По неуспешниот обид да се слушне со Макрон, премиерот на Австралија, Скот Морисон, најверојатно во полесната варијанта за него, му „текстирал“ на Макрон дека Франција, за жал, ќе мора да прoголта голема „кнедла“ и да прифати дека го губи можеби договорот на столетието за неа. Овој тежок удар за Франција одекна со гневна дипломатска реакција, но и шок за многумина што површно ги следат односите не само на Пацификот туку и во сферата на геостратегиската компетиција, која се вжештува со енормна брзина. Ваквиот потег на САД некои го доживеаја како предавство. Други, пак, се обидоа да го доведат во контекст на аргументациите за губењето на стратегиската релевантност на Европа во политиката на САД. Некои, пак, имаа малку поинаква перспектива за сѐ што навистина значи овој потег. Иако како на шаховска партија, ваквиот потег најверојатно допрва ќе се анализира, едно за нас е јасно, деновите на комодитет и предвидливост потопена во доминацијата на либералниот свет по Студената војна се минато. Големата стратегиска игра одамна е почната, а креативноста и надмудрувањата допрва ќе бидат предмет на анализа, но и клучни во стратегиското позиционирање за егзистенцијално опстојување. Накратко, договорот познат како АУКУС (од 15 септември оваа година) е многу повеќе од сите еднострани анализи во стратегиска, дипломатска, економска и, секако, воена смисла.
За Австралија, овој договор е ризик што мораше да биде донесен под пресија на времето и развојот на настаните. Иако по доаѓањето на премиерската функција пред две години Морисон декларираше стратегиски баланс, развојот на Кина и нејзините амбиции (особено во проектирањето економска и воена рамка) ја втурна Австралија да реши дали ќе остане изолирана и жртва на амбициите на Кина или ќе бара спас во прегратките на САД и ВБ. Да бидеме начисто, овој потег не е без цена по Австралија.
Прво, тој е многу скап и генерации австралиски државјани ќе треба да го отплаќаат. Второ, некои од аналитичарите веќе побрзаа да заклучат дека Франција нема да остане должна за ова „предавство“ и ќе влијае преку ЕУ на трговската размена. Сепак, ако од либералната матрица влеземе во геостратегиската, ќе биде јасно дека водството на Австралија само покажа прагматичност за неколку работи. Прво, мирот и безбедноста на граѓаните денес се скапа работа. Второ, во време на геостратегиска компетиција, класичните економски матрици не важат (безбедноста не е кочница или чист трошок, таа е влог). Трето, договорот за подморниците, значи добивање пристап до класифициран арсенал, кој не му е достапен секому, а со тоа и до стратегиско партнерство, кое колку и да е водено од интереси, во наредните барем дваесетина години (освен ако, не дај боже, не експлодира целата ситуација) ќе трае. Само колку за споредба, Австралија е втората држава по Британија од 1958 г. што ќе добие пристап до класифицирано нуклеарно оружје (нешто што САД себично го чуваат). Да, точно е дека Австралија ќе мора да излезе од комодитетот на стратегиската неутралност (и за разлика од Нов Зеланд, кој барем засега нема да дозволи нуклеарните подморници да пловат во овие води) и да учествува активно во воен конфликт, ако има потреба за тоа. Ама, точно е и дека Австралија добива ексклузивитет, во согласност со договорот до најновите достигања во примената на вештачката интелегенција и до друга современа технологија. Од друга страна, ако избие конфликт, територијалните води, па и копното на Австралија, секако ќе бидат место за маневар и судир. Водството во Австралија покажа дека во време на стратегиска компетиција, дипломатијата мора да биде проактивна и базирана на преземање калкулиран ризик. Не на намалување и избегнување ризик. Конечно, Австралија веќе значително ги има нарушено односите со Кина, која воведе ефективни санкции во поглед на јагленот, говедското месо и други производи што се дефицитарни за неа.
