Некаде на почетокот на деведесеттите години, весникот „Нова Македонија“ беше првиот што го отвори прашањето за „македонските гробови“,
поточно речено за гробовите на македонските револуционери расеани низ полињата, падините и горите на Македонија, земјата за чија слобода се бореле и каде што ги оставиле своите животи. Авторите Блаже Миневски и Спас Марковски во десетина прекрасни текста, илустрирани со скромни црно-бели фотографии, ни ја предочија состојбата на гробовите на револуционерите Методија Патчев, Георги Сугаре, Даме Груев, Христо Узунов…
Гробиштата се составен дел на живеењето и опстојувањето на нашата цивилизација. Гробовите се местата каде што се закопани нашите предци и уште повеќе, местата каде што им оддаваме почит на предците за нивните заслуги кон нас, како за време на религиозните така и за државните празници. Ние Македонците сме претежно рурален народ, па нашите гробишта најчесто се наоѓаат на селските утрини, во близината на црквите, најчесто слободно поставени, растурени и без особена логика, само со крст, како обележје на верата и натпис со името на покојникот, најчесто избледен од времето. На своите летувања низ Далмација, мојата генерација се сретна со поинакви гробишта, украсени со паметници, уредени и компактни целини, кои во суштина беа составен дел од градскиот живот на хрватските градови. Тоа беше сосема друг свет, иако споделуваме единствена религија – христијанството.
Токму тогаш и ја почувствував непријатноста од запуштените и уништени гробишта на другите народи што живееја со нас, на турските гробишта претворени во стадиони (ФК Победа – Прилеп) или на турските во Скопје, каде што се денешното МВР и Судската палата.
Воените гробишта на територијата на Македонија се сосема друга приказна. Тие беа слика и прилика на победниците и поразените во двете светски војни; на една страна прекрасно уредените француски, српски и англиски гробишта во Скопје и Битола, грчките во Валандово, а на друга страна запуштените германски и бугарски гробишта во Прилеп и во Струмица. Светла точка беа само бугарските гробишта во селото Цапари и во селото Српци-Беранци, одржувани од месното население.
Требаше да умре Тито, да се распаднат СССР и Југославија, заедно сосе „комунизмот“ па земјите како Германија и Бугарија да пристапат кон обнова на гробовите на нивните паднати војници од Првата светска војна… за Втората никој не говори, идеолошките разлики ги раздвојуваат и мртвите.
Со својата изјава дека „Србија је дотле, докле има српских гробова“ Слободан Милошевиќ, прв во историјата на современа Југославија, на гробовите им даде политичка димензија. Од политичка, димензијата стана воена, за сето тоа да заврши со една несреќна граѓанска војна од која поранешните југословенски народи сѐ уште не закрепнале, напротив! Изјавата беше подла и военохушкачка, со самиот факт што српски гробови има и на Крф, и во Солун, и во Бизерта, но Слобо-национале мислеше само на српските гробови барем до Карлобаг, на хрватското приморје. Резултатот е видлив. Гробовите си останаа, Србите оттаму се иселија во најтесната Србија досега, а српскиот народ сѐ уште се бори со последиците од егзодусот на своето население.
Некаде на почетокот на деведесеттите години, весникот „Нова Македонија“ беше првиот што го отвори прашањето за „македонските гробови“, поточно речено за гробовите на македонските револуционери расеани низ полињата, падините и горите на Македонија, земјата за чија слобода се бореле и каде што ги оставиле своите животи. Авторите Блаже Миневски и Спас Марковски во десетина прекрасни текста, илустрирани со скромни црно-бели фотографии, ни ја предочија состојбата на гробовите на револуционерите Методија Патчев, Георги Сугаре, Даме Груев, Христо Узунов и други. Сликата беше страшна. Запуштени гробови обраснати во трње, неуредени патеки, неозначени места и избришани и нејасни натписи. Ако гробовите требаше да бидат претстава за состојбата на нашиот патриотизам и нација, тогаш сликата беше разочарувачка за нас, и како државност и како националност.
