Гробови

Една на изглед депресивна тема за нашата денешна колумна, драг читателу, но и не е од нејзиниот симболошки аспект. Таа е посебно важна, пак, за некои сакрални стари цивилизации. Египетската тука предничи. Но таа тема, во контекст, е особено драгоцена и за малите, историски ранети мали нации и народи, каков што е и македонскиот меѓу нив, „столченото племе“ како што ги викаше него Блаже Конески. Тема како за колективот, така и за индивидуата, која од раѓање стои на тенкиот раб меѓу сонот и јавето, животот и смртта. Темата на гробот така не е поврзана само со смртта, туку на симболички начин и со самата егзистенција, со суштината на постоењето. Парадоксално, но така е. Човекот уште од прапочетокот, од ледената доба природно се плашел од смртта, но се трудел да го најде и трансцеденталниот клуч со кој ќе ја отвори нејзината тешка порта и ќе го мине нејзиниот праг за да влезе во вечноста. Тоа е темата во разни варијации на сите големи религии.

Смртта, имено, е и причината за изградба на нивните монументални системи. Египет е, пак, како што го покажуваат тоа и неговата уметност и архитектура, најфасцинантен пример на тој план. Во него целиот живот, од раѓањето натаму, му бил посветен на патот кон смртта како целосно осмислување на животот, кој се состоел од две половини како целина, онаа пред и другата по смртта. Другата за старите мудри Египќани била и многу поважна. Нивната егзистенцијалистичка филозофија на смртта е импресивна, како што се импресивни и нивните пирамиди несомнено градени во нејзина чест. Ако се знае тоа, ќе знаеме и зошто човекот на старите цивилизации не се плашел од смртта како денешниот човек на модерната технолошка, но и безбожна епоха.

За модерниот човек без Бог смртта е дефинитивен крај на сѐ, биолошки факт, распаѓање и ништо друго. Прочитај ги „Песни од мртовечницата“ на Готфрид Бен и ќе видиш како и уметнички изгледа тоа. Но суштината сепак е во тоа што во една симболошка, архетипска перспектива мртвите излегуваат, парадоксално, и поживи од живите. Ние штом ќе ги погребеме ги забораваме, па дури и во сонот се браниме од нив, кога тие сакаат да нѐ посетат, а нѐ посетуваат спротивно на нашата волја и не почитувајќи го нашиот страв од нив и смртта. Очигледно нашиот одбранбен механизам тука не функционира. Таков, тој само ни покажува дека, наместо да се браниме, треба да комуницираме со заминатите од нас од другата страна на земниот живот. Во таа смисла и Рајнер Марија Рилке, кој во целокупната своја поезија се занимаваше од еден есенцијален аспект со смртта, во еден од своите „Орфејски сонети“ нѐ советува пред легнување да оставиме на масата на која сме вечерале леб и сол, зашто можат да наминат и мртвите да вечераат. За Рилке фактички смртта е трансцедентално подрачје, во кое се реализира суштинскиот дел од целината на едно постоење на секоја една индивидуа, но вклучително, имплиците, и на секој еден колектив на кој му припаѓа таа. Но ние во оваа јалова и безбожна цивилизација не размислуваме за тоа.

На она што заминало не сакаме да се потсетуваме, како никогаш и да не постоело. Се трудиме мртвите што побргу да ги заборавиме иако еден ден сите ќе појдеме кај нив. Ќе станеме, како што вели Виктор Иго, нивни современици, со оние од вчера, но и со оние од пред столетија и милениуми.

Конечно, од сите феномени, смртта е и најправедна, затоа што таа не е подложна на корупција, на капитал, и затропува на секоја врата, не само кај сиромасите, туку и кај богатите, кај питачите, но и кај царевите, како што пишува и во Светото писмо: сите се од земја и сите во земја се враќаат. Не знам дали за тоа нешто (се извинувам, драг читателу, што ја снижувам темата) размислуваат, на пример, и нашиот премиер, неговата влада, министри и арогантни пратеници. Но сеедно. Нека знаат: и тие се од земја и во земја ќе се вратат. Но какви ќе бидат нивните гробови, светли, како што вели Змај за оние во кои лежат просветлените и чесните, или темни, однадвор варосани, како што им велеше Исус на фарисеите, а внатре распаѓање. Тоа зависи од нив, а веќе со нивните чинови на идентитетското убиство на својот род знаеме какви ќе бидат тие.

