Владата ги укина кризните мерки воведени поради корона-заебанцијата. Ги укина, како што ни објаснија, бидејќи граѓаните биле непослушни и не ги почитувале мерките. Па шеесет и шест проценти граѓани, исто така не го почитуваат насилно наметнатото име Северна Македонија. Ај да го укинеме! Не, а?
Сепак, се согласувам со фактот дека граѓаните се виновни. Затоа што се непослушни. Безобразници. Логично е да се укинат мерките затоа што луѓето не слушаат. Никако поради фактот дека тоа беа крајно глупи мерки. Блескава влада не носи глупи мерки. Граѓаните се тие што се глупи и непослушни. Не може да биде глупа влада кога во свои редови има „великих умовима којима су шетали по световима и сви су ги гушкали и сакали кад су они бацували пенкалама, фрлали сидрове да би лаѓе пловуле, а не тонуле“.
Јасно? Нормално дека е јасно. Редно време е да се укинат мерките и тоа веднаш по четириесет и осумчасовен полициски час, кога се бара продолжување на вонредна состојба и отворање кафеани, затоа што ако не сакате на избори има да ви се воведе вонредна состојба до крајот на животот, која секако ќе се укине, затоа што граѓаните се непослушни и не разбираат дека новозаразените и починатите се доказ дека го победивме вирусот, кој можеше да нè победи нас, ама блескавата влада го изолира во цркви и во џамии, па го заклучи таму со непослушните и сега можеме на избори.
Логично, нели?
Нормално дека е логично. Тоа е новата нормалност. Ха, прекрасна кованица. Новата нормалност. Нешто што немаше да им падне на памет на Орвел и на Хаксли по три дена мозгање. Затоа му текна на Сорос. Па наш Зоќи Вокер ја собра од него. Сеедно. Генијално звучи. Седнале Гебелс, Жданов и Големиот брат, па ја смислиле. Нова нормалност, ама не можам да престанам да си ја повторувам. Сметам дека веднаш треба да се собере агитпроп составен од врвни претставници на граѓанството луѓенца и интелектуалната бижутерија, па да ја создадат генералната линија на новата нормалност. Како што на времето марксисти ленинистите ја создадоа генералната филозофска линија на Советскиот Сојуз. И нема мрдање од неа.
Нема веќе индивидуално мислење. Има да мисли и одлучува што треба да се мисли само колективот и тоа според правилата на генералната линија на новата нормалност. Некогаш предметот Марксизам беше заменет со Филозофија, сега ќе ја исфрлиме Филозофијата и ќе го воведеме предметот „новата нормалност“. Има да се учи од петто одделение. Ако некој случајно застрани од новата нормалност ќе си спроведе самокритика пред колективот. Ако пак некој намерно застрани, се знае, на превоспитување во логор.
Марксистичко-ленинистичката филозофија признава само два филозофски правци: идеализам и материјализам. Генералната линија на новата нормалност ќе признава само една филозофска догма, која гласи, само материјализмот е идеализам.
Старата нормалност веднаш да биде прогласена за ненормална. Кој сака да продолжи да живее со навиките на отфрлената стара нормалност треба да се прогласи за реакционер, за болно ткиво што ја напаѓа новата нормалност и веднаш хируршки да се отстрани. За таа цел треба да се создаде тајна полиција чие име може да биде НОНОРМ, скратено од нова нормалност.
Нонормите ќе упаѓаат по дома, среде ноќ секако, за да најдат скриени остатоци од старата нормалност. Ако ти најдат нешто такво, веднаш те апсат. Ако не најдат, што знам, во шкаф, под перница, по фиоки, пак те апсат, оти може криеш парчиња стара нормалност во својот ум. Таму кај што ќе те однесат има низ нос да ти ги извадат тие непотребни и опасни за иднината срања, од твојот ум.
Така некако треба да се спроведува новата нормалност, демократски и цивилизирано преку диктаторски методи на терор што секако се европски вредности. А генералната линија на новата нормалност има свои протоколи. Пет на број. Дојде моментот тука да бидат објавени.
1. Ако народот е непослушен, најдобро е таков народ да се укине. На негово место да се постават три коси црти. Но за да се знае од каде доаѓаат тие коси црти, мора да се лоцираат. Затоа генералната линија на новата нормалност предлага северни коси црти.
2. Штом нема народ, глупо е тој народ да има јазик. Затоа е подобро на косите црти да им се даде дијалект. Тој дијалект мора да припаѓа на некој јазик. Најдобро е тоа да биде некој соседен источен јазик.
3. На три коси црти што зборуваат дијалект, сосема им е непотребна историја. Црти како црти, некој ги чкртнал и толку. Утре може некој да одлучи да ги пречкрта или сами да се пречкртаат и тоа е тоа. Затоа најпаметно е историјата што некогаш ја имале да им се раздели на соседите како задушница на некогашниот народ. Подобро е од таа историја некој да има корист, отколку да се фрли во контејнер.
4. Северните три коси црти што зборуваат соседен источен дијалект, ама немаат историја, сепак ќе мора да имаат своја религија. Генералната линија на новата нормалност за официјална религија го наметнува западниот атеизам. Религијата ќе се почитува преку принесување жртви на пантеоните во Брисел и во Вашингтон. Новата нормалност инсистира да бидат жртвувани расколниците нарекувани старонормалци. Така што ни останува само југот. Таму може да одат на одмор.
5. Петттиот протокол на генералната линија на новата нормалност е веројатно најезотеричен од сите. Гласи вака! Секои северни три коси црти што зборуваат источен дијалект, а веруваат во западниот атеизам, имаат избор. Или брзи избори или полициски час. На брзи избори еден им е изборот. А брзи избори, слепи пратеници раѓаат. Затоа што правдата е слепа. Ако правдата прогледа, ќе нема мир. За мирот, пак, се грижи НАТО. Кому не му се допаѓа ова, нема бегање од полициски час. И тоа вечен полициски час.
Секако новата нормалност треба да биде поддржана и од нашите стратегиски партнери. Штом бидат објавени нејзините протоколи, логично е Европската Унија да ни додели датум за почеток на имплементирање на новата нормалност.