Македонија не е само заробена држава. За жал, Македонија е и одметната држава, меѓународен пират кој што дрско ги нарушува правилата на меѓународниот поредок и, воопшто, нормите на пристојно меѓудржавно однесување кои што го овозможуваат мирољубивото функционирање на светот
Постојат моменти во историјата кога грдата слика на еден режим јасно се кристализира пред целиот народ. Скандалот со летечките дипломати кристално чисто го отслика сиот гнилеж на „Северна…“.
Вакво темелно подривање на сите институции во една држава не е возможно без директно учество и без јасно дадена согласност на највисоките должносници во земјата. Безумната дрскост воопшто да се влезе во една ваква авантура со несогледливи последици многу зборува за тоа кој владее со Македонија. Паничните, пак, обиди за одбрана и префрлање на вината на друго место само потврдуваат дека којзнае уште колку чудесии ќе излезат само од овој скандал. Македонија не е само заробена држава. За жал, Македонија е и одметната држава, меѓународен пират што дрско ги нарушува правилата на меѓународниот поредок и, воопшто, нормите на пристојно меѓудржавно однесување што го овозможуваат мирољубивото функционирање на светот.
Но да појдеме од почеток. Според власта и нејзините апологети, тројцата дипломати од Македонија биле исконтактирани од некој домашен или странски неранимајко, со понуда за нејзина или негова евакуација од Ереван, во замена за некаква противуслуга (веројатно куферче со пари или можеби трансакција со дигитални биткоини). Дипломатската тројка потоа заседавала и одлучила самоиницијативно да влезе во авантурата. Прво направиле подготовки во Македонија и изготвиле лажен пасош со туѓо име за личноста што требало да ја извлечат од Ерменија. Потоа зеле аванс, со кој платиле приватен авион да ги однесе од Белград до Ереван и на враќање да ги истовари во Виена. Нормално, по успешно завршената операција тие уживале во „плодовите“ на својот „труд“, но единствена грешка им била тоа што Ерменија повела истрага, па целата високооктанска авантура завршила на Табановце, односно во притворното одделение на судот во Врање. Вакво сценарио нема да помине ни во најнискобуџетната светска филмска продукција, а ни во најнеугледната издавачка куќа за евтини шпионски трилери затоа што дупките во заплетот се и повеќе од очигледни.
Далеку поверојатно е сценариото дека постои директен и јасен канал од сите можни светски пробисвети до самиот врв на македонската држава. Таму се договараат видот на услугите, нивната цена и начинот на плаќањето, а потоа сето тоа оперативно и технички се спроведува низ институциите на системот, преку мрежа на коруптивни функционери и службеници, а во овој скандал своја ролја имале и Илинденска бб и МНР и МВР и целата македонска разузнавачка заедница. Сосема е небитно дали во овие дејанија се замешани и некои други меѓународни фактори со нивните темни служби. Тие си ги спроведуваат националните интереси на своите земји и секогаш се во потрага по „корисни идиоти“. Не попусто Старите Римјани рекле дека „тоа што му личи на Јупитер, не му личи на еден обичен вол“. Дури и да одработувале за некој трет, во што се сомневам, одлуката да си ги злоупотребуваат и да ги проституираат институциите на сопствената држава е исклучиво суверена одлука на актуелната македонска власт. Оттука, на нивни плеќи ќе паднат и сите последици од политичката одговорност за нарушувањето на угледот на земјата во меѓународната заедница, преку кршењето на меѓународното право со газењето на сите одредби на Виенските конвенции за дипломатската служба, па сè до кривичната одговорност за злосторничкото здружување за злоупотреба на должноста.
Исто така, сево ова укажува кој владее со Македонија, од најнискиот именуван функционер на актуелната, па сè до самиот врв на Владата. Да, постојат и марионети што номинално се начело на некои институции, а притоа дозволуваат некои други ликови фактички да владеат со ресорот. Но тие не се амнестирани од одговорноста затоа што активно учествуваат со своето нечинење во ова комплетно дерогирање на македонската држава и совршено им е јасно што се случува. Да не заборавам… Секако дека и тарифата за наплата на овие услуги е највисока на Илинденска бб, а потоа каскадно се намалува до самите извршители.
Другиот аспект на оваа афера се дрскоста и аздисаноста на актуелната врхушка. Во кратката историја на македонската држава секако дека понуди за влез во безумни авантури доаѓале од сите можни мрачни адреси и белосветски мешетари и до Глигоров, Кљусев, Црвенковски, Иванов и Груевски, но нормално дека ништо од тоа не било прифатено или, не дај боже, спроведено. Досегашните македонски претседатели и премиери, со сите свои заблуди и грешки, сепак имале јасна слика за положбата на Македонија во светот, за кревкоста на малите држави и за потребата од заштита на нашите домашни институции. Тие, исто така, добро знаеле колку тешко се гради меѓународниот углед на земјата и колку брзо се губат сиот кредит и образ на една држава.
Ништо од тоа не важи за актуелната врхушка. Тие полетаа на крилата на поддршката од дел од меѓународната заедница за промена на историското име на македонската држава и наметнување на „Северна…“ и се подзанесоа дека никој ништо не им може ни дома ни надвор, па влегоа во овој хибрис. Скандалот со летечките дипломати е само еден мал дел од сиот гнилеж на „Северна…“. Допрва ќе откриваме каде сè не заталкале и не зацапале во својата разузданост.
На Македонија ѝ претстои долга работа на обнова на демократијата, повторна изградба на институциите и обнова на сувереноста. За жал, македонската дипломатија претрпи најсериозен удар со оваа афера. Министерството за надворешни работи на Република Македонија треба да биде конзервативен чувар на меморијата на македонскиот народ и на македонската држава, институција каде што се чува пламенот на македонската државност и каде што се бранат македонските национални и државни интереси. Секој македонскиот дипломат во секој момент од своето службување е најкристализиран бранител на македонската сувереност. Затоа се толку болни сите грешки, пропусти и афери во македонската дипломатија и затоа предизвикуваат толку внимание во македонската јавност. Скандалот со летечките дипломати ја прикажа бедата на македонската дипломатија, но расчистувањето на гнилежот на „Северна…“ ќе го врати сјајот на македонската дипломатија и ќе ги ослободи квалитетните македонски дипломати повторно да си ја вршат со гордост својата улога во македонскиот институционален систем. Време е да ја вратиме пристојноста во Македонија, како во нашата домашна политика така и во македонската надворешна политика.