Додека глумиме држава и божем умно настојуваме да ги утврдиме проблемите и најдеме решенија за излез од бездната во која се наоѓа Македонија, мнозина наивно веруваат дека станува збор за нашата инхерентна (вродена) државна (политичка, економска, социјална) слабост и неспособност. Најагилните веруваат дека „од нас зависи“ и дека за катастрофалната состојба не се виновни само неспособните олигарси на власт (способни само за печалење за свој интерес), туку и сите граѓани што станале нивни заложници, па ги толерираат и трпат без оглед каква будалаштина ќе направат или кажат. Се плашам дека е доцна за вакви идеалистички повици и идеи: со Македонија одамна владее геополитиката! Во секоја пора на нашето живеење поголемо е влијанието на надворешните фактори и нивните ривалски интереси што се прекршуваат врз наш грб, отколку што има некаква „суверена“ власт. Ова наше позиционирање божем на Запад, во вид на некакви интеграции (кои повеќе личат на патеката од жолти тули во „Волшебникот од Оз“ отколку на автострада што води кон некаков прогрес), е мантрата што трае веќе три децении. Од тоа, цели две децении како Македонија е предмет на т.н. меѓународен стејтбилдинг, т.е. стана глушец за експериментални цели (и што би рекол до уши насмеаниот и циничен Орданоски: Па, луѓе тоа функционира!) на т.н. меѓународна заедница.
Резултатите од охридскиот рецепт ги видовме пред неколку дена на улиците на Скопје, каде што немаше Вевчански карневал за да се „втеруваат правда и поредок“, па полицијата си гледаше сеир за време на одвивањето на сцената „кластер Монструм“. Но затоа ќе ве апсат ако не носите маска кога одите до продавница или шетате по кејот. Договорите со Бугарија и Преспа се само логична последица на Охрид: сите тие беа можни само под услов овде да живее аморфна маса, луѓе на кои можете да им извршите секаков геополитички инженеринг, можете да ги месите и преименувате и да ги дисциплинирате, а тие да се помират со судбината. Нивните професори по право ќе кажат во бизмарковски стил: „Сè е во согласност со закон, устав и уставен закон“. Другите молчат за да не бидат видени како антизападни елементи. Важно, децата ќе учат сексуално образование од седум години, во држава во која феноменот „Јавна соба“ е преслаба метафора за целиот разврат од „Јавната куќа“ што се одвива ачик, во институциите и пред медиумите.
Македонија била рангирана меѓу најкорумпираните држави, според најновата листа на Транспаренси интернешнал. И каква новина е тоа? Се прпелкаме на дното, затоа што корупцијата е системски вградена, и уште поважно, благословена од оние што вистински ја поседуваат моќта – а тие не се ни на Илинденска, ни на Бихаќска, па ни во Белата палата. Имате уставен модел заснован на етнички и лукративни трансакции, и тој беше смислен и наметнат однадвор – за мир без демократија, нели? Можеби ќе звучи фаталистички и детерминистички, но буквално сè е предодредено со инсистирањето или толеранцијата на тие што ја поседуваат моќта на оваа геополитичка локација: бизнис-климата (експлоатацијата), образованието, медиумите, невладините, политичките елити и лидерите!
Државите како нашата, кои имаат несреќа да не поседуваат внатрешни капацитети и да се заложници на односот на големите сили, немаат ни внатрешна ни надворешна политика. Тие се како куклени играчки придвижувани од невидливата рака на некои други. Тоа што Шекеринска вели дека одамна сме можеле да обезбедиме вакцини, ама тие се грижеле за популистичкиот ефект и антиваксерското влијание на оние што се сомничави, е повеќе смешно од трагично. (Исто е и со изјавите на Заев дека ќе му наредел на „Телеграм“ да ја затвори „Јавна соба“.) Тие не располагаат со никаква моќ надвор од она што им го дозволуваат западните господари, пред кои се единствено одговорни. Се разбира, Македонија не е единствената држава во која расправата за вакцините е бесмислена само затоа што нема да ги има уште многу долго (кој ќе го преживее овој „нацистички вирус“ што ги елиминира најстарите и најслабите). А ако ги има, се знае како ќе се распределуваат – како и сè друго. Со партиски списоци, по хиерархијата во жабурнакот.
