се низа објаснувања што е, а што не е. Официјално само една земја во светот самата така се има именувано. На нејзините гранични премини има паноа за добредојде на кои пишува „Банана-република“, гордо информирајќи ги гостите дека влегуваат во земја што е една од најголемите производители на банани во светот. Тоа е државата Хондурас, во Средна Америка, од каде што и потекнува изразот уште од времето кога Американците ја урнале легалната власт за да завладеат со хондурските богати плантажи. А Македонија нема врска со Хондурас, многу е далеку, не е даночен рај за македонските бизнис-инвеститори, ниту е место за бегство по ислужен мандат, по изречена казна или по ограбена државна каса.
Кои се карактеристиките што ги одликуваат таканаречените банана-републики или банана-држави? Кои сличности или разлики се македонски карактеристики?
Општо земено тоа се оние земји што не ги почитуваат универзалните принципи на демократско владеење, оние што се подредуваат на разни туѓи интереси, кои покажуваат сервилен однос кон странскиот капитал, кон интересите на поголеми странски сили и кои лесно подлегнуваат на притисоците од страна. Со истиот термин се опфаќаат сиромашни држави, каде што владеат квази или антидемократски системи, земји каде што цветаат корупцијата, криминалот, клановските врски, непотизмот меѓу браќа, братучеди, внуци, внуки и слични други роднини, кумови, пријатели и згодни податливи соработнички. Банана-држави се држави што немаат вакцини при пандемии и епидемии, што имаат лоша власт и опозиција што се движи како мува без глава. Во тој круг спаѓаат земји што имаат парализирани институции и во кои претседателите изјавуваат дека се немоќни што било да сторат да ја променат или подобрат ситуацијата во државата на чие чело се наоѓаат. Банана-држава е онаа што е толку слаба што секој што ќе посака може да ѝ го смени знамето, да ѝ ги смени името, историјата, потеклото, личниот опис, државотворната и национална идентификација градена со генерации. Од зрела, слатка банана, да стане излупена горчлива краставица.
Според некоја, општоприфатена, кратка класификација, се издвојуваат седум елементи што го определуваат „банана-статусот“ на една држава. Прво, нејзината економија е примитивна и монокултурна (кај нас – тутун, ориз, јаболка, грозје). Второ, странскиот капитал има доминантна улога во економскиот живот. Трето, има изразити социјални разлики. На една страна богати странски компании поврзани со домашните елити, додека на друга народот, кој порано живеел релативно безгрижно, станува жртва на „новородените“ незаситни бизнисмени и на политичките октоподи. Банки што им му пијат крвта на народот. Четврто, тие земји се назадни во секој поглед: имаат политички притиснато судство, лош образовен систем, уште полоша здравствена заштита, неразвиена инфраструктура, низок животен стандард. Петто, нивните воено-полициски структури се под странска контрола, а армијата се користи за учество во војни далеку од земјата. Шесто, политичките системи се недемократски, владеат режими на чие чело се диктатори (тврди или меки), воени хунти или репресивни олигархиски клики, не исклучувајќи ги врските и големиот удел на мафијата во бизнисот, полицијата и администрацијата.
Механизмите за обликување на јавното мислење (медиуми, невладин сектор, просветни и културни институции и друго) се под контрола на домашни и странски (повеќето западни) центри на моќ и нивните локални сојузници. Релативно слободните избори и референдуми се карактеризираат со формалност, но се остваруваат со поткупување, закани, уцени кон гласачите, властите се служат со изборни измами и фалсификати и со други средства за да остварат каква-таква победа. Се измислуваат и во јавноста се форсираат настани со кои се одвлекува (се дефокусира) вниманието од вистинските проблеми, а далеку од очите на јавноста амбасадори и агенти (американските, пред сѐ, но и од други релевантни земји) тактички ја насочуваат политичката клима. Поради тоа, а и поради другите наведени особености, „банана-републиките“ се политички нестабилни, во нив не функционираат демократските институции, не се почитуваат законите и долго живеат во политичка и економска криза со низок интензитет. Тоа е нивната седма карактеристика.
Како осма може да се додаде и дрогата (шверц или нејзина легализација). Таа се користи како средство за спас на олигархијата и богатење на мешетарите на сметка на општото здравје и опасностите од ништење на младата популација преку свесно државно поддржано афирмирање и пропагирање за нејзина што поголема, послободна и пораспространета употреба. Скапа дрога, евтин живот.