Гробот е важен архетип, симбол од ранг. Тој се поврзува дури и со симболизмот на планината, која е еден од најважните воопшто симболи на трансцеденталниот свет на постоење. Таа го симболизира и самиот Бог. Така, на светата планина Синај и му се јавува Јахве на Мојсеј со камените плочи на кои се запишани десетте божји заповеди. И, парадоксално, не на смртта, туку во една архаична магиска, па и посовремена религиска перспектива гробот како симбол, енергетски, е резервоар на животот. К.Г. Јунг, пак, него го врзува за женскиот архетип. Според него, тоа е место на заштита, раѓање и благост. Со еден збор, таков тој ја симболизира матката од која е излезено човештвото.

Гробовите се света работа. Тие се ризница, национално, колективно благо, од кое се хранат новите поколенија зачнати од предците и прапрапредците, оние што, како што би рекол Хајдегер (а по повод Хелдерлин), не се минато, туку доаѓаат од иднината. Тие нѐ потсетуваат на нашите интимно мили заминати, но и на оние што го задолжиле колективот, племето на кое му припаѓаме. Затоа, имено, и бескрајно луцидниот Сиоран вели дека човек треба барем еднаш неделно да оди на гробишта за да се облагороди и да ѝ даде длабочина на својата меморија. Се разбира, не само да се сети дека е смртен, па да си ги поткастри арогантните рогови, туку и да ги пронајде и да се потсети на светлите гробови од кои зрачи духот на знаменитите ликови на родот, благодарение на кои ние и сме се зачнале и родиле и ни е даден правецот на движење со сите морални и етнички норми за дејствување. А во Македонија има многу такви гробови.

Впрочем, општо земено, таа е можеби земја со најмногу гробишта и гробови по квадратен метар во светот. Нешто што ја проектира всушност шифрирано и сликата на нејзината проколнатничка историска судбина. Ниедна друга земја во Европа нема, покрај своите, истовремено и толку многу странски гробишта и гробови: англиски, француски, германски, бугарски, српски, грчки… тука се прекршувале и наоѓале изохипсите на воените фронтови, било на европските светски, било на балканските и другите завојувачки војни, на хиените што ја парчеле крвожедно Македонија како жртва. Таа, речено со ликовниот јазик на Ван Гог, секогаш била житно поле со гаврани што го пустошеле до бескрај него: црните гаврани на моќните европски сили, но и на нашите лакоми соседи, кои нив секогаш ги саскале против нас. Како што ги тераат и сега да нѐ сторат пепел во општа идентитетска гробница обезглавени и обезимени. Но тука сега, покрај нив, на тој наш колективен смртоносен проект, драг читателу, покрај европските и балканските, работат и нашите домашни предавници „мајстори на смртта“ (П. Целан). Тие најмногу сега забрзано, под полна пареа, ја копаат идентитетската гробница на својот род, од кој се целосно одродени, и кој нив ги родил за негова несреќа.

Тоа е тоа. Туку, покрај многуте варосани предавнички гробови што ги имаме (а нив ќе ги умножат утре и задутре и нашите идентитетски убијци), имаме за утеха и многу, до недоброј и светли гробови, херојски и духовни светилници за столетија и милениуми да ја осветлат темната светска ноќ што ја поклопила нивната татковина. Да. Само во новата епоха по Христа (да не одиме во антиката, од која некои наши недоносчиња имаат смртен страв) ги има колку сакаш. Некои меѓу нив, како што се солунските браќа Кирил и Методиј, а потоа и нивните славни ученици Климент и Наум, основачи на првиот универзитет во Европа, познат и како Охридска книжевна школа, ја распростираат својата духовна просветителска светлина многу пошироко од границите на Македонија, до Атлантски Океан на запад и до Петроград и Москва на север. Просветители, космополити и визионери од највисок духовен ранг. Оттаму да скокнеме директно во новото време: Гоце, Јане, Прличев, Миладиновци, Пулевски, Жинзифов, Мисирков, Рацин, Коневски… Низа што може да ја соберат само неколку дебели томови. А тука е, се разбира, и Димитрија Чуповски (Папрадиште 1878 – С. Петербург 1940), основач на славното Македонско научно-литературно друштво, уредник на весникот на руски јазик „Македонски глас“ и главен застапник за правата на Македонија и на Македонците пред големите европски сили во Париз и Лондон, како и пред Отоманската Империја. Личност од непроценлива вредност за македонизмот и македонската кауза, која сега ја крева во воздух за да ја спепели сегашната наша/ненаша квислиншка влада. Штом сме, пак, на теренот Чуповски, во 1990 година неговите посмртни останки, како гест на нашата свест и совест и како израз на благодарност се пренесени од С. Петербург во Скопје. Ако не се лажам, иницијативата за тоа е на МАНУ, чија претходница, камен-темелник е, имено, македонското научно-литературно другарство во Русија на Чуповски.

