Гилотината, значи, е направа што не сече ни раце, ни нозе туку само глави, најдрагоценото нешто што го создал Господ. Да. Таа е генијално замислена, но има една тешка мана, имено, да ги сече понекогаш и главите на тие што господарат со неа, како што се случи во Револуцијата тоа и со еден од нејзините корифеи, сурово праведниот Робеспиер
Гилотината на референдумот за Името, или референдумот како гилотина. Сеедно. Темата на нашата денешна колумна, драг читателу. Ќе зборуваме нешто за тоа без разлика што сме глас во пустина, како оној на Јован Крстител, кој викаше низ пустината најавувајќи го Спасителот, но затнатите уши на Ирод и иродовци не го слушаа. На крајот знаеме како заврши главата на авангардниот светец. Во чинијата на перфидната поќерка на еврејскиот цар, која екстатично танцуваше со неа на гозбата на нејзиниот очув. Јас еднаш, по аналогија на она што ни се случува, ја препознав библиската Саломе во бриселска ЕУ, а пресечената глава на Јован Претеча (најголемиот по Исус, кој и го крсти него во Јордан) ја препознав како главата на Македонија и Македонците. И тука ништо не е претерано. Аналогиите се безмилосно прецизни. Фасцинантно. Оти и Името на еден народ не е ништо друго туку неговата глава без која тој е мртов. А ние Македонците, неодродени од родот како оние во сегашната власт, сѐ уште во јанѕа се прашуваме дали таа ни стои врз рамената, или веќе пресечена се тркала во калта на оваа валкана цивилизација со атрибут Западна. Или сепак треба да го почекаме најавениот референдум за конечно да се увериме во усекованието што ни го приредија Брисел и Вашингтон.
Да, драг читателу, оти главата е врвниот изум на Господ, и кај човекот и кај животните. Оти нешто без глава е како црква без централното кубе во кое е сместен Седржителот, темелот на вселената и создавањето. Затоа што тоа кубе е не само врз туку и основа на храмот, која разбирливо, е во Небото. Тоа е тоа, па и оваа аналогија е во контекст на сегашната наша судбина на обезглавување. Страшно. И сѐ е перфидно подготвено од возгордеаната либералкапиталистичка западна цивилизација. Таа, која и по двете крвави светски војни не излегла сѐ уште од своето морално и душевно помрачение. Ние Македонците сега него најубаво го чувствуваме. Веројатно и Блаже Конески, најсензибилниот сеизмограф на македонската судбина, за разлика од нашите сегашни академици, бил мачен од таа цивилизациска мора, па го дефинирал својот народ со синтагмата „столчено племе“ самиот боледувајќи ја неговата неопфатна историска рана. Поет-пророк, всушност тој и ја претчувствуваше трагедијата што ќе ни се случи кога многу порано пред да тргне во полн погон катастрофата велеше: „Големо ни е името, ќе посегнат да ни го земат“. Оти не беше фарисеј, ни како Камбовски, ни како Фити, ни како… Така, иако веројатно не очекувал во неговата кражба од страна на Грците беневолентно да учествува и човекот од Муртино, со неговата квислиншка влада и коалициски пратеници. А може и знаел, но го задушувал крикот во себе.
Тоа, драг читателу. И мене постојано ме укоруваат некои пријатели дека премногу сум врескал за Името. Во секоја моја колумна. И сега. Друга работа е пак што тие наместо да врескаат, оти и тоа е некаков отпор против тоа што ни се случува, мудруваат, интелектуализираат. Добро, ама сега не е згодно време за мудрување. Па, нели и Лао Це и Конфуциј и кога мудруваа не беа целосно одвоени од судбината на Кина. Напротив, во извесни мигови тие неа драматично ја промислуваа. Да туку работата е во тоа, драг читателу, што тие што ме советуваат да не врескам многу не прават никаква разлика меѓу поимите врескање и крик. Или тие, едноставно, го имаат доживеано само врескањето, но не и крикот, кој визуелно генијално го изразил на платно норвешкиот експресионист Едвард Мунк, кому како што самиот запишал во животот постојани гости му биле црните ангели на смртта. Како и на Македонија, се разбира. Тие што ме укоруваат за врескање не прават разлика меѓу хистерична емоција (врескање) и крик (автентичен говор на рана и болка на битието).
Тоа е тоа, Оти додека ние мудруваме, драг читателу, Саломе (Европа) се подготвува да го одигра завршниот танц со пресечената глава (Името) на Македонија во нејзината чинија на екстатичната гозба на голем број европски, вашингтонски и балкански сеништа на смртта, собрани како мувите од кои е составена ламјата со која се бори убавиот Светец во цревата и анусот на Ирод до еден.
