Не е лесно да се менаџира држава во ваква ситуација. Но не е лесно да се управува авион во невреме. Колку пилотите би посакале со закон да се забранат турбуленциите и невремето што надоаѓа. Одете забранете му на ветрот да дува, или на народот да говори. Но ваква реформска влада го може неможното. Кога можеше да го смени името на државата, зашто не би ги забранила протестите
Веќе немам дилеми. Ова е најреформаторската влада од осамостојувањето на Македонија. Нема што не реформира. Го реформира принципот на коалицирање по изборите. Нема веќе мајски или какви било други договори на победниците по изборите. Има само постизборен политички пазар. Го реформира името на државата. Договорот што го реформира името велат е толку „голем“, поголем не може да биде, што не мора да жалиме што го променивме името на нашата држава. Исто така, оваа влада го реформира и референдумот. Па, така, демократски е да се одржи референдум, како што е „демократски“, според Владата, резултатите од него да не бидат почитувани и да ѝ се дозволи самата таа да одлучи по политичкото прашање што било предмет на истиот тој. Владата е на „прав пат“ да ги реформира историјата и нашата колективна меморија. Исто онака како што успешно ни ги реформира нацијата и јазикот. Особено јазикот, кој полека но сигурно ни го реформира унитарниот карактер на државата. Оваа влада е на прав пат да го достигне комунистичкиот модел на држава во одумирање.
Но, сепак, реформа над реформите е реформата на демократијата во Македонија. По безмалку три децении, оваа влада сфати дека стагнацијата и еродирањето на демократијата во Македонија ќе се запрат ако го ограничи правото на протест. Очигледно визијата на оваа власт, која не можеме да ја согледаме ние обичните смртници, оди надвор од границите на владеењето на правото и човековите права. По 13 години ни се нуди истиот мртвороден модел на ограничување на правото на протест. Каква креативност во толкувањето на уставно загарантираното право. И од кого, ако не од истата политичка гарнитура. Човек просто да не поверува во менталниот континуитет на власта. Со оној од 2006-та. Она што ни се случува сега, во контекст на протестот, е реминисценција на интелектуалната замка, во која вообичаено запаѓаме секогаш кога ќе помислиме дека одредени прашања од нашиот демократски развој сме ги апсолвирале. Оваа власт знае брутално да нѐ разубеди. Одново и одново да се враќаме на почеток, без завршница во реформирање на демократските вредности.
Очигледно лекцијата не е научена во 2006 години, а бидејќи никој не слуша, ние мора да продолжиме да се навраќаме и да започнеме повторно да објаснуваме. Ако Законот за јавни собири е вратен на доработка, а не повлечен под притисок на јавноста, тоа значи дека Владата не сфатила дека правото на собирање и протест има историска улога во остварување на демократијата. Владата и подготвувачот на законот би требало да знаат дека кога се обидувате да го криминализирате правото на протест, сами влегувате во криминал. Така велат Англичаните. Ама тие излегуваат од ЕУ, па можеби не се повеќе добар модел за демократија како порано.
Ај што власта предлагајќи ваков закон не гледа во јавната политичка активност на своите граѓани корисен придонес во одржувањето на здрав демократски амбиент во државата, туку манифестира крајно непочитување на принципот на владеење на правото, преку кршење на Уставот. Кога Уставот на една држава ќе го направите „пачавра“, зошто да го почитувате. Плус, ако Уставниот суд не се меша во својата работа, Уставот станува растеглив како гумарабика. Па, наместо од највисок правен акт, во државата се трансформира во обичен политички памфлет. Кога со закон ќе менувате устав, креирате нов тренд во разбирањето на концептот на владеење на правото. Со ваква реформска влада сѐ е можно. Тоа што ние не го разбираме овој тренд во правото е наш проблем.
Очигледно оваа политичка гарнитура, како и онаа во 2006-та, не може да сфати дека правото на мирно собирање и протест е тест за степенот на демократијата што се гради во државата и слика за вредносниот став што општеството го има за различните видови слободи. Исто така, ова право е меѓник помеѓу либералните демократии и тоталитарните режими. Затоа кога некој го употребува зборот „режим“, би било убаво да ја знае содржинската рамка на поимот. А не низ празна реторика да ја потврди својата политичка миопија.
Точно е дека колку и да се протестите моќно средство во испорачување на правдата во општеството, во домовите на политичарите и бирократите, толку се и контроверзни во поглед на формата низ која се презентира содржината на порака на протестот. Како ниедна друга слобода правото на протест има одредена цена што власта не секогаш е подготвена да ја плати. И да бидам реален. Задача на правото е да одлучи дали интересот на општеството да биде ослободено од несакано убедување и ред треба да превагне над интересот за слободно изразување на мислењето и убедувањето на другите во исправноста на таквото мислење. За оваа политичка гарнитура немам дилема. За неа секој друг интерес е поважен од слободата на протест, иако оваа слобода е со многу висок вредносен атрибут во корпусот на правата и слободите.
Како човек што смета дека власта е во функција на операционализација на демократските принципи во градењето на државата, секогаш ќе застанувам зад правото на протест како есенција на демократијата, нешто што оваа политичка гарнитура на мутирани комунисти не може да го разбере. Без оглед дали се согласувам или не со содржината на пораката на протестот и начинот на кој таа е пренесена до граѓаните, сепак ќе прифатам дека тоа е гласот на народот (па макар бил и од еден граѓани) што очекува да биде слушнат. Оној вокс попули уште од римската држава не смее да се претвори во вокс кламантис ин дезерто (глас на очајник во пустина). Она што го посакува оваа влада.
Ги разбирам нервозата кај власта во поглед на протестите и обидот низ нив да се сврти вниманието на јавноста во „успешноста“ на реформите што ги направи во последниве три години. Не е лесно да се менаџира држава во ваква ситуација. Но не е лесно да се управува авион во невреме. Колку пилотите би посакале со закон да се забранат турбуленциите и невремето што надоаѓа. Одете забранете му на ветрот да дува, или на народот да говори. Но ваква реформска влада го може неможното. Кога можеше да го смени името на државата, зашто не би ги забранила протестите. Гледам добро ѝ одат реформите на демократијата во Македонија. Кој ќе остане по реформите, ќе има што да раскажува.
Авторот е универзитетски професор