Корените на тоа безобразие, на тоа злосторство кон мртвите лежат во нашиот провинцијализам, поточно, во нашата селска простотија и бескрајната завидливост. Наводно, тие гробови не требаше да ги „засенат“ гробовите на партизаните, тогаш „единствено заслужни“ за нашата наводна слобода – небаре комитите се бореле за наше ропство – но и поради фактот дека Бугарите „ги присвојуваат“ тие личности, но и затоа што Србите, со кои живеевме во една држава не ги сакаат. Демек, ние не сакаме да се замериме со никого и да не „истрчуваме“ додека не се решат работите. Всушност, не се работи ниту за бугарското „присвојување“ ниту за српското „несакање“, туку се работи за нашата недоветност и малодушност, поради која Србите отсекогаш нѐ нарекуваат „Македонче“, а не онака како што треба…
Кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години, кафеаната „Боеми“ во Скопје беше култно место каде што се среќаваа речиси сите македонски интелектуалци и каде што секогаш се седеше до раните утрински часови. Таму редовен гостин беше Киро Чауле, човек со импресивна биографија. Син на војводата Петар Чаулев, предвоен комунист, партизан, херој на војната, по војната командант на елитната единица на полицијата за борба со албанските банди, за по 1951 година да биде уредник во „Нова Македонија“, а потоа долгогодишен уредник на вестите на Радио Скопје. Беше многу образован, но во младешките години со бурен темперамент и отсекогаш тежок карактер, па како таков бил избркан речиси од сите гимназии, за едно време да замине како ученик во гимназијата во Крагуевац, Србија. Ги познаваше добро Србите и често говореше за нивниот жесток, бескомпромисен национализам, но и за доблестите на српскиот човек.
Во една длабока ноќ, зачадена од „нишка дрина“ и испарувања на струмичка мастика, ја започна следнава приказна:
„Во една од елитните тогаш кафеани во Крагуевац, кон крајот на 1938 година, неделно попладне, влезе богато облечен господин заедно со една прекрасна дама, придружуван од две млади девојчиња на околу 10-12 години, сите богато облечени, вистинска слика на имотно и среќно семејство. Кафеанската музика свиреше лесни теми, некакви валцери, но кога семејството се појавило на вратата, музиката престанала да свири, за по неколку секунди да отсвири четири-пет такта од ’Шуми Марица‘, тогаш официјална химна на Бугарија. Господинот со насмевка ја извадил шапката, се поклонил кон музиката, а тие престанале со бугарската химна и одново се вратиле на валцерите. Семејството седнало и порачало за јадење и пиење, а келнерите цело време се вртеле околу нив.
Следниот ден, продолжил со раскажување Чауле, приказната со музиката му ја објасниле токму крагуевчани. Имено, господинот бил офицер на Југословенската кралска војска и бил на служба во Охрид. По природата на работата ги обиколувал селата низ Дебарца и во едно село, на селските гробишта нашол некаков запуштен гроб. Ги прашал селаните чиј е гробот и добил одговор дека гробот е на војводата Тома Давидов. Србинот не ни имал абер кој бил Тома Давидов, но прашал зошто гробот е запуштен. Одговорот бил дека „власта“ не дава да се направи гробот бидејќи бил „бугарски“. Селаните додале дека војводата е убиен од турскиот аскер. Офицерот потресен од приказната на селаните за херојската смрт на војводата паднат во борба против Османлиите, а самиот држејќи до офицерството и честа, наредил веднаш да бие камбаната, да се соберат селаните и попот да направи панихида… така треба, рекол, да се прави за секој што паднал во борба за слобода и тоа баш против неомилените (тогаш, не сега) Турци кај Србите. Наредил гробот да се поднови.
Работите биле завршени, но главната команда, кога разбрала за ’инцидентот‘, не мислела така. Офицерот бил по кратка постапка пензиониран, останал со малку пари, па морал да живее кај богатиот дедо (татко на неговата сопруга) во Крагуевац, а и кафеаната во која одел била на дедо му. Цел Крагуевац разбрал зошто е пензиониран, па сега така, преку бугарската химна, Србите му се одмаздуваат… ја свират секогаш кога тој ќе влезе во која било кафеана со музика. Можете да си замислите!“.
По војната Чауле како командант на полициска единица, одејќи низ Дебарца, се распрашал за гробот на Давидов и селаните веднаш му кажале дека е во гробиштата на селската црква во селото Оздолени… бил и го посетил!
Во меѓувреме Чауле почина, СФРЈ се распадна, југословенската армијата си замина, останаа само спомени, за секого од нас различни. Приказната за гробот на Давидов ја имав подзаборавено, но на неа се сетив по написите во НМ на тандемот Миневски – Марковски. Нормално, тие не напишаа ништо за Давидов, гробот си беше и остана „бугарски“, онака, полуразрушен и непосетуван.
Сепак, не бил заборавен.