За САД и ВБ, овој договор, освен економска, има огромна стратегиска, дипломатска и оперативно-воена смисла. За ВБ, договорот е враќање на релевантноста, која на внатрешен план е значително поткопана. За САД, накратко, овој договор е дипломатска порака за Јапонија и Јужна Кореја дека САД ќе останат во регионот, и тоа посветени (дилема за која по Крим сериозно се дебатира во тој дел од светот). Стратегиски, договорот е значаен бидејќи е дел од политиката на демократите во САД (да се дејствува и чува демократијата преку партнери), но и бидејќи на САД нужно им требаат посветени сојузници за да може да ја задржат глобалната релевантност. Ако со Кина каде било во светот може да играат на картата на сила, во овој дел тоа не е така. Прво, поради тоа што тоа е егзистенцијално за Кина (сфера на непосреден интерес). Второ, поради тоа што во минатосептемврискиот извештај на Министерството за одбрана на САД излегоа податоци според кои Кина ја има најголемата морнарица во светот мерено според број на борбени пловни средства. Кина, во 2019 година, според овој извештај, подигнала флота од 350 брода, што е значително повеќе од 239-те оперативни брода на САД. Иако бродовите на САД се поголеми, Кина напредна и во военото воздухопловство и авијацијата за морнарицата, особено во развојот на носачи на авиони. Дополнително, Кина разви и нуклеарни подморници како засилување на арсеналот. Сепак, најсериозно од сѐ е стратегиското позиционирање, кое латентно Кина го направи во тој дел од светот многу слично како потегот на Путин со Крим, кој во многу анализи е превиден. Имено, каква било технолошка надмоќ е значително условена од просторот на кој таа технологија е распоредена. Тоа на кинеската воена мудрост ѝ е мошне јасно, поради што запоседна значителен број острови што даваат маневарска супериорност во поморската компетиција. Токму тоа е и стравот кај поморските стратези на САД, кои укажуваат дека помалите пловни средства на Кина се поагилни и одговараат на целокупната доктрина што ја развива Пекинг, со што предничат во стратегиската компетиција во тој дел од светот.
Но има едно големо „но“ во сето ова. Со овој договор САД анулираат, барем засега, многу. Нуклеарните подморници немаат оперативни ограничувања како дизел-подморниците (оние што ги нудеше Франција), кои мораат да излегуваат на површината и со тоа да го скратат оперативниот радиус на притаено дејствување. Тоа за Кина е удар, бидејќи тешки за детекција нуклеарните подморници ќе им овозможат на САД продолжена рака на длабоко пенетрирање во кинеската одбрана и, најважно од сѐ, собирање информации нарушувајќи ја оперативната безбедност на Кинезите (нешто што Кина го имаше како оперативна и тактичка предност).
Конечно, поради просторот што го имаме за анализа, каде се Европа и Франција во сето ова. Оние што се антиамерикански расположени секако дека ќе сакаат да поентираат дека САД само ја потврдуваат тезата дека нема вечни пријателства туку има вечни интереси. Ова можеби е уште една шлаканица за Европа да се освести за геостратегиските калкулации што ги надминуваат ситните внатрешни интереси на одделни земји-членки што ја кочат Унијата и ја втурнуваат во билатерални проблеми, замаглувајќи ја големата слика. Германија ќе продолжи да притиска за европска стратегиска независност, но овој потег не ја затега многу, особено што планот на Макрон за воена доминација во Унијата на сметка на големите долгови уште во времето на Меркел не беше прифатен (по што следуваше и криза, а и ние си го добивме со француското не).
За Франција, пак, ова има негативни консеквенции секако, особено за Макрон. Најверојатно тоа е и дел од калкулацијата на администрацијата на Бајден, знаејќи дека Макрон ќе се подготвува за избори, а овој договор, иако е првичен удар за него, гледано перспективно, му нуди сериозна заштита. Имено, Франција исто така е засегната од Кина, особено поради идеолошката различност, но и поради територијалните интереси што Франција ги има во тој дел од светот, каде што треба да заштити околу 1,6 милион свои граѓани и три четвртини од ексклузивната економска зона што се дел од индопацифичката стратегија на Макрон. Кина има поинаква филозофија за пазарот, а и доколку сака да биде хегемон, што било друго во тој контекст е ирелевантно – тоа се нејзини интереси. Сепак, се чини дека Франција, освен дипломатско „претање и кревање прашина“, нема суштински интерес за ескалирање на односите со САД, ВБ и Австралија (уште една калкулација што администрацијата на Бајден ја имала предвид), особено поради индопацифичката стратегија на Макрон. За да опстои оваа стратегија, на Макрон му е потребна Австралија.
За нас, пак, можеби ова е само добра претстава, но некои и ќе препознаат добра лекција, дека геостратегијата има поинакви параметри за пресметка и дека дипломатија не се води со емоции, а најмалку стихијно и паушално, туку со разум и јасно дефинирани национални интереси.
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.