Самиот поим „банана-држава“ не останал статичен во својата изворна форма измислена од пред еден век, ниту крајно дефиниран. Во модерно време во таа класификација не влегуваат само класичните банана-држави туку и друг тип држави, земји што имаат повеќепартиски општествено-политички системи, кои имаат повеќеслојна и поразвиена економија, цивилизациски повисоко ниво на населението, но сепак се слаби и сиромашни. И во нив голема улога играат странските центри на моќ и странскиот капитал преку кого се воведува еден вид неоколонијализам, се омаловажуваат работничките права, се елиминира синдикатот. Внатре, во самите држави, нема изградено доволно стабилен политичкоправен или посилен економски систем, па од тие причини напати се принудени да прифаќаат принципи и правила неприкладни на нивните устави, а уште помалку на националните вредности и традиции.
Од друга страна, тие земји постојано произведуваат големи политички афери, финансиски скандали, сомневања за земање големи провизии, за злоупотреби на власта, за мито и корупција, кражби од државниот буџет. Државниот апарат е изрешетан со странски советници, контролори, набљудувачи, медијатори, преговарачи, олеснувачи и функционира според потреби дефинирани од нив, а не од легитимните органи и важечки закони. И покрај тоа, животните услови на граѓаните не се менуваат: експлоатацијата се огледа и во стандардот, ниска е цената на работната рака и на интелектуалниот ум, мали се дневниците, уште помали месечните плати, а пензиските примања се микроскопски. Просто речено: работа има – пари нема! Пензионери премногу, работна сила за тие пари премалку.
Искуствата од тие држави покажуваат дека странските компании или земји за да ги остварат своите интереси и цели наоѓаат поддршка во домашни политички фактори (порано тие беа именувани како марионети, квислинзи или политички слуги) што извршуваат налози што им се даваат. Така се создаваат и „банана-политичари“, на кои им се дава можност да ја покажат својата способност извршувајќи ги туѓите, често валкани, задачи. И тие политичари се од сезонска природа – траат колку што е потребно да се соберат плодовите, а потоа се бараат други, понови од новите, такви што не се осмелуваат искрено и енергично да се спротивстават на понижувањето на државата и народот што ги претставуваат.
Сите такви проекти, таа политкабинетска или воено осмислена стратегија се реализира чекор по чекор, почнувајќи од навидум неважни инциденти стигнувајќи до модерни митингашки неореволуции, шарени или еднобојни, сеедно какви. Избрани поединци, политички отпадници, можни осуденици, бизнисмени пред банкрот, лица склони кон ситен криминал, кон хедонизам и лакоми за пари, низ посебен систем на тренинг се обучуваат и форматираат во лидери, народни трибуни, шефови на партии или провокатори и мативоди што заеднички ги имплементираат дадените задачи на штета на сопствената држава, на нејзините демократски, граѓански и национални права и интереси.
Како настанал терминот „банана-република“, кој стана универзален израз за класификација на држави? Називот настанал токму во Хондурас на почетокот на 20 век кога неколку американски компании, кои целосно ги запоседнале производството и продажбата на ова тропско овошје ја контролирале целата економија, а со тоа го ширеле своето влијание и во политичкиот живот. Во еден момент кога домашните власти се обиделе да го променат тоа и да не прават натамошни отстапки, компаниите, со помош на Владата во Вашингтон, извршиле пуч, ја смениле власта и ја замениле со друга што веднаш ги прифатила нивните барања.
Според некои извори (Википедија), автор на терминот „банана-република“ е американскиот писател и хуморист Оливер Хенри за да го опише мешањето на американските компании во внатрешните работи на Хондурас и практиката да избираат владини гарнитури што ќе ги поддржуваат и спроведуваат нивните деловни интереси. Таа политика на мешање во внатрешните работи на други земји не остана само во рамките на бизнисот со јужното овошје, туку се префрли и на сласта на политичкото овошје. Воопшто не е спорно дека, меѓу другото, Македонија, сега Северна, е овоштарски крај на Балканот, подложен на сите временски непогоди. А тие се случуваат без разлика на годишните времиња.