Прва слика
Македонците организирани во друштвото „Гоце Делчев“ во Љубљана, Република Словенија, повеќето се вевчанци, стружани. Тие, со нашиот академски и соло-трубач, поет и сликар Љубен Димкароски, прилепчанец, ја организираа промоцијата на книгите: „Воскресение“, „Свети отец Прохор Пчински“ и „Прогонети“. Промоцијата се одржа во „Љубљанскиот музички конзерваториум“ на Академијата за музика во Љубљана пред нашите Македонци и Словенци. Присутен беше амбасадорот проф. д-р Димитар Мирчев. Амбасадорот Мирчев ја претставува Република Македонија во Ватикан. Промоцијата се одржа во 18 часот, на 26 октомври 1996 година. Промотори беа протоѓаконот Александар Цандовски и актерката Валентина Божиновска.
По промоцијата сите заедно бевме со амбасадорот Мирчев на концертот на народната пејачка Петранка Костадинова, кој се одржуваше истата вечер. Два дена пред тоа, на 24 октомври, Љубен Димкароски со посвета ми ја подари македонската народна песнарка „Македонски бисери“, издадена од него во Љубљана 1993 година. Тој е член на операта и балетот при „Словенско народно гледалишче“ во Љубљана. Во Анкона, Италија, Димкароски беше награден со светска награда – втор светски соло-трубач, во 1979 година. Тој е хорски диригент, ги основа оркестарот „Струга“ и вокалниот квартет „Пела“ во 2004 година. Квартетот негува стари македонски и словенечки песни. Во воведот на песнарката авторот Димкароски ќе остави завет за македонските генерации: „Целта на оваа песнарка е да ја сочува народната песна и да го продолжи животниот век. Овој мал ’прирачник’ исполнет со македонски бисери, нека биде сопатник во вашиот живот.“ За да го испочитувам аманетот на македонскиот музички и поетски подвижник Димкароски, кој ме ословуваше со „брат Ставре“, што ми е драго, ќе цитирам понекоја строфа од патриотските песни од нашиот македонски народ запишани во „Македонски бисери“.
Во песната „Болен ми лежи Миле Поп-Орданов“, во последната строфа, се вели: „Неговата мајка в црно облечена, свадба ќе прави, сина ќе жени, за Македонија“. Втората песна, „Кога падна на Пирина“, во првата и втората строфа пее: „Ранет Јане Сандански, долетаа три сокола и на Јане збореа: ’Ајде Јане со нас појди, ние лек ќе најдеме. Мајка Македонија, за таков јунак лек ќе најде. Први сокол ќе те носи долу крај Вардарот. Втори сокол ќе те носи дур, на Белото море. Трети сокол ќе те носи горе, в Пирин планина. Белким ти ќе оздравиш, Македонија да ослободиш’“. Во третата песна, насловена „Многу крвја, многу солзи“, народот испеал: „Во 1903-та година, се создаде Република, во славно Крушево, македонска република, прва на Балканот. Претседател прв ми беше тој Никола Карев, со македонски војводи, сите Илинденци. Даме Груев, Питу Гули и Јане Сандански“.
Не пречи да кажам дека по покана од државната обвинителка Зденка Церар, сопруга на светскиот гимнастичар Мирослав Церар, бев во официјална посета како државен обвинител во Љубљана, пролетта 1999 година. Нивниот син Миро Церар подоцна ќе стане премиер и министер на Република Словенија. На аеродром ме пречека Мирослав Церар. Заминавме во хотелот „Унион“ во центарот на Љубљана. Во текот на целото време на службената посета од нашата амбасада никој не дојде да ме види. Од политичкиот табор на СДСМ беа службениците во амбасадата. Тоа е политичката опачина на лицето на нашата македонска државна политика. Имав протоколарна средба со претседателот на државата, Милан Кучан, министрите за правда и за внатрешни работи, како и со претседателот на Врховниот суд. Разговаравме како се опстанува во опкружувањата на двата народа: македонскиот и словенечкиот. Имено, тие ми рекоа дека меѓу две историски империјални држави и народи, Италија и Австрија, формула за опстанок се само дисциплина со работа, силна конкурентна економија, култура, правна држава и постојана културна врска со нивните малцинства во тие земји. Ја искористив можноста и го посетив спомен-домот на поетот Франце Прешерн. Тие денови се сретнав со Димкароски и со нашите во Порторож и во питорескниот Пиран.
Втора слика
Д-р Робер Бадентер со арбитражната комисија даде мислење дека Република Словенија и Република Македонија ги задоволуваат условите за признавање како нови држави, на 11 јануари 1992 година. Кај нас политичарите, пратениците „заробени“ во политички интриги и криминални афери, без патриотски дух и достоинство кон македонскиот народ и иднината на македонската држава. Дојдовме до дереџе однатре „петтоколонаши“ да нѐ обезличат, да ни го сменат противуставно името Република Македонија. Македонскиот народ и држава во овие години и во иднина се закачени на стрелките на историскиот часовник, кој ни одбројува и нѐ враќа назад во минатото. Гласот на Македонците е подостоинствен во странство отколку во татковината. Сега Република Словенија е членка на НАТО и на ЕУ, а нашата држава Македонија е членка на НАТО со скроено ново уставно име и во преговори за ЕУ со квалифициран услов на Република Бугарија. Република Бугарија безусловно бара да се откажеме од илинденска Македонија, од македонските преродбеници, револуционери, комити, пред асномска Македонија. Македонците треба да бидат без историско паметење во ЕУ. Ете, на кое политичко и историско „губилиште“ нѐ водат сегашните политичари, каде што неодминлив централен негативен лик е министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на европската сцена.