Поентата ми е дека пандемијата само ги доведува во најсилен контраст вистините за светот во кој моќта да се одлучува за тоа кој ќе живее или умре (вистински или симболички) е во рацете на глобални, а не државни елити. Читам анализа на Европскиот совет за меѓународни односи (и самиот гласноговорник на Моќта) за тоа како државите од „поширока Европа“, т.е. од европското соседство, се во дилема дали смеат да набават вакцини од „незападните“ земји, додека самата ЕУ не е ни подготвена ни способна да покаже солидарност со нив.
Авторите го поставуваат „судбинското прашање“: Дали неспособноста на ЕУ ќе ги натера да се свртат кон Исток? Геополитиката на вакцините е само еден аспект на геополитиката на пандемијата. Корените на неправичната распределба на вакцините на глобален план лежат во темелите на неолибералниот социоекономски поредок, а тој почива на профит, нееднаквост и нехуманост (отсуство на солидарност со Другите – сиромашните, различните, далечните).
На почетокот на пандемијата исти дебати водевме за начинот на распределба на основната медицинска опрема, па дури и на маски и ракавици, а речиси една година подоцна зборуваме за вакцините (за миг да ја оставиме настрана приказната за нивната ефикасност, траење и сл.). Вакцините се користат и како средства за казнување и дискриминација (на пример, кога во Израел не се планира вакцинирање на Палестинците или кога Иран е под санкции од Западот за увоз на медицинска опрема) или како парички за поткусурување, дури и во регионален план. Пандемијата ја покажа важноста на постоење на државен, јавен апарат и на неговата способност да ја гарантира безбедноста на граѓаните. Може да се зборува за јакнење на елементите на биополитиката, на политика што се однесува на животот како таков (и смртта, се разбира). Но државата колку што е насочена кон управување со населението и неговите потреби внатре, мора да располага и со способност да комуницира со светот и да носи одлуки во сопствен интерес. Но држава е Германија или дури и Белорусија и Србија, кои барем се трудат да се однесуваат така. Македонија е на исто ниво како и Украина: чека милост од Западот, кој претходно ги демократизира со шарени револуции, каде што цвета корупцијата, но беа пофалени за послушноста.
Глобалната биополитика, меѓу другото, ги следи линиите на расцеп за кои одамна пишуваше Хантингтон во „Судирот на цивилизациите“. Во таквиот свет, кој ниту е нов ниту почна со пандемијата, Македонија била и останува вејка на ветерот, како и сите други држави на светската периферија. Како и на секој друг план, таа не покажува одлики на држава, па дури и милостината од Белград или Софија, а да не зборуваме за Брисел, елитите ја сметаат за причина за гордост и се фалат. Лојалноста кон НАТО (и Западот) е тоа што ја определува нивната политика, буквално на секој план: економија, инвестиции, инфраструктура, па сега и вакцини. Но Западот си има свои приоритети, а ние остануваме на „опашката“.
Се разбира, геоекономијата на вакцините е другиот падеж на оваа приказна за која не знаеме како ќе заврши: со масовно вакцинирање со форсирање на експерименталната фаза во производството, науката не може со сигурност да каже колкава е таа заштита и колку ќе трае. И какви социополитички ефекти ќе внесе во животот и ќе го измени сфаќањето за човековите слободи и права. Она што се знае е дека засега најголеми победници во трката со вакцините (но и лековите и разните суплементи) се фармацевтските корпорации. А корпоративниот капитал е движечката сила на геополитиката; националните држави се од второстепено значење. Тие што не се ни држави се тотално неважни, нивното население – потрошна роба. Ние сме во положба што само малку се разликува од таа на луѓето што страдаат во војни или од глад, а прашањето на животот и смртта е само филозофско прашање. Затоа што не умееме да го поставиме во политичка форма – и да се избориме за животот пред смртта!