Туку, не сме се оддалечиле. Сега за гилотината на референдумот што ни го подготвува најекспонираниот во мигот европски и светски лидер Зоран Заев. За Името објаснивме со јасни метафори и аналогии што значи: главата на колективот и на секој негов поединец, или централното кубе на храмот во кое се наоѓа Седржателот, нашиот Создател Господ Бог. Јасно! Но разбирливо ми бараш, драг читателу, објаснение за гилотината. Што чудо е тоа. Е, баш е чудо. Тоа е еден од најгенијалните демократски изуми на Француската револуција. Без него којзнае и дали ќе успееше таа и дали воопшто француските енциклопедисти (Волтер, Дидро, Даламбер и другите) ќе го оствареа проектот на западното просветителство. Е, со тој изум, со гилотината и се прослави нејзиниот изумител, доктор по професија, месје Гилотен, според кој е именувана таа. Тоа е направа за ефикасно, молскавично сечење глави, нешто што според месје Гилотен е малку болно, дури и безболно за декапитулираната жртва. Тука е францускиот хуманизам на дело. Благодарение на таа ефикасна направа и заврши Француската револуција во 19 век со цели огромни ридови од пресечени глави на противниците на Револуцијата и реки од крв низ париските булевари. Тоа се случи, пак, цели осум столетија пред доаѓањето на апостол Павле во Македонија од каде тој ѝ се обрати на Европа со Словото на Љубовта, но таа него го злоупотреби во колонијалистички и воени цели, па во тој контекст и воопшто не е инцидентен страшниот изум на месје Гилотен, која се изедначи во славата со Корнеј, Расин, Наполеон, Бодлер…
Тоа, драг читателу. Гилотината, значи, е направа што не сече ни раце, ни нозе, туку само глави, најдрагоценото нешто што го создал Господ. Да. Таа е генијално замислена, но има една тешка мана, имено, да ги сече понекогаш и главите на тие што господарат со неа, како што се случи во Револуцијата тоа и со еден од нејзините корифеи, сурово праведниот Робеспиер. Денес, пак, нашиот македонски револуционерен Робеспиер се вика Зоран Заев, но некако темно ни свети таа негова зора што го носи ноќното сонце под мишка. Не знам дали тој се запрашал дали изумот на францускиот лекар можеби не го демне во овие „револуционерни“ настани кај нас и неговиот врат.
Но да не должиме. Тука, како што гледаш драг читателу, не станува збор за мечот на Шахријар што виси над вратот на Шехерезада, која мора секоја ноќ да измислува долги приказни за да си ја зачува главата од суровиот господар, кој сепак на крајот на краиштата бидува совладан од магиската уметност на раскажувањето. Да, ама гилотината на евроатлантските сатрапи на смртта и на Заев, неговата квислиншка влада и коалициски пратеници над главата на македонскиот народ немаат уметнички сензибилитет. Нив не ги фаќа како Шахријар магијата на духовната и креативната Убавина, која, како што велеше Достоевски, е способна да го спаси светот. Тие се оперирани од тоа, и нивните сетила се во цревата и малку подолу, а не во срцето и во умот. И токму затоа е смртно опасна ситуацијата. Гилотината со договорот меѓу Грците и „непознатата страна“ е гилотината што виси на штрек над македонската колективна, идентитетска глава. Референдумот е сигналот таа да се спушти молскавично врз неа и да ја пресече. Да. И паѓа и врз нас и секаде простор-времето општ мрак како оној точно напладне на Голгота врз распнатиот Исус што траеше три часа. Го гледам сега тој општ вселенски мрак, драг читателу, светската ноќ, како што би рекол Хајдегер по повод поезијата на Хелдерлин. Тој мрак страшно ги притиснал Македонија и Македонците.
Сепак во него во еден бескрајно далечен ќош на мрачната вселена гледам и едно мало осветлено со тенок лак прозорче. Знам тоа е прозорецот од собата на Бог, во зафрлениот простор на вселената, која, како што констатира и Ајнштајн, безмилосно се шири. И трепка како нежна искра тоа прозорче, драг читателу, а мачна Македонија жедна за светлина ги протега молитвено рацете кон него. Арно, ама сега засега Бог, можеби како Њутн замислен над базичните закони на физиката и метафизиката на постоењето не ги подава рацете за спас, а Македонецот како Исус на крстот слови во јанѕа: „Боже, Боже зошто ме остави?“ На радост на душманите.
Да. Ама јас сепак мислам дека Господ не нѐ напуштил, драг читателу. Тој има план за Македонија и за Македонците, кои заедно со неговиот наревносен апостол Павле ѝ го, рековме, испратија словото на Радосната Вест и Љубовта на Вавилонската Дама Европа што ни ја подготвила со Заев референдумската гилотина како завршен смртоносен идентитетски удар. За жал, пак, на тој крвав референдум излегува и „патриотската“ ДПМНЕ (нека конечно не го валка акронимот ВМРО). А ние „Македонски манифест“ неколкупати нив ги повикувавме да се откажат од тој пилатовски проект, самите Пилати. Но залудно. Оти е навистина безумно, шизофрено да ставате на референдум нешто што ви го дарувал Господ, а вие се сомневате во него и референдумски го поганите со изговор дека е тоа демократија и демократски, неспособни за елементарна логика, бидејќи размислувате со цревата и подолу од нив, а не со умот, кој како што ви го дал, така можеби и ви го зел Господ, будејќи не знаете или сте неспособни да се служите со него.
При крај сме, драг читателу. Како што рече и Исус при испуштањето на последниот здив на крстот „Свршено е!“ Но Неговото „Свршено е“ значеше антиципација на нова епоха во која неговиот татко ќе ја укине севозможната, не само цивилизациска, ентропија и ќе создаде Ново Небо и Нова Земја. Тоа, а не она „свршено е“ на Заев и евроатлантските сатрапи на смртта што значи: крај на Македонија и на македонскиот идентитет на Македонците, мигрената на Европа. Добро, ама Македонците имаат необична и вампирска способност да излегуваат од гробот и смртно да ги плашат, имено, нивните гробари. Тоа, господине Заев и евроатлантски сатрапи, посебно миленици на госпоѓа Шекеринска, ќе се случи и сега. Бидете подготвени на тој кошмар! Строг ли сум или праведен драг читателу? Или и едното и другото?