Ќе остане или ќе си оди Зоран Заев? Ќе поднесе ли писмена оставка или ќе развлекува за да остане на власт? Ова се двете прашања што вријат во македонскиот политички лонец по тешкиот пораз на неговата партија на локалните избори.
Одговорот на овие прашања овој пат е многу лесен и јасен.
Ако Зоран Заев како претседател на Социјалдемократскиот сојуз и како претседател на Владата некогаш бил искрен – најискрен беше ноќта кога ги поднесуваше двете усни оставки. Во неговиот емотивен настап можеше да се забележи еден сериозен знак, еден гест што ја потврдува неговата решеност да се врати дома. Не ја стави раката на срце, гестикулација што ја правеше често за да се заштити од уроци за она што го кажува, а во кое ни самиот не верува. Во тој момент таква заштита не побара. Соопштувајќи ги оставките, неволно но нужно, пред очите на јавноста, го покажа човечкото лице, ја изложи искреноста, си ја потпиша судбината од која нема враќање.
Настрана од политичките, сите неполитички индиции покажуваат дека Зоран Заев ќе замине од функциите. Ќе абдицира сигурно и набргу, без дилеми. Нема веќе трикови и блефови. Овој заклучок не е гледање во кафе, во зрна грав или во карти. Тоа е реалност од која не може да се побегне.
Заев доживеа удар на гром од ведро небо.
До само пред десетина секој што ќе речеше дека ќе поднесе оставка ќе беше сметан за политички аналфабет, кафеанска будала или слеп заевомразец. Неговите позиции, однадвор мазни, беа далеку од дометот за абдикација. Самиот во повеќе наврати ги убедуваше граѓаните дека неговиот мандат до 2024 е рамен на бетон. Нему дефинитивниот пад му се случи како во модерен крими-роман, како во трилер-филм. Цело дејствие за помалку од 24 часа. Од Олимп до Ватерло, ако овие два синонима го претставуваат размерот од врвот до дното. Таков шок ретко кој организам може да истрпи. И Заев и од камен да е, сепак човек е.
Последиците од контакт со веда не се лесно подносливи.
Неочекуваната молња, силниот грмеж, го фати неподготвен за други реакции. Оттаму разбирливо и нормално е што оставката сѐ уште е само на даден збор. Има време за писмена, секако ќе биде напишана. Разумен чекор е што со развлекувањето им дава простор и време на другите фактори да се соземат, му овозможува на претседателот на државата да не избрзува со консултации кога ништо не е познато. Претпоставка е дека е во самоизолација, разочаран од себе, од народот, од партијата, од соработниците. Функционира зад затворени врати со минимум средби и разговори, тежок му е преиспитувачкиот дијалог со себе.
Во амбиент на неповолна психолошка состојба треба и од друг агол да ја согледа целата ситуација, да досреди некои заостанати работи во Владата, да се договорат активности во партијата, да се дојде до нов, соодветен човек како замена за него и слично. Истовремено треба да се среди личната документација, да се подисчистат фиоките, да се избришат непријатните или криминогени пораки од телефоните и лаптопите, да се селектираат тајните аудиозаписи и снимки од скриените камери во кабинетот, да се проверат последните тендери, сметките расфрлани на повеќе страни. Ако некој мисли дека сето тоа може да се заврши во еден ден или во една недела, тој не знае како функционираат Владата и шефовите во неа. Ако сите марифетлаци многу добро ги знаеше генералниот секретар Рашкоски, што остана за другите.
Најверојатно без негова волја, сега веќе на маргините на политичката сцена, се отвори широко поле за ирационален и недостоинствен натпревар меѓу коалициските партии за спас на првиот меѓу еднаквите. Вложуваат јалови напори да го разубедат да се врати, наивно употребувајќи дури и посредни инфантилни обвинувања на негова адреса дека бил емотивен, дека избрзал и не знаел што прави. На сите им е јасно дека битката за спас на Заев не е битка за него, тоа е битка за нивен спас и политички опстанок.
