Имунизирањето на народот не смееше да ги следи слепата посветеност кон европската интеграција и геополитичката безалтернативност на оваа влада. Истата таа мораше одамна да се замени со практичноста во борбата против пандемијата. Повеќе од две третини од светските дози веќе се обезбедени од националните влади што претставуваат само една шестина од светската популација. Каде сме ние. Очигледно никаде. Доцниме како во сѐ друго
Понижувањето е најпотценетата сила во политиката и меѓународните односи. Во односите меѓу луѓето, како и нациите, понижувањето може да доведе до бесмислени постапки, честопати погубни за државите. Наивно верувавме дека времето на историските понижувања на македонскиот народ заврши со независната на Република Македонија. Како што гледаме продолжуваат и не запираат со оваа власт. Незаборавна во колективната меморија на македонскиот народ ќе остане сликата на пристигнување на буквално првиот пакет вакцини како донација од Србија, која солидарно ги сподели со нашата држава додека не стигнат нарачаните. А замислете, Србија не е ни членка на НАТО. За жал, бевме сведоци на класична геополитика на (само)понижување, која оваа власт не може да ја перципира поради сиромаштија на достоинството.
Сиромаштијата на достоинството објаснува многу повеќе однесување отколку сиромаштијата на парите. Во глобалната борба за ковид-вакцини, Македонија целосно се маргинализира. Поради нашата неспособност и неодговорност дозволивме да станеме дел од распространетото глобално понижување, кое ја следи новата реалност на малите држави предизвикана од пандемијата на ковид-19 и вакцинирањето. Како што вакцината против ковид-19 станува геополитичка алатка ние самите дозволивме да станеме дел од уште една геополитичка игра на големите. Во предаторските стратегии за вакцините, каде што глобалната побарувачка за нив стана голема геополитичка игранка, ние го играме тангото на смртта.
Искуството од претходните пандемии и почетокот на пандемијата на ковид-19 сугерираат дека при реагирање на вакви настани, националните влади имаат тенденција да ги следат своите интереси наместо да го следат глобално координираниот пристап. Свесни за (не)ефикасноста на глобалната програма за вакцинирање, националните држави настојуваа да добијат први пристап до набавка на вакцини за да ја покажат грижата за своите граѓани.
Раководејќи се од начелото: животот и здравјето на нацијата пред сѐ, овие држави го промовираа вакциналниот национализам. Секако не можевме да го очекуваме ова од нашата анационална власт, која сама за себе тврди дека национализмот не ѝ личи. Како што не ѝ лични и грижата за сопствениот народ. Затоа ќе се радуваме на донации и милостина од другите, кои прво се погрижија за своите.
До одреден степен можам да прифатам дека Македонија е жртва на околностите. Но зарем власта беше толку кратковида да не види дека ЕУ разбирливо ќе го насочи своето внимание кон потребите за вакцинација на земјите-членки, оставајќи им мал простор на оние надвор од клубот, мала можност освен да чекаат како нас, или да се свртат кон други извори на снабдување. Што правиме сега кога експлодира војната со вакцините во ЕУ. Како по обичај, ништо. Ние сме колатерална штета во оваа битка за вакцините. Дури ни ограничениот пристап до западните вакцини не ја присили оваа влада вакцините да ги побара на друго место. Неуспехот на Македонија да постигне напредок на фронтот на вакцините одамна е алармантен. Сега повеќе од кога било. Кога чекате милостина добивате само нејасни ветувања за хуманитарна помош од системот Ковакс некаде во текот на пролетните месеци. Кога, господ знае. А во меѓувреме ризикуваме да оставиме илјадници незаштитени граѓани длабоко во текот на зимата, во време кога кружат нови попреносливи варијанти на вирусот.
Тековниот пристап на Македонија кон прашањето со вакцините е рецепт за геополитичка катастрофа. Што ни менува нас дека светот е на работ на катастрофален морален неуспех со вакцините против ковид 19, кога цената на овој неуспех ќе ја плаќаме со човечки животи и економска деградација.
Наместо брза имунизација, оваа власт ги продолжува агонијата на пандемијата и човечкото и економско страдање. Имунизирањето на народот не смееше да ги следи слепата посветеност кон европската интеграција и геополитичката безалтернативност на оваа влада. Истата таа мораше одамна да се замени со практичноста во борбата против пандемијата. Повеќе од две третини од светските дози веќе се обезбедени од националните влади што претставуваат само една шестина од светската популација. Каде сме ние. Очигледно никаде. Доцниме како во сѐ друго.
Едно не можам да разберам. Како власта не може да го види кошмарот во кој нѐ втурна со имунизацијата против коронавирусот. Никако да разбере дека кризата со задоцнетата имунизација е истовремено и политичка криза.
И дека поради нечија негрижа и неспособност сега сме вовлечени во геополитичката игра со смртта и животот, во која ние губиме со секој нареден ден. Доста нѐ шокираат од нивото на некоректни изјави во врска со вакцинацијата. Еден ден некој ќе мора да биде прашан како и по која цена оваа влада ги калибрира ризиците по животот со геополитичкиот ризик. А дотогаш ни останува да молиме и да се молиме. Зашто сме ем понижени ем невакцинирани. А власта заборава дека никој не е поопасен од оној што бил понижен. Би додал и од оној што е очаен.