Крајот на американската интервенција во Авганистан, како и живата европска дебата за „урушувањето на демократијата“ во некои од новите земји-членки, повторно ја отвора темата за улогата на надворешниот фактор во демократизацијата на една земја. Иако е создадена цела индустрија на консултантски агенции, невладини организации, проекти и донаторски фондови токму за да се промовира и да се гради демократијата во туѓински општества, сепак реалноста секогаш и секаде наоѓа начин да ги обезличи, обесмисли, па дури и да ги исмее сите вакви обиди (без разлика на фактот што најчесто станува збор за искрена желба за помош во нечија демократизација).
Самиот термин демократија, владеење на народот, јасно укажува зошто не е можно демократијата да биде наметната однадвор. Демократија може да постои само во едно општество каде што самите граѓани одлучуваат за тоа кој ќе ја води нивната земја и каде што тие можат во секој момент да се премислат, да го отповикаат избраниот водач и да изберат нов. Земјите коишто се нечии колонии, протекторатите, ентитетите со ограничена сувереност и земјите коишто имаат значително присуство на странски воени или полициски мисии се исклучени од сите мерења на демократијата и на демократските трендови. Нормално, кога туѓинците имаат улога во владеењето со една земја, граѓаните немаат можност независно да избираат кој ќе ги води, ниту пак имаат целосна слобода во изборот на владеењето. Едноставно, нема демократија без внатрешен и без надворешен суверенитет. Присуството на странски војски, туѓински воени или полициски мисии, постоењето на надворешни тела или странски проконзули коишто може да се вмешаат во одлучувањето или дури да отстранат некого од политичкиот процес е знак дека не постојат услови за демократија во едно општество. Така што, слободата и суверенитетот се нужни предуслови за постоење на демократија.
Се разбира, постоењето на внатрешна граѓанска војна или непостоењето на целосна контрола од земјата на секоја педа од нејзината територија, исто така, оневозможува постоење на демократија во една држава.
Но тоа се фундаментите.
Што правиме околу дискусијата за урушувањето на демократија во земјите од посткомунистичка Европа?
Прво, во сите земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа демократијата не падна од небо, ниту пак беше донесена со туѓи војски, а немаше ни некакво сериозно надворешно влијание при иницијалната демократизација. Едноставно, комунистичкиот систем беше целосно разјаден, скапан и црвосан однатре, па се уруши како кула од карти, а граѓаните самите си се изборија за повеќепартиска демократија и за слобода на изразувањето.
Втората епизода од демократизацијата во европскиот посткомунистички Исток подразбираше воведување пазарна економија, заедно со обемна административна реформа, којашто требаше да ги приближи овие општества кон развиените земји од тогашната Европска заедница. Тогаш се воведоа принципите на условеност и во економската и во политичката арена. Условеноста, иако многу порано беше измислена како концепт, во најгруби црти може да се опише како експеримент за некаков институционален или политички „Павлов рефлекс“. Тука меѓународните институции условуваат, па доколку домашните институции се приспособат, следуваат награди. Во почетокот условеноста функционираше во делот на економијата, при воведувањето на пазарните механизми, а потоа нештата експлодираа со воведувањето на политичката условеност, објаснета во европскиот посткомунистички Исток како извоз на „западните“ политички норми и институции, „промоција на демократијата“ или „изградба на демократијата“. Оваа нова условеност беше многу повеќе интрузивна во домашните политички системи и најчесто беше спроведувана од глобалните или од регионалните наднационални меѓународни организации и интеграции. Своја теоретска основа условеноста најде во „теоријата на модернизацијата“ од 1960-тите години, чиишто главни теоретичари беа Липсет или Рокан, односно идејата дека демократијата не е можна без економски просперитет и без широка и робусна средна класа, мотивирана да биде вклучена во политиката.
Но, како повеќето обиди да се примени теоријата во практика, и во посткомунистичкиот исток нештата не излегоа според планираното. Економската преобразба не произведе средна класа, туку се претвори во вистински приватизациски гангстерај, којшто остави зад себе економски, социјален и политички пустош и беда. Победник на приватизацијата беше поранешната комунистичка номенклатура, што е еден циничен крај на процесот на преобразба.
Сепак, и покрај тоа, во 2004 година беше прогласена победа, па земјите од посткомунистичкиот исток коишто влегоа во Европската Унија беа прогласени за стабилизирани либерални демократии (со декрет), а за земјите од Балканот беше означено дека се патот кон целосната преобразба во либерални демократии (исто така со декрет).
Во суштина, ниту една од европските посткомунистички земји сè уште ја нема целосно завршено демократската консолидација, демократските институции се кревки и без посериозна традиција, а политичките партии не се длабоко вградени во општеството и најчесто не ги изразуваат тежненијата на јасно дефинираните општествени слоеви.
Тука се и фалинките на дебатите за „урушувањето на демократијата“, но и огромните недостатоци на условеноста, како политичка алатка. Европската Унија беше основана како сојуз на шест држави од Европа коишто преживеале тешка светска војна и коишто тукушто го беа започнале процесот на повторна демократизација. Заедничкиот пазар и меѓусебната политичка и институционална поврзаност им помогнаа побрзо да закрепнат, да имаат успех во редемократизацијата и новите демократски вредности да фатат корен во сите нивни општества. Европската Унија ја одигра истата улога и при демократизацијата на европскиот југ, поточно во Шпанија, Португалија и Грција, при падот на нивните диктатури и при повторното ослободување на слободата од граѓаните на овие земји. Да не зборуваме, пак, колкаво е влијанието на ЕУ во натамошниот тек на демократизацијата на земјите од посткомунизмот коишто веќе влегоа во Унијата. Но, за жал, Европа ја нема таа далековидост кон земјите од Западен Балкан и кон Турција. Условеноста при приклучувањето во Европската Унија не ни ја загребува површината, но влијанието на заедничкиот пазар и на самото членство во ЕУ има огромно влијание во демократската стабилизација, не преку условување, закана со санкции или други странски замешателства, туку едноставно со овозможувањето економски просперитет и поголеми можности за сите граѓани во поширокиот европски простор.
Така што, одговорот на прашањето од насловот на оваа колумна е многу едноставен – не е можно демократијата да се наметне однадвор. Таа секогаш и секаде е производ на внатрешниот развој и на стремежите на граѓаните за слобода.