Дали заврши процесот на европското проширување? Без разлика на сите декларации, свечени изјави, повторување на ветувањата од Солунскиот самит на ЕУ од 2003 година, се чини дека процесот на европското проширување е влезен во ќор-сокак. Дилемите беа само продлабочени со процесот за промена на методологијата на преговарачкиот процес и групирањето на сегашните 35 поглавја во шест целини. Далеку најголем проблем, пак, се најавените задолжителни референдуми за секое идно проширување на ЕУ, и тоа во некои од стожерните земји-членки. Имајќи предвид дека проширувањето веќе одамна не е популарна политичка тема во земјите од Западна Европа, може само да се претпоставува каков би бил исходот на референдумот за проширување на ЕУ со Македонија или со Србија или со Албанија во која било земја од северозападна Европа.
Веројатно, од тие причини, произлезе и иницијативата за формирање „мал шенген“, која ја лансираа српскиот претседател Вучиќ и албанскиот премиер Рама (веднаш по една од колективните посети на балканските лидери на Париз и средбите со францускиот претседател Макрон), а во која влезе и Македонија. Нормално, ние влеговме во оваа нова интеграција без никаква внатрешна дебата и претпоставувам само за да покажеме дека ние не сме против ниту една идеја за балканска соработка. Навидум, никој нема ништо против да се создаде заеднички пазар на Балканот помеѓу Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово, како и да се воспостави балкански простор каде што целосно ќе важат четирите клучни принципи на заедничкиот европски пазар за слободно движење на граѓаните, стоките, услугите и капиталот. Една поширока балканска конкуренција ќе биде совршена да разбуди многу македонски институции и да ги размрда да пристапат кон реформи, како, на пример, универзитетите. Но и за македонското стопанство ќе биде значајна инјекција ако повторно се интегрира во дел од некогашниот југословенски пазар, проширен со Албанија, а да не зборуваме, пак, кои сѐ други поволности би можеле да излезат од една нова раздвиженост на сиот овој простор.
Меѓутоа, имајќи ги предвид историјата и географијата на Балканот, постои голем проблем во самото срце на „малиот шенген“. Тука геоекономијата лесно се претвора во геополитика и во геокултура. Имено, самата композиција на земјите што влегуваат во иницијативата заличува на обид за интегрално решавање на „српското прашање“ и на „албанското прашање“ на Балканот. Оттука произлегува и скепсата што постои за „малиот шенген“ во Сараево и во Подгорица, но и во многу кругови во Скопје (интересно е да се набљудуваат различниот приод и различните изјави околу овој проект на претседателот Пендаровски и на премиерот Заев). Стравот во Сараево, во Подгорица и во Скопје е дека релативизацијата на границите на Балканот, лесно може да заврши со кристализација на нови граници, врамени етнички. Впрочем, и во поранешна Југославија непостојните меѓурепублички граници се кристализираа во цврсти меѓудржавни граници. А посебен страв внесува и логиката на актуелните „нонпејпери“ што кружеа во последните неколку седмици, но и на претходните предлози на поранешни западни дипломати што служеле на Балканот, а чии гледишта за нови граници добија голема гласност пред неколку години. Свежи се сеќавањата на 1990-тите, но и на други балкански декади кога добрите идеи завршуваа со лични трагедии на илјадници балкански семејства.
Оттука, Македонија има клучна позиција во целиот проект и мора паметно да ја искористи својата позиција, со намера „малиот шенген“ да ја добие вистинската форма на искрена меѓудржавна соработка и да се тргнат сите дилеми за скриените намери и замислени сценарија. Имено, Македонија треба да побара јасна политичка декларација од Србија и од Албанија, потпишана од претседателот Вучиќ и од премиерот Рама, како клучни политички ликови во овие земји и најсилни политичари во тоа што се нарекува Западен Балкан. Со таа политичка декларација би се искажале јасните намери за создавање заеднички пазар и за олеснување на комуникацијата помеѓу граѓаните и општествата на Балканскиот Полуостров, со цврсти гаранции за неповредливоста на границите и со уште поцврсто откажување од какви било проекти за создавање етнички супердржави и прекројување на сегашните балкански граници. Ваквата декларација ќе овозможи Македонија да се претвори во главен промотор на иницијативата за „мал шенген“ помеѓу преостанатите сомничави партнери од Западен Балкан.
Впрочем, токму сега е идеалниот момент за ваков исчекор, кога отворената понуда на Србија за бесплатна вакцинација на сите балкански граѓани на своја територија создаде огромни вишоци на добра волја насекаде низ регионот.
Европската Унија наскоро ќе треба да даде конечен одговор дали е запрен процесот на проширувањето, дали е привремено паузиран или ЕУ веќе ги доби своите конечни граници. Независно од европскиот одговор, за Балканот ќе биде најдобро да одговори со заеднички балкански пазар, изграден на рамноправни основи, со загарантирани граници и со слободен проток на граѓаните, стоката, услугите и капиталот. Исмаил Кадаре во својата книга „Палатата на соништата“ убаво опиша колкава е моќта на обединетиот албански и словенски еп, испеан заеднички од албанските и од словенските гуслари. Доволно моќен да ја стресе и да ја фрли на колена тогашната моќна Отоманска Империја. Еве ја шансата повторно да ги наштимаме гуслите и да создадеме нов заеднички балкански еп, како најдобар одговор на колебливоста на ЕУ. Но тоа е можно само со искрен приод и со загарантирана иднина за секој народ и држава на Балканот, без да се стрепи од избувнување нови војни доколку некој во иднина повторно одлучи да ги кристализира релативизираните граници.