Ако на детето уште од мали години му всадите љубов кон физичката активност, тоа цел живот ќе биде спортски активно. Тоа дете понатаму нема да треба да се присилува да спортува, туку самото ќе одбере да биде физички активно. Детето што веќе има изградено спортски навики, ќе побара да оди на тренинг по фудбал, ракомет, пливање, тенис или кој било друг спорт за кој има услови да учествува. На тој начин се раѓаат спортски ѕвезди. Спортот е инвестирање во иднината на нашите деца
Спортот е важен за вашата личност и ви помага да бидете секогаш здрави, ќе ви одговори мојот осумгодишен син доколку му го поставите прашањето зошто е важно да се спортува. Ве прави среќен и спортот е многу интересен, ќе додаде и ќе ви ги наброи спортовите што му се омилени. Покрај оваа негова искрена изјава, постојат уште многу здравствени и социјални придобивки од спортувањето, особено изразени кај најмладата популација.
Секое дете за да биде здраво, пред сѐ, треба да биде физички активно. Спортот е пресудниот фактор од кој зависи дали детето ќе има правилен психофизички развој.
Физичката активност и спортувањето на рана возраст се од круцијално значење за постигнување правилен раст и развој и превенција на здравствени проблеми, како што се прекумерна тежина, искривување и деформитети на ‘рбетот, ризик од заболување од дијабетес, ризик од покачен крвен притисок и холестерол во крвта и уште многу други заболувања. Децата што спортуваат се одликуваат со поголема флексибилност, сила, со поразвиени моторички способности и со подобро општо здравје. Но, и покрај овие здравствени благодати, во Македонија сѐ повеќебројни се децата со прекумерна тежина. Имено, дебелината кај децата во Македонија е трипати зголемена во последните 30 години. Според истражувањето на Институтот за јавно здравје на Р Македонија, речиси една третина од децата од предучилишна возраст, односно 32,6 проценти, и 80 проценти од адолесцентите имаат прекумерна телесна тежина. Една од клучните причини за зголемената телесна тежина е недоволната физичка активност на децата. Прашањето што природно се наметнува е зошто децата немаат доволна физичка активност?
Децата најдолго време во денот поминуваат на училиште. Кога разговарам со мојот син како си поминал на училиште, ретко кога ми го спомнува часот по физичко и здравствено образование. Честопати ми раскажува анегдоти од часот по математика, македонски јазик, природни науки, но речиси никогаш не разговара со мене за часот на кој треба да спортуваат, кој нему, а верувам и на многу деца, им е еден од омилените предмети. Кога го прашав зошто ретко ми раскажува за овој час, разочарано ми одговори дека немаат час по физичко образование. Во недоверба го погледнав распоредот и забележав дека, според програмата, треба да имаат трипати неделно. Но тоа е на хартија. Во практиката е поинаку.
Часот по физичко образование е еднакво важен како и другите предмети. За жал, во училиштата, од сосема неоправдани причини, честопати часот не се одржува или, пак, кога се одржува не е со некаква структурирана форма. Земајќи ги предвид сите придобивки од спортувањето, наместо уште од мали години да ги едуцираме децата за важноста од физичката активност и да им вкорениме навики за спортување, се случува тенденциозно да се прескокне часот или, пак, да се замени со друг наставен предмет. Не е доволно да се пуштат децата надвор за да се истрчаат. Не е доволно на децата да им се фрли топка и да се остават сами да играат кошарка. Тоа е како да ги оставите на часот по македонски јазик сами да ги изучуваат буквите. Или, по математика сами да научат да собираат и да одземаат. За да имаме здрава и работоспособна младина, треба да ја научиме како правилно да спортува. Кај нас сѐ уште има деца што не знаат да трчаат и што не знаат да подадат топка. Но тие се најмалку виновни. Виновни сме ние, кои потфрламе на индивидуално, организациско и системско ниво.
Часот по физичко образование е еден од главните постулати во образованието, кој треба да се сфати сериозно, како по здравјето на најмалите така и во продуцирањето идни спортски кадри. Ако на детето уште од мали години му всадите љубов кон физичката активност, тоа цел живот ќе биде спортски активно. Тоа дете понатаму нема да треба да се присилува да спортува, туку само ќе одбере да биде физички активно. Детето што веќе има изградено спортски навики, ќе побара ќе оди на тренинг по фудбал, ракомет, пливање, тенис или кој било друг спорт за кој има услови да учествува. На тој начин се раѓаат спортски ѕвезди. Спортот е инвестирање во иднината на нашите деца. А секоја добро предвидена инвестиција има повеќекратни и долгорочни придобивки. Нашата колективна придобивка е дека на овој начин ќе создадеме активна младина, со здрави животни навики и вистински спортски вредности.
Јас верувам дека секое дете во себе носи потенцијал што треба да се насочи уште од мали нозе. На најмалите најмногу им е потребна нашата поддршка, за да можат да го развијат и унапредат својот талент. Спортот ќе ги научи на фер игра, почит, дисциплина, упорност и никогаш да не се откажат од својот сон. А постои ли нешто поубаво од остварувањето на сопствениот сон?
(Aвторката е претседателка на граѓанската организација ТАКТ)