Ноќта по објавата на резултатите од вториот изборен круг, на своја душа си ги стави своите и сите туѓи гревови. На свој грб си ги натовари неуспешните политики на генералниот секретар Љупчо Николовски, на контроверзните реформи во образованието на Мила Царовска, огнените жртви на Филипче, погрешната процена на Оливер Спасовски за Куманово, лажните добро платени анкети и други нешта што јавноста не ги знае. На своја душа ги прими и сите недоследности на коалициските партнери. Во претпоследниот чин од драмата Заев се покажа голем, другите мали.
Два фактора немаат ни грам морално право да го убедуваат Заев да се откаже од оставките.
Тие два фактора се раководствата на двете партии, Социјалдемократскиот сојуз и Демократската унија за интеграција (ДУИ). Немаат затоа што токму тие се на врвот на одговорноста за изборниот потоп и за секавичниот пад на Заев. Тие подолго време обилно и плодно работеа Заев да падне како недозреана круша од зелена гранка. СДСМ дозволи лидерот да ја приватизира и фамилијаризира партијата, да ја отскопјани и да ја поисточни со негови кадри и членството да го направи мртва бројка на хартија. Партиското раководство дозволи Владата од ден на ден да го урива нејзиниот рејтинг, да ги губи дури и сигурните гласачи. Затоа, демократски ред е, морален акт е, ако претседателот поднел оставка, оставка да поднесе и целото партиско раководство. Колку за да се следи примерот на лидерот, толку и поради катастрофалниот пораз. Како што по 31 октомври 2021 не може да биде исто во државата и во Владата, не може да остане сѐ исто и во партијата.
Вториот булдожер ставен во погон за уривање на Заевото владино и партиско здание е ДУИ, воден од Али Ахмети и од Артан Груби.
Во јавноста, политичарите, новинарите, аналитичарите, плашејќи се некој да не ги обвини за македонски национализам не сакаат да навлезат во темните лавиринти на оваа партија. Се крие, не се потенцира фактот дека на сите избори, во сите анкети Македонците не му даваат предност на Заев и на неговите политики. Тој распон не е мал, а е голем во полза на ВМРО-ДПМНЕ. Не може да се одрече успехот на генералната политика во врска со меѓунационалните односи во Македонија што ја спроведуваше Заев, но голем дел од македонската заедница смета дека тоа се прави на штета на Македонците, чии права се ускратуваат или се трансформираат во неповолна историска насока. Капак на македонското незадоволство е и што Заев, покрај научници, искусни дипломати, афирмирани интелектуалци, дозволи министер Албанец, доктор, хирург по специјализација, да го решава историското прашање со Бугарија. Таа македонска горчина Заев ја земаше како вкусен локум со оревчиња. Никој не вели дека Бујар Османи е крив, мавањето е по Заев.
Со многу потези Али Ахмети пред очите на јавноста го ставаше Заев пред свршен чин, му предизвикуваше расцепи во партиските редови, ја уценуваше Владата. Не може да биде виновен само Заев, а мува да не ги лази Ахмети и компанијата. Не станува збор за наметнатите закони за јазиците, станува збор за многуте закани, финти и пазарења што се одвиваат зад оковани врати, надвор од Собранието и спротивно на сите демократски принципи, понекогаш и на работ на законите и на Уставот. Врвот на демонстрацијата на сила, на ароганција, на политичка невоспитаност е господинот Артан Груби, во функција на прв заменик на претседателот на Владата. Неговата надменост, перфидните провокации на Македонците како народ, претставувањето дека е рамен, поголем и поважен и од Заев, оставаат малку простор за добри намери. Груби долго и упорно ги уриваше авторитетот и легитимитетот на Заев пред Македонците.
Моќта на Али Ахмети и Артан Груби ја покажуваа на виделина немоќта на Зоран Заев. Во играта за тронот што се вика Македонија, Заев ја загуби битката меѓу своите и затоа абдицира. Сѐ што ќе направеше поинаку ќе беше погрешно и попогубно и за него лично и за државата.