На трети јануари годинава, на невидливата темна страна на Месечината слета првото (кинеско) вселенско летало да „погледне“ во непристапното и темното.
Долу, Македонија зачекорува во темната страна на своето постоење, вгледана со божиќен спокој во неспокојната и неизвесна иднина.
Новогодишната апотеоза на лампионите и петардите заврши, како и лажниот сјај и шарениот огномет на небото, кој, како и оној во земјата (веќе полански) – изгоре брзо и со многу чад зад себе. Кај помладите и понаивните остави и чувство на изневереност од даровите.
Но такви се шарените случувања, наменети се да бидат спектакуларни, не да донесат спектакуларни дарови. Последниве се можни и поверојатни со една друга апотеоза, онаа на делникот (апотеозата накратко означува обожавање или доделување божествени својства на лица, предмети или појави), спротивна на онаа за дополнителни слободни денови, како привилегија за административниот сектор. За другите, односно за приватниот сектор, остана препораката, а таа знае да не се испочитува. Најпосле, само првиот е прв, а сите други се втори…
Вториве, пак, за разлика од првите, работеа на втори јануари, а некои работеа и за време на празникот што измина. Празниците се, имено, како палта со две лица, поточно различно ги носат различни лица, во зависност од тоа каде работат. Оваа необична, иако законски регулирана нееднаквост, е општо позната (и прифатена) како што е позната народната дека за секој еден во ладот на сенката, некој друг работи на сонце. Со смена на сезоните, народната е само навидум изменета, па, така, за секој еден на зимското сонце, некој некаде е принуден од животните околности да работи во некаква (неретко недоволно затоплена) „сенка“. Особено во светлина на празниците.
Верувам добро му се познати на читателот палтата со две лица, како и лицата. Некои од нив се секогаш тука, покрај рафтовите и зад касите во супермаркетите и во „пет до дванаесет“, за да ги услужат задоцнетите граѓани со празнични потреби. Униформирано облечени во празнични бои и со празнични насмевки, но без ведрина на лицата. Уморни лица. И не само од онаа страна на касата. Редици луѓе со преполни колички и износена ведрина го чекаат својот ред за наплата на световното. Сведоци сме на повторливо раѓање на еднодимензионалниот човек – потрошувач на Маркузе, „најдобриот“ можен човек за потрошувачкото општество, од двете страни на читачот на бар-кодови…
Но постои некое чуд(есн)но дополнување од двете страни на читачот, некаков непрочитан и премолчен код на споделено разбирање и нужност од онаа страна на материјалната потрошувачка, која не успева да ги задоволи човековите потреби и покрај сета празнична прекумерност. Отсуството на ведрина или, подобро речено, присуството на износена ведрина на лицата, сведочат за тоа. Исправете ме ако грешам, но веќе долго време имам непогрешливо чувство дека е многу поверојатно да се разминеш со човек со тон грижи одошто со грам ведрина на лицето. Новогодишните празници не се исклучок од оваа перцепција, напротив, само го нагласуваат тоа чувство. Го здебелуваат и прават повидливо.
А каков е тој празник без човечка ведрина и што впрочем празнуваме, почеток на помало зло или одложена (не)веројатност за подобро? Или фактот што како-така преживеавме и ја „надживеавме“ државноста и самоопределувањето? Што главата ни е сè уште на раменици, сеедно во песокот на Преспа(в)?
Можеби го славиме фантастичниот економски пораст од иднината, за кој многупати слушавме што веќе делумно се соживуваме со него, или, пак, подготвеноста за отворање на границите како авансна ода на радоста пред Европа без граници?
Само самоизмамата не познава граници. На ова ме потсети и коментарот на еден продавач на овошје на отворена тезга, кој премрзнат ми се пожали дека чека да падне снегот за да се покачат температурите и да стане студот поднослив. Тоа е таа наша самоизмама, помислив, редовно чекаме нешто да падне одгоре за да стане поподносливо овде долу. Температурите, пак, не зависат од снегот, туку снегот зависи од температурата и притисокот. Освен тоа, може да наврне само таму каде што нешто испарува. Ништо не произлегува ex-nihilo (од ништо).
Признавам, не сум љубител на јануари како најстуден месец во годината, а овој јануари ми е најнеомилен. Но не поради белите зимски „врагови“ и во нив истите трагови (како што пееше Балашевиќ во „Не волим јануар“), туку поради некои темни траги во снегот. Попусто е да му се лутиш на „врагот“ бил тој и белосветски, кога стапките во снегот се „наши“, домашни воспевачи на новиот светски Арес…
Во снегот има и други траги, како оние на децата од бадниковите поворки. Но ретки се трагите на возрасните пред Собранието, каде што се најпотребни и каде што тече последната фаза од промената на името. Со Василица веројатно ќе завршат и деновите на прекрстување.
Јануарските случувања, како и сè што претходеше од потпишувањето на спогодбата во Нивици за надминување на разликите за името до денес, сведочат дека сме претежно спектатори, дури и кога се работи за нешта што суштествено нè засегаат. Или особено тогаш.
Бидејќи е неверојатно слепилото на Самуиловите војници како трајно оштетување да трансцендира преку времето до нашиот поглед врз нештата, поверојатно е дека станува збор за слепо верување во божествената природа на ЕУ и НАТО, и тоа во време кога првата е среде еден од најсериозните потреси, а втората е сè помалку дискретна во милитаристичките „копнежи“. Овие апотеози секако не се трајни, но не и помалку трагични. Ќе нè чинат многу, ако не сè што имаме како држава.
Ако во најстудениот месец во годината (оттука и најведар) го немаме грамот ведрина на умот да согледаме дека паралелно со апотеозата на влезот во овие меѓународни институции по секоја цена се случува спротивното – „спуштање“ на возвишените нешта, како што е љубовта кон татковината, вистината и правдата во сферата на ефемерното и обичното, и се газат како непотребни и штетни во време на тешки одлуки, тогаш веројатно и Македонија ќе биде презгазена во овој јануарски снег во име на некоја „повисока“ припадност, вистина и правда, некогаш и негде… Но еднаш прегазениот (снег) не може да биде повторно бел, а кога-тогаш ќе настапи и принудно разведрување.
Симболично, првото дете родено годинава е именувано Ведран. Несомнено, за родителите неговите 3.920 грама се исто толку грама ведрина, како и за сите оние родени пред и потоа. Сакам да верувам дека е така секогаш и секаде. Проблемот е меѓутоа кога со растот на ведрината растат не само грижите, оние родителски и разбирливи грижи, туку и оние сè помалку разбирливи, а кои умеат како јануарски ветер да ја однесат ведрината од лицата. А насушна е таа ведрина, била и еден грам. Потрагата по неа се чини како потрага по светиот грал. За последниов се вели дека поседувал моќ да лекува болести. Истото тоа го мислам за оној грам ведрина на лицето и духот. Но нужна ни е и ведрината на умот, да го одвоиме бистрото од матното, за спас на државата.
Во меѓувреме траат подготовките за Василица. Се делкаат прачки од дрен со кои децата ги удираат постарите и болните (обичај познат како суровење), за да бидат сурови и здрави како прачките.
Којзнае, можеби еден ден генерацијата на Ведран (ако остане во Македонија) ќе ги заделка дреновите прачки за остарените северномакедонци, не за здравје, а за ненаучена лекција, иако ќе биде доцна – одамна се самопрогонети.
Авторот е магистер по мир и развој и поет