Но ме прашуваш сега, знам, драг читателу, зошто, како што е видливо, сега на некој начин го издвојувам гробот на овој наш маченик и великан. Оти величието како херојски чин секогаш оди рака/подрака со мартирството. Неодложно. Одговарам. Затоа што на гробиштата во Бутел тој гроб е страшно запуштен. Со години, кога одиме на гробишта јас и Фимка редовно го посетуваме тој гроб, ќе положиме некој цвет, ќе запалиме свеќа и тихо во себе ќе му се заблагодариме на великанот во него за сѐ што сторил за Македонија и Македонците, кои сега се под закана на апсолутна, страшна та престрашна идентитетска смрт. И сѐ заради она криминално НАТО што спепели и унесреќи, а тоа го и продолжува, цели невини народи, и ЕУ, која е и во физичко (брегзитот на Англија) и во целосно морално распаѓање. Во фаза на дури и нескриена обнова на Третиот рајх. Тоа што ѝ го прави таа сега на Македонија повеќе од јасно го дава на показ тоа.

Тоа. Јанѕа ме јаде кога го гледам така запуштен тој гроб на нашиот голем духовен светилник и борец, драг читателу. Буквите на мермерот одамна испопаѓале, па не може да му се прочита дури ни името, а гробницата е покриена со дебел слој нечистотија (нечистотијата на нашата свест и совест) и секогаш отпадоци. И сето тоа не можам поинаку да го именувам освен како национален срам. Македонски. Не знам дали некогаш се сетил да појде МАНУ таму, да го почести со внимание својот основач во далечниот С. Петербург. Верувам, според сликата на гробот и гробницата, не. Од таа наша, за жал, веќе до бескрај анемична и искомпромитирана институција изгледа, колку што знам, само Блаже Конески имаше свест и почит за гробовите од тој ранг. Чувствувајќи ја сеизмографски болно македонската историска рана, тој знаеше дека и гробовите се свети воини што водат битка за родот. Тие се во постојана борба со гробовите на непријателот, кои и од смртта со смрт нѐ напаѓаат нас. Во таа смисла и треба да се разберат неговите завршни стихови во диптихонската песна „Григор Прличев“, кои всушност во јас-форма ги изговара Вториот Омир како негово алтер его. Еве ги нив: „Ме гоневте рамнодушни и злобни -/ а сега дури и гробјата ваши/ пак ќе го гонат мојот суров гроб, / и вземи туѓ и притеснет ќе бидам / сè дур не дојде едно ново племе / што ќе ме сака и прославува.“
Да. Но ме прашуваш сега, драг читателу, дали тоа ново племе за кое станува збор е ова денешно, во денешната генерација, на што можеби мислел Прличев, а и Конески имплицитно. Категорично одговарам: Не е. Тој, пак, мој одговор, покрај другото, го илустрира и сликата на гробот на Чуповски во Бутел, од што може да се извлече конкретно и заклучокот: тешко си му на народ што има таква генерација како нашата сегашна.

И не знам дали ги оправдав насловот на оваа колумна пред тебе, драг читателу, и есенцијата поврзана со него. Се надевам дека успеав во тоа и дека ме сфати. Најсрдечно